1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студен туш од Бугарија – прва блокада на патот кон ЕУ

ДТЗ /ДВ
6 ноември 2020

„Среќен сум што ја имаме поддршката од страна на Германија“, изјави премиерот Зоран Заев откако информираше дека е прекршен членот 2 од Договорот, со што е испратена не така пријателска порака од соседна Бугарија.

https://p.dw.com/p/3kyMH
Bulgarien neue Regierung 07.11.2014
Фотографија: BGNES

По интензивната дипломатска активности и тензии изминатиот период на релација Софија – Скопје, денеска пристигна и првата блокада од Бугарија, на патот кон ЕУ, којашто во земјава се толкува како „не баш пријателска порака од соседот“.

„Ја имаме првата блокада од Бугарија. Денеска е прекршен членот 2 од Договорот, ние досега не прекршивме ништо. Ова е непријатно чувство. Треба да бидеме паметни и да го решиме спорот на пријателски начин, а денеска е испратена не така пријателска порака од соседна Бугарија. Првиот чекор е блокиран“, соопшти премиерот Зоран Заев по увидот на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар.

Според Заев, членот 2 од Договорот за добрососедство вели дека Бугарија треба да нѐ поддржува кон патот за интеграција. Бугарската страна треба да го сподели своето искуство, со цел да ѝ помогне на С. Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија и да ја поддржи Македонија за добивање покана за членство во НАТО, согласно соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО, дециден е Заев. Тој вели дека е среќен што ја имаме поддршката од страна на Германија. Ваквата изјава доаѓа по интензивната дипломатска активност во Берлин, со чие посредство високи претставници на Скопје и Софија се обидоа да изнајдат решение за спорните прашања околу кои се кршат копјата изминатиот период. Двете држави се сопнаа околу историските прашања, за кои решение не изнајдоа ниту историчарите на двете земји на тридневниот состанок во октомври во Скопје.

Надеж дека ќе се најде решение

Во Брисел денеска се одржуваше дискусија на амбасадорско ниво за преговарачката рамка за Северна Македонија, како и за Албанија. На состанокот на КОРЕПЕР (постојаните претставници/амбасадори на земјите членки на ЕУ), кој беше воден од германскиот амбасадор, не е постигната согласност за усвојување на преговарачката рамка за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, поради тоа што претставникот на Бугарија демонстирал задршка, односно одбил да даде поддршка.

„Разочарани сме од одлуката на Република Бугарија да не го поддржи усвојувањето на Рамката за преговори за Северна Македонија, што не е во согласност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017. Ние остануваме посветени на Договорот и уверени сме дека тој претставува одлична рамка за менаџирање на билатералните прашања и нуди механизми за надминување на проблемите. Во таа насока подготвени сме да дадеме појаснувања за да ја отстраниме загриженоста што се појавија во Република Бугарија“, брифираат од Владата.

Nord-Mazedonien Der Ministerpräsident der Regierung in Nord-Mazedonien, Zoran Zaev
Треба да бидеме паметни и да го решиме спорот на пријателски начин, вели премиерот ЗаевФотографија: Government of North Macedonia

Ставот на македонската Влада е дека „правото на самоопределување е неприкосновено право. Македонскиот идентитет и македонскиот јазик се факт и за тоа не треба да се разговара, бидејќи нашиот идентитет не предизвикува никакви претензии кон никого, ниту сега, ниту во иднина“.

Од Владата веруваат дека со засилена комуникација и дополнителен ангажман постојат можности за излезни решенија за да има успех за сите, за македонската интеграција, за Република Бугарија, за регионот и за Европската Унија. Во спротивно ќе има само споделен неуспех со што сериозно ќе биде доведено во прашање проширувањето на ЕУ како нејзин геостратешки интерес.

„Благодарни сме за силниот ангажман на германското претседателство и на силната поддршка од сите земји членки овој процес да заврши со успех и во интерес на вредностите на кои почива Европската Унија. Северна Македонија нема да отстапи од остварувањето на нашата стратешка цел, споделена и прифатена со Европската Унија, да ги отпочне преговорите за членство и продолжува да биде активен учесник во разговорите коишто продолжуваат наредните денови“, велат од Владата.

Деновиве ќе има средби на КОРЕПЕР, како и состанокот на ГАК (General Affairs Council, средба на министрите за надворешни работи или министри за ЕУ на земјите членки) и состанокот на Европскиот Совет, на кои уште еднаш ќе бидат предочени македонските аргументи со цел да се афирмираат можностите да се надмине оваа ситуација.

Министерски совет

Министерскиот совет на кој треба да се носи одлуката за преговарачката рамка е одложен за една недела. Министерскиот совет, кој требаше да се одржи на 10 ноември е одложен за 17 ноември поради критичен контакт на германскиот министер за Европа, Михаил Рот, со лице позитивно на Ковид-19. Ова го соопшти портпаролот на германското претседателство на Твитер, Себастијан Фишер.

Исход

По средбата во Берлин, пристигнаа оптимистички сигнали во земјата дека интензивните контакти меѓу Скопје и Софија ќе резултираат со надминување на недоразбирањата, особено во однос на последните инсистирања на бугарската страна С. Македонија да признае дека македонските идентитет и јазик имаат бугарски корени. Место да се приближуваат, двете земји се чини се повеќе се оддалечуваат по последната вест за блокадата.

Ваквиот исход како да го навести шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева која вчера испрати непопустлива порака дека Бугарија во овој момент не е подготвена да ја одобри преговарачката рамка.Таа потенцира дека Бугарија ги поддржува земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ, но нагласи дека бугарската поддршката за С Македонија никогаш не била безусловна.

„Постои Договор за пријателство и добрососедство, кој беше потпишан во 2017 година, но одредбите не се спроведуваат. Во Скопје се обидуваат да избегаат од тоа. Во последните месеци Бугарија неколку пати најави дека е можно да не ја одобри првата меѓувладина конференција или преговарачката рамка меѓу Северна Македонија и ЕУ“, изјави Захариева.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи