1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Странските новинари се жалат на БНД

Саша Бојиќ
1 февруари 2018

Повеќе новинарски здруженија и истражувачки репортери од странство, меѓу кои и од Македонија, поднесоа жалба до Уставниот суд на Германија поради т.н. Закон за разузнавачката служба БНД, за напад врз слободата на печатот

https://p.dw.com/p/2rt0x
Berlin Neubau Bundesnachrichtendienste  Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Carstensen

Законот за германската тајна служба за странство, БНД, стапи во сила на 1, јануари 2017. година. Тој ја овластува оваа служба да може без какви било конкретни сомневања да  прислушува телефонски разговори и да ја надгледува електронската комуникација  на странски граѓани, вклучувајќи ги и новинарите, како и нивното користење на интернет. Претседателот на Германскиот синдикат на новинарите ДЈВ, Франк Иберал смета дека со ова се доведува во опасност тајната на идентитетот на лицата од кои новинарите добиваат доверливи информации, односно новинарските извори.

Меѓу потписниците на жалбата до Уставниот суд спаѓаат Кадија Исмаилова од Азербејџан, добитничка на Нобелова награда за 2017. година, Раул Олмос, мексиканскиот новинар кој учествуваше во истражувањето за т. н. Рајски документи, како и бранители на човечки права и новинари од Германија, Холандија, Велика Британија, Словенија, и македонскиот новинар Горан Лефков.

Се вмешаа и ОН

Според споменатиот закон, новинарите во Германија, барем теоретски, не смеат да бидат под надзор, а репортерите од ЕУ можат да бидат прислушувани само под одредени услови. Но, за сите преостанати новинари Законот важи во целосен обем, странските новинари можат во секој момент да се најдат во визирот на БНД. ДЈВ смета дека на ваков начин се воспоставуваат „две класи на слободата на печатот“. Во денешно време има сѐ поголем број меѓународни новинарски проекти како „Панамските документи“, во кои странски новинари, прислушувани од БНД и нивните германски колеги се во постојана размена на информации, па на овој начин и во Германија се нарушува доверливоста на новинарската работа. 

Актуелната власт во Германија аргументира дека спорниот закон е исклучиво во функција на „заштита на политичките интереси на земјата“. Меѓутоа, тој овозможува и широк спектар соработка со странски тајни служби и размена на информации со нив. Со тоа се легализира можноста БНД, на пример, да го прислушува „Њујорк тајмс“  и добиените информации да ги стави на располагање на американската тајна служба НСА, која за возврат ги прислушува германските новинари. Ова им беше сосем јасно и на тројцата специјални известувачи на ОН, кои извршија мала експертиза и на германската влада ѝ порачаа дека ги крши меѓународните стандарди за човекови права.

Logo der Geheimdienste BND Bundesnachrichtendienst und NSA National Security Agency auf Christbaumkugeln
БНД и НСА соработуваат во прислушкувањето новинариФотографија: Imago/Ralph Peters

Неоснован и несоодветен надзор

Известувачите Дејвид Кеј (за заштита на слободата на мислење), Мишел Форст (за ситуацијата на бранителите на човекови права) и Моника Пинто (независност на судиите и адвокатите) на крајот на јули 2016. година во експертизата наведоа дека законските одредби се формулирани на начин што постои „голем ризик БНД... да собира и анализира податоци за странски граѓани и институции кои не можат да бидат обвинети ни за кривични дела ни за некоректно однесување“. Тројцата известувачи од ОН нагласија дека посебно одредбите за масовно надгледување не ги задоволуваат критериумите за „нужни“ и „соодветни“ мерки. Освен тоа, тие наведоа дека новиот закон (кој во тој момент уште не беше донесен, но беше во процедура), буди сериозни сомнежи дека странските новинари и нивните информанти можат да бидат цел на неоснован и несразмерен надзор. Слични сомнежи известувачите изнесоа и во поглед на заштитата на комуникацијата меѓу адвокатите и нивните клиенти. 

Повеќе на темата:

Германската тајна служба ја поткопува слободата на печатот

Репортери без граници ја тужи германската тајна служба

Легализирање на она што беше нелегално

Сите новинари кои поднесоа жалба до германскиот Уставен суд во своите земји инвестигативно работат на разоткривање на корупција, даночни измами, организиран криминал и кршење на човековите права.

Интересно е што германската влада (големата коалиција на ЦДУ/ЦСУ и СПД) реши да ги преработи постојните закони за надзор по обелоденувањето на скандалот околу соработката на БНД и НСА, односно по откритијата за недозволените прислушувања вршени од НСА, кои ги објави Едвард Сноуден. Така се дозна дека БНД ја „ чешла“ електронската комуникација на граѓаните врз основа на содржани клучни поими за пребарување, добиени од НСА, т.н. селектори. Селектори можат да бидат подделни зборови, но и телефонски броеви или адреси на лица за кои се интересираат тајните служби.

Во февруари 2017. година магазинот „Шпигел“ откри дека БНД уште од 1999. година вршел надгледување на странски новинари на реномирани медиуми, меѓу другото на Би-Би-Си, Ројтерс и „Њујорк тајмс“. Наместо да го сузбие таквиот начин на работа, германската влада со новиот закон едноставно го - легализираше.