1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сточарот Јакоб Милер од Кимското езеро

18 април 2010

Јакоб Милер е сточар. Заедно со сопругата имаат фарма. Сточарот Милер, кој е многу поврзан со природата, е среќен што живее на Кимското езеро. Тој живее таму каде што другите одат на одмор.

https://p.dw.com/p/MAko

5 часот и 30 минути наутро. Надвор е се‘ уште темно, но работата го вика Јакоб Милер. 49-годишниот сточар ги собира кравите од пасиштето и ги тера во шталата. Сопругата Бербел ги чека него и животните пред влезот. „Мојата сопруга се грижи за тоа сите животни да отидат на своето вистинско место. Секое животно има свое место. Таму се приклучува на машина за молзење.“

Кога кравите, конечно, ќе се сместат во нивните боксови (лежишта), добиваат сено за јадење. Јакоб Милер и сопругата се постојано зафатени со хранење и галење на кравите: животните треба убаво да се чувствуваат, зашто тогаш поедноставно можат да се измолзат. Јакоб Милер е израснат на фармата и со задоволство тргнал по стапките на своите родители. Тој ужива да се грижи за животните и го сака животот во природата: „Среќен сум и имам чувство на успех кога ќе видам како едно теле доаѓа на пасиштето, здраво е и потскокнува наоколу“, објаснува сточарот.

Gesichter Deutschlands JaMü Online Porträt 2
Јакоб Милер и сопругата се постојано зафатени со хранење и галење на кравитеФотографија: DW

Тешка работа

Работата не е само убава, туку и тешка. Милер станува секој ден во 5 часот наутро. Со работа завршува дури во 19 часот. Кравите во шталата треба да се измолзат двапати на ден и потоа повторно да се истераат на пасиштето позади имотот. Освен тоа, Јакоб Милер оди секојдневно на бачилото на планината кадешто се наоѓа еден дел од неговите животни. Тој сака да знае дали со животните е се‘ в ред и дали се чувствуваат добро.

Наутро, кога ќе заврши првото молзење, следува мала пауза. Јакоб и Бербел Милер влегуваат во куќата: „Првиот убав момент во денот е заедничкиот појадок со мојата сопруга“, вели Јакоб Милер, додека жена му ја поставува масата. Двајцата уживаат во овие заеднички моменти, зашто набргу треба повторно да се излезе надвор.

Gesichter Deutschlands JaMü Online Porträt 3
Заеднички појадок со сопругата - прв „хајлајт“ на денотФотографија: DW

На бачилото

По појадокот, Јакоб Милер заминува на бачило. Тој вози со тракторот по планината, до крајот на патот. Потоа оди пеш, преку стрмни и тесни патеки горе до бачилото.

Неговото бачило се простира меѓу два планински врва, Кампенскиот ѕид и Гедерскиот ѕид. Највисоката точка се наоѓа на височина од 1600 метри. За време на топлите месеци, кравите таму имаат доволно за пасење. Зелената трева е густа и свежа, а на 17 хектари големата планинска падина, што одговара на големината на 24 фудбалски игралишта, има сочни грмушки.

Нешто пред пладне Јакоб Милер тргнува назад. Што треба да поседува еден планински сточар? Неговиот одговор следува без колебање: „Треба да знае да се однесува со природата и да се разбира во сточарство.“ По враќањето на фармата, време е за втора рунда молзење.

Gesichter Deutschlands JaMü Online Porträt 4
Бачилото на Јакоб Милер е меѓу два планински врваФотографија: DW

Тешки времиња

Порано, сточарството на Јакоб Милер не му причинувало само задоволство, туку со него можело да се заработат и пари. Во денешно време, со намалувањето на цените на млекото, економската состојба на сточарите драстично се промени: „Поради ниските цени на млекото имаме 'дупка' во касата. Моментално работам за ’нула евро’“, се жали Милер. Сточарите во цела Европа страдаат многу сточари поради ниските цени на нивните производи. Јакоб Милер, сепак, успева да преживее: тој изнајмува три стана и извршува ситни задачи на бачилата на другите сточари: „Се обидувам во целата работа да најдам позитивни страни. Мора така да се гледа.“ Јакоб Милер не се предава.

Автор: Карла Фернандез / Виолета Вај

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска