1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сугестии до Заев: Збогувајте се со ДУИ!

26 април 2019

Иако од Владата и претходно, и сега велат дека соработката со ДУИ е коректна и се темели на доверба, во јавноста има сомнежи за ваквите тврдења. Стигнуваат и јавни сугестии - Заев да се збогува со ДУИ

https://p.dw.com/p/3HTuu
Parlament in Skopje Mazedonien Umbenennung zu Republik Nordmazedonien
Фотографија: Reuters/T. Georgiev

Поранешниот потпретседател на СДСМ и универзитетски професор Гордан Георгиев вели дека единствено решение за рејтингот на Владата на Заев е прекинување на коалицијата со ДУИ и формирање влада со албанската опозиција која има поголем легитимитет од партијата на Али Ахмети.

„Би му се заблагодарил на ДУИ за услугите во Владата. Би преговарал со албанската опозиција која има пратеници и легитимитет во парламентот. Со 80.000 гласови на Блерим Река тие партии имаат и дополнителен изборен легитимитет и чукааат на врата на Владата. Велат, 'тука сме, имаме капцитет'. ДУИ само паѓаат. Би си го проверил бројот на пратеници кои ме поддржуваат како премиер. Доколку се согласат албанските опозициски партии да влезат во таа влада - добро, доколку не - ќе одиме на брзи предвремени избори“, изјави вчера Георгиев во емисијата „24 анализа“.

Пријателство што трае 

Иако од Владата и претходно и сега велат дека соработката со ДУИ е коректна и се темели на доверба, во јавноста има се повеќе сомнежи во ваквите тврдења. На социјалните мрежи се коментира дека „ДУИ игра на два колосека“, дека „таа се повеќе и штети на Владата“, а деновиве следат и прашања: „Премиерот Заев најавува 'чистка', но дали ќе ги исчити оние кои беа во коалиција со Груевски и се уште и служат на ВМРО-ДПМНЕ?“

Treffen zwischen Zoran Zaev und Ali Ahmeti
Фотографија: DW/V.Kalinski

Сомневањата дека ДУИ од една страна учествува во Владата, а од друга шурува и со опозиција, не се нови, но добиваат потврди во практиката. На ваквите аспекти се осврна и актуелниот градоначалник на Гостивар и генерален секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари. Тој пред три дена за ДВ изјави дека и на сегашните избори повторно се покажало на дело „пријателството на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ“. Тој потсети дека тоа се видело и по прашањето за (не)одземање на имунитетот на поранешниот собраниски претседател Трајко Вељаноски побарано поради истрагата за настаните од 27-ми април 2017 година, но и на вонредните локални избори за градоначалник. Како пример за тоа го посочи епилогот во Дебар, единствената од трите општини која минатата недела доби градоначалник уште во првиот круг.

„Во Дебар се покажа дека функционира коалиција ВМРО-ДПМНЕ-ДУИ-СДСМ. Само соберете ги гласовите што таму ги освоиле Гордана Сиљановска и Стево Пендаровски, и автоматски ќе ја добиете бројката на гласови со која кандидатот на ДУИ, Хекуран Дука, победи во трката за градоначалник во првиот круг“, изјави Таравари.

(Не)случајни случувања во ИВЗ

Но, и друг настан фрли сомнеж во односите меѓу двата коалициски партнера.

По настаните во ИВЗ токму меѓу двата круга од претседателските избори, вниманието го привлече соопштението на ДУИ, во кои се апелираше „Владата, судовите и останатите државни институции да се однесуваат согласно уставните начела на автономност и независност на верските заедници и соодветно на тоа, во целост да ги почитуваат одлуките на органите и телата на ИВЗ“.

Повеќе:

-Поглавар што посакува нечија смрт

-Метла за втор круг

-За метлата и опинците

Со оглед дека и ДУИ е дел од Владата, остана впечатокот дека партијата на Ахмети со ваквиот апел се обраќа до македонскиот партнер, но и прашањето: дали ДУИ на тој начин се факторизира кај муслиманските верници, обидувајќи се да наметне перцепција дека од неа зависи ефектуирањето на нивните гласови во вториот изборен круг? Односно, дека таа ќе запре какви било критики за ИВЗ, кои, пак, немаат никаква врска со нарушување на автономијата на таа верска заедница, туку исклучиво со неговото однесување кое стана предмет на постапки во Обвинителство заради повеќе случаи на говор на омраза. Но, ова го наметна прашањето дали и колку случувањата во ИВЗ ќе се одразат на цензусот во вториот изборен круг? 

„Можеби истрагата ќе покаже и дека некој од политички причини планирал тоа да се случи токму сега. Јас за тоа ниту можам, ниту сакам да шпекулирам“, изјави вчера заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

Но, дека оваа тема и натаму ќе се тркала на политички терен, говори фактот дека вицепремиерот Бујар Османи остварил средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, на која меѓу другото, се разговарало и за настаните во Исламската верска заедница.

„Инцидентот со упадот во ИВЗ претставува срамен чин кој ја загрозува секуларноста на земјата и уставно загарантираната автономија на верските заедници во Република Северна Македонија, и очекувам од Владата, но и од останатите институции да преземат активности со кои ќе ја заштитат независноста на ИВЗ“, се наведува во изјавата на Османи.

Reis ul Ulema Hadzi Sulejman Efendi Redzepi
Фотографија: MIA

Кој на кого му се меша во работата? 

Вниманието во јавноста кон себе го сврти лично поглаварот на ИВЗ. Тој се закани дека „пред почетокот на кампањата за претседателските избори, ќе бидат принудени во 700 џамии во земјава да ги информираат верниците за долготрајната дискриминација“, обвинувајќи ја Владата за бавните судски постапки за враќање на имотот на ИВЗ. Пред две недели македонскиот народ го нарече „див народ, кој нема идентитет и никогаш нема да го има“. Неговото име беше поврзано со дивоградби на Матка, за чие санкционирање сите се прогласуваа за „ненадлежни“, а под параванот „автономија на ИВЗ“ со години се мижи и пред фактот дека оваа верска заедница десет години не поднела ниту една завршна сметка. Меѓу ретките кој се осврна на овој аспект е лидерот на ДПА, Мендух Тачи. Како што пренесуваат медиуми, вчера во гостувањето на ТВ „Клан“ изнел критики за поглаварот на ИВЗ.

„Ги собрал луѓето во една соба, го сменил уставот на ИВЗ со желба биде доживотен поглавар. Институциите треба да интервенираат. Овој криминалец излегува пред камери и вели - јас сум босот. ИВЗ треба да се ослободи. Треба отчет за аџилакот и парите кои аџиите ги давале на ИВЗ и за многу друго“, изјавил Тачи.