1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српската опозиција немоќна против Вучиќ

Ивица Петровиќ
22 февруари 2017

Откажувањето на Томислав Николиќ од претседателската кандидатура предизвика нови калкулации во опозициските кругови во Србија. Сепак, мали се шансите таа да има заеднички претседателски кандидат.

https://p.dw.com/p/2Y1eB
Belgrad Serbien Wahlen
Фотографија: picture-alliance/dpa/O.Toskic

Мали се шансите опозицијата во Србија на претседателските избори да излезе со еден заеднички кандидат, а дури и да успее, најверојатно нема да може да го победи кандидатот на владејачката партија, актуелниот премиер Александар Вучиќ. Таа проценка не е многу утешна за опозициските приврзеници, но како што објаснува за ДВ Ѓорѓе Вуковиќ, директор на Центарот за слободни избори и демократија, ништо не се менува по откажувањето на Томислав Николиќ. „Вучиќ останува фаворит на изборите. Клучното прашање е влезот во вториот круг. Дури и ако се случи ситуација да дојде до втор круг, во него најверојатно ќе влезе Војислав Шешељ. Проевропскиот дел на опозицијата ќе има проблем нивниот кандидат воопшто да влезе во вториот круг“, смета Вуковиќ.

Двајца опозициски кандидати веќе ги најавија своите кандидатури, Вук Јеремиќ и Саша Јанковиќ, но тие немаат партиска поддршка. Вуковиќ притоа вели дека владејачката коалиција веќе има преку 60 отсто поддршка меѓу партиски определените. „Не постои таква збирна мотивација која граѓаните би ги натерала од апстиненција да преминат во партиципација. Таа партиска мотивација е клучна, бидејќи тоа се луѓе кои се политички активни и кои ќе излезат на избори. Во истражувањата не гледаме голема заинтересираност на оние кои не се партиски идентификувани да излезат на избори“. 

Đorđe Vuković Medija Centar Belgrad
Ѓорѓе ВуковиќФотографија: Medija Centar Belgrad

Победа во прв круг?

Иако постоеја сомнежи во фингиран судир меѓу Вучиќ и Николиќ во однос на претседателската кандидатура, неспорно е дека врвот на Српската напредна партија (СНС) длабоко здивна по откажувањето на Николиќ. Оттука, одредени челници на СНС едвај дочекаа повторно да прогласат победа на Вучиќ уште во првиот круг. Социологот Весна Пешиќ вели дека „на Вучиќ, како и на Путин, не му е важно само да победи. Тој мора да победи со 80 отсто поддршка и потоа да им порача на Хан, на Ангела Меркел, на Мекалистер и на останатите, дека во Србија нема друг освен него. Доколку се кандидираше Николиќ, тогаш можеби ќе мораше и во втор круг, а притоа, како голема кукаквица, ќе мораше да се појави и во некој дуел, а тоа сака да го избегне по секоја цена“.
На дилемата дали повеќедневната кавга околу фотелји и функции остави мачен впечаток во јавноста и дали опозицијата тоа може да го искористи, Весна Пешиќ одговара со контрапрашање:

Vesna Pesic
Весна ПешиќФотографија: DW/I. Petrovic

„А каде некој од опозицијата може било што да каже? Можете ли да отидете на РТС и да зборувате за тоа? Постојат црни листи и опозицијата е практично отсечена од главните медиуми. Јас се борев против Милошевиќ и тоа беше песна во однос на ова. Бев на речиси сите телевизии, во сите дуели, со речиси сите важни политичари на тогашниот СПС и ЈУЛ“.

Вуковиќ наведува две важни причини зошто смета дека опозицијата нема никакви изгледи на претстојните избори. Првата е фактот што Србија не е диктатура, а втората што опозицијата е финансиски многу слаба. „Опозицијата нема пари, ниту сега постои некое расположение во меѓународната заедница да ја финансира, како што беше случај во 2000. година. Сето тоа влијае на крајниот исход“, вели Вуковиќ.