1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравот остана и 30 години по револуцијата во Романија

Лавиниа Браниште
21 декември 2019

Кога беше соборен романскиот диктатор Чаушеску, писателката Лавинија Браниште имала шест години. Таа добро се сеќава на хаосот од декември 1989 година и на големата недоверба која владеела во романското општество.

https://p.dw.com/p/3V8oq
rumänische Schriftstellerin Lavinia Braniste
Фотографија: Alex Galmeanu

Мајка ми и јас бевме во одморалиштето Синаиа кога почнаа настаните во декември 1989 година. Веќе не се сеќавам дали мајка ми користеше одмор или таму бевме на викенд. Само се сеќавам дека беше студено и мрачно. За да се стоплиме, одевме во една пекарница каде имаше голема ѕидана печка. Се‘ беше покриено со снег и стапалата ми беа влажни. 

Одеднаш луѓето на улиците станаа возбудени и збунети. Многумина велеа дека водата е затруена. Едно момче ни тутна в раце „Манифест“, една страница од весник на која некој со фломастер напишал: „Долу комунизмот!“. Тоа беше мојот прв контакт со поимот „Манифест“. Дури како триесетгодишна забележав дека моите сеќавања на зборови се многу посилни отколку сеќавањата на луѓе. Понекогаш не сум сигурна каде за првпат сум ги сретнала луѓето кои ми се важни, но одделни зборови на толку брутален начин се влезени во моето сеќавање, што сум целосно свесна кога првпат сум ги чула. Манифестот тогаш го однесов дома, многу години тој остана во една фиока во која мајка ми чуваше важни документи.

Збрка на улиците и пред ТВ екраните

Со воз се вративме во нашиот град Браила. Дома, пред телевизорот, седеа дедо ми и баба ми, збунети исто како и луѓето во Синаиа. На единствената романска телевизија чувме повици во живо: „Браќа, победивме“.

Неодамна еден странски новинар ме праша дали се сеќавам на сцената на егзекуција на брачната двојка Чаушеску. Секако дека се сеќавам. Таа слика ја видов безброј пати на телевизија. Секоја година не‘ потсетуваат на таа сцена, таа спаѓа на некој начин во предбожиќната програма. Но, не сум сосема сигурна дали тие слики сум ги видела тогаш кога вистински се случија (25 декември 1989 година беше егзекутиран брачниот пар Чаушеску, н.з.). Можно е дури подоцна да сум дозволила тие слики да ми се врежат во меморијата. Прашањето на новинарот малку ме изненади. Тема на разговор всушност требаше да биде мојот роман „Интериор Зеро“, веќе не се сеќавам како стигнавме до соборувањето на диктаторот. Тоа се случи во еден друг свет, во еден друг живот кој не беше мој. Освен тоа, не сум ни размислувала околу тоа дали жалам или не за смртта на Чаушеску. Во 1989 година бев дете и имав сожалување кон сите живи суштества. Веројатно би се сожалила и над него. Но, одговорив поинаку, дека не би имала сожалување.

Rumänien Kämpfe auf den Straßen von Bukarest 1989
Борби на улиците на Букурешт по соборувањето на диктаторот Чаушеску на 22 декември 1989 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/AFP

Со каква цел и кој пукаше?

Тетка ми имаше едногодишен син и живееше во друг град, но не толку оддалечен од нашиот. Таа се сеќава на хаотични пукања во близина на железничката станица. Тогаш го сокрила синот во прегратките и го одвела кај своите родители, зашто знаела дека тие како пензионери нема да излегуваат од куќата и дворот. Она што денес уште повеќе ме погодува од опасноста на која биле изложени е самоволноста и апсурдноста на потенцијалната трагедија. Поради што се пукало? И кој пукал? Тоа судски никогаш не е разјаснето. Чекаме неколкуте херои на ослободувањето кои не‘ спасија од тиранијата, да умрат од старост. Потоа сето тоа генерално нема да има никакво значење, ќе остане само како една приказна.  

Есента 1989 година, кога имав шест и пол години, всушност требаше веќе да тргнам во училиште. Но, децата од мојот град уште од трето одделение мораа да работат земјоделие. Еден камион наутро ги собираше и ги оставаше со часови да работат на нивите. Притоа, таму немаше ни тоалет, ни стреа каде децата би можеле да се засолнат. Со камион ги собираа по неколку часови. Тетка ми уште страда од оштетување на бубрезите по болеста која ја добила откако со часови на дожд чекала на полето. Затоа, моите родители решија да ме испратат во училиште една година подоцна, за работата на поле да ја дочекам како поголема и посилна. Претставник на власта одеше од куќа во куќа и проверуваше колку деца има во школска возраст. Се сеќавам дека почука и на нашата врата, тогаш морав да се сокријам во куќата. Дедо ми му рече дека сум се отселила и живеам со татко ми. Тоа беше единствен пат да ни биде од помош приказна поврзана со мојот татко. 

Исти учебници, само без портрет на Чаушеску

А тогаш стигнаа настаните од декември 1989 година и никој веќе не мораше принудно да работи на нива за т.н. патриотска работа. Во септември 1990 година тргнав во училиште. До својата 19-та година учев од истите учебници како и генерациите пред мене. Некои учебници имаа иста графичка опрема како и школските книги од мајка ми, кои дедо ми ги чуваше на полиците. Единствена разлика беше што од кориците исчезна портретот на „саканиот водач“ Чаушеску. 

Rumänien 1984 | Diktator Nicolae Ceaușescu & Elena Ceaușescu, Ehefrau
Романскиот диктатор Николае Чаушеску и неговата сопруга ЕленаФотографија: picture-alliance/dpa/H. Wieseler

Значи, и јас сум производ на овој образовен систем кој за жал ни до денешен ден не е коренито променет. Во ноември 1989 година беше одржан 14 конгрес на Комунистичката партија на Романија, на која Чаушеску беше реизбран за претседател. Секако, едногласно. Како шестгодишно дете во градинката бев меѓу најстарите во групата точно таму каде и денес, кога се одржуваат избори, се наоѓа гласачко место на кое одам да гласам. Воспитувачката тогаш не‘ учеше да ракоплескаме и да извикуваме: „Чаушеску е повторно избран на 14. Конгрес!“ Ние стоевме наредени и ја извикувавме оваа реченица, шестгодишни деца кои никој не ги надгледуваше, освен воспитувачката.

Подоцна, кога како возрасна личност и сама работев со деца во училиште, се прашував понекогаш – што ли сакаше да постигне нашата воспитувачка со овој ритуал? Дали се плашеше дека некој ја шпионира и може да ја обвини дека својата група во градинката не ја вежба да ги извикува овие реченици? Или едноставно од инертност? 

Претходни колумни од авторката: 

Моја Европа: Повеќе јазици, повеќе слобода?

Моја Европа: Романија нѐ брка од дома

Веќе не се сеќавам многу јасно на некои работи од 1989 година, бев премала. Но, она на што се сеќавам е атмосферата на недоверба во општеството, која ги пронижуваше и семејствата. Стравот остана, иако последните 30 години секогаш одново примаше поинакви, нови форми. И покорноста е уште присутна. Но, оној специфичен вид на страв сепак исчезна откако толку многу зборувавме за него.

Романската писателка Лавиниа Браниште живее и работи во Букурешт. Нејзиниот прв роман „Интериор Зеро“ (во превод „Нула кома нешто“) во 2016 година беше прогласен за роман на годината.