1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стручна работна сила од странство - реткост во Германија 

Сабине Кинкарц
6 ноември 2021

Во Германија сè повеќе недостасува стручна работна сила, но само 16% од компаниите регрутираат такви профили од странство. Студија на Бертелсман ги истражува причините. 

https://p.dw.com/p/42ZSE
Migranten Symbolbild
Фотографија: Imago Images/E. Krenkel

Речиси 34 милиони луѓе во Германија се во редовен работен однос. Тоа е нов рекорд. Но, истовремено расте и бројот на непополнети работни места. Населението старее, сè повеќе луѓе заминуваат во пензија, а наталитетот и натаму е низок што значи дека бројот на потенцијални работници во годините што следат ќе продолжи да се намалува. Сè повеќе компании се жалат на недостиг на квалификувана работна сила. Ова стана еден од најголемите бизнис ризици за германското стопанство. 

Колку се влошува ситуацијата покажува анкета на Институтот за испитување на јавното мислење Цивиј спроведена по налог на фондацијата Бертелсман. Од 7500 компании вклучени во анкетата, 66% одговориле дека не можат да најдат доволно квалификувани профили. Минатата година само 55% сметале дека годинава ќе имаат таков проблем. 

Од година во година сѐ полошо 

Ситуацијата е различна во зависност од браншата, регионот, описот на работното место и квалификациите. Ако ги прашате компаниите на кои им недостасуваат квалификувани кадри каков профил им е најитно потребен, секоја втора компанија ќе ви одговори дека им се потребни лица со стручно образование. Академици недостасуваат кај секоја четврта компанија. Во однос на браншите најмногу недостасуваат негуватели и здравствени работници.

„Факт е – на Германија ѝ недостасуваат работници,“ предупреди во август првиот човек на Агенцијата за вработување, Детлеф Шеле. „Од негуватели до мајстори за клима уреди, до логистичари и академици. Насекаде има недостиг на квалификувани работници,“ рече тој. Според Шеле потребни се околу  400.000 лица од странство на годишно ниво за да се „затворат дупките“ на пазарот за работа. 

Повисоки плати, многу обуки и обѕир кон семејството 

 Но, во пракса регрутирање на работници од странство во Германија до сега играше подредена улога. Студијата на Бертелсман покажува дека само 16% од испитаните компании регрутираат работници од странство. Повеќето се обидуваат да ги привлечат домашните работници со особено атрактивни понуди. 

Јазикот е најголем проблем 

Од 1 март 2020 во Германија стапи на сила закон со кој на квалификувани работници од земји надвор од ЕУ им се олеснува вработување во Германија. Па сепак многу германски компании избегнуваат да регрутираат  работници од странство.  Причините се различни, но како главен проблем се наведува непознавањето на јазикот, како и неможноста соодветно да се оценат квалификациите на оној што бара работа. 

Германските болници полни со медицински сестри од Балканот

Слични одговори дале компании кои веќе имаат регрутирано  работници од странство.  Но, тука се покажува дека одредени задршки се основани. На пример во однос на јазичната комуникација и разбирање. Во пракса пак се покажало дека бирократските пречки се помали отколку што првично се чинело. 

Олеснети процедури

Фондацијата Бертелсман смета дека политичките напори да се подобри доселувањето на работници од странство веќе дава резултати. На пример преку забрзани процедури, јазично усовршување и преку подобро информирање за  признавање на странските стручни квалификации.  Но, „сè уште има пречки за регрутирање работници од странство и покрај евидентниот напредок и олеснувања во процедурите,“ предупредува Матијас Мајер, експерт за миграција во фондацијата Бертелсман. 

Студијата покажува дека дури 67% од анкетираните компании сметаат дека следната година ќе имаат  недостиг на квалификувана работна сила.  „Само ќе се зголемува недостигот на квалификувани работници и не гледам брзо решение на проблемот. На нашето општество му се потребни одржливи решенија за да се справиме со демографските промени и социјално-еколошката трансформација,“ вели Мајер. 

Пожелни транснационални партнерства за обуки 

Клучно е доследно да се спроведува Законот за доселување на  работници од странство.  Според експертот за миграција, тоа значи стекнатите вештини во странство да бидат според меѓународни стандарди и полесни за препознавање и оценување. 

Партнерства меѓу Германија со другите земји за спроведување заеднички обуки може да помогнат и да придонесе кон задоволување на потребите на компаниите и подобрување на квалификациите на бараните работници. Дури 57% од анкетираните компании сметаат дека би било добро ако има повеќе меѓународни договори за вработување или обука на квалификувани работници. 

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ