1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

„Корона-вирусот останува светска опасност“

Бернд Ригерт
14 февруари 2020

„Се‘ додека вирусот во Кина не е ставен под контрола, од една регионална епидемија може да настане светска пандемија,“ вели германскиот сојузен министер за здравство, Јенс Шпан во интервју за ДВ.

https://p.dw.com/p/3XlKY
EU-Ministerrat | Coronavirus | Jens Spahn
Фотографија: DW/L. Schulten

Министрите за здравство од ЕУ во Брисел одржаа кризна средба за сузбивање на корона-вирусот. Не се договорени конкретни мерки, туку поинтензивна размена на информации. Постои загриженост од можни тесни грла во снабдувањето со лекови и заштитна облека, кои се произведуваат во Кина. По седницата, новинарот на Дојче веле, Бернд Ригерт, разговараше со германскиот сојузен министер за здравство, Јенс Шпан.

Дојче веле: Какви дополнителни мерки треба да преземат Европа и Германија за да спречат корона-вирусот да прерасне во светска пандемија?

Јенс Шпан: Најпрво е потребна координирана акција во Европа и во меѓународни рамки. На европско ниво се прават големи напори за постигнување координација. На ниво на Г7 (најважните индустриски држави во светот) извршивме телефонски разговори. Важно е да сме подготвени за вистински да спречиме вирусот, со исклучок на Кина, да премине во други региони и да предизвика толкави последици како во Кина. Мораме да спречиме настанување светска пандемија. Доколку тоа сепак се случи, мора да сме подготвени за пронаоѓање нови терапии и вакцина. Постојано мора да ги споделуваме информациите и сознанијата за корона-вирусот. Секоја недела се дознаваат нови детали за него. Колку е заразен, колку е сериозно заболувањето? Мораме да добиеме на време за да дознаеме повеќе.

ДВ: Дали имате намера да ги ограничите патувањата од и во Кина, како што направија на пример САД?

Во Германија им дадовме налог на пилотите пред слетувањето да соопштат дали во авионот има патници со симптоми. Патниците мора да дадат податоци каде може да бидат контактирани во следните 30 дена. Можеби треба да воведеме нови правила за да дознаеме кои патници имале контакти со луѓе од Вухан. Тоа го дискутиравме на министерскиот состанок. Нема потреба од мерење на телесната температура на патниците, зашто знаеме дека тоа нема да помогне, со оглед на времето на инкубација и инфекции без симптоми.

ДВ: Им верувате ли на бројките за инфицираните, добиени од комунистичкиот режим во Кина?

Мора да има поголем број на инфицирани отколку што се официјално соопштените бројки. На пример, променета е дефиницијата за инфекција. Во статистиката се прикажани само случаи каде настапуваат симптоми на болеста, но има многу инфекции без симптоми. Мислам дека постојат многу поголем број случаи отколку прикажаните во статистиката. Тоа е многу важно. Ако се споредат смртните случаи со вкупниот број на инфекции, се добиваат други релации.

ДВ: Кина е во состојба да воведе исклучително драконски мерки, цели градови се парализирани. Дали ЕУ би била во состојба да направи нешто слично ако тоа биде потребно?

Морам да кажам дека сум под голем впечаток на она што го презема Кина во повеќе аспекти. Но, кога кај нас во Германија на пример доаѓа до појава на сипаници, а тие се многу позаразни од корона-вирусот, тогаш ние можеме да се справиме со нив и без да ставаме цели градови во карантин. 

ДВ: Кога ќе помине најлошото?

Тоа е навистина големо прашање, кога само би го знаел одговоорт на него! Проблем е што не знаеме доволно за вирусот. Затоа мора да преземеме бројни превентивни мерки за наша подготовка, се‘ додека не знаеме што навистина го предизвикува вирусот и колкави се штетите од него. Досега во Европа функционира препознавањето и сузбивањето на корона-вирусот. Во состојба сме да ги прекинеме инфекционите синџири. Но, мора да признаеме, ова важи денес. Можно е да дојде до влошување на ситуацијата пред да дојде до нејзино подобрување. Се‘ додека вирусот во Кина не е ставен под контрола, од една регионална епидемија може да настане светска пандемија.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија