1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЈО ни на небо, ни на земја

10 април 2019

Власта и опозицијата засега се далеку од договор за Законот за Јавно обвинителство. Од ресорот правда велат дека останале клучните разлики, а Владата ги демантира шпекулациите дека СЈО заминува во историјата.

https://p.dw.com/p/3GXJL
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Новата верзија на предлог-законот за Јавното обвинителство не ги доближи позициите на власта и опозицијата. И покрај тоа што учесниците се договориле да не соопштуваат детали во интерес на процесот, завчерашните преговори на кои присуствувале и лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, произведоа бројни шпекулации околу наводен договор за иднината на СЈО - надлежноста, форматот, составот...

По еден медиумски наслов „СЈО заминува во историјата, договориле лично Мицкоски и Заев“, Владата на „Твитер“ се огласи со демант на таквите шпекулации.

„СЈО не заминува во историјата! Не е точно дека се заклучило дека СЈО нема да продолжи да функционира и дека било договорено опозицијата да предложи нов Јавен обвинител. Преку законот за СЈО единствено нешто што ќе замине во историјата е неказнивоста“, објави Владата.

Отворени прашања

По шпекулациите, и Министерството за правда преку соопштение потврди дека се одржала средба на која се разгледувал последниот законски текст за Јавното обвинителство, но откри дека суштинските разлики останале.

Mazedonische Premier Minister Zoran Zaev  und Hristijan Mickovski
Фотографија: Regierung der Republik Mazedonien

„Со оглед на тоа што клучните разлики остануваат, двете страни се согласија консултациите за законот да продолжат. Уште еднаш потенцираме дека сите политички партии треба да дадат приоритет на европската перспектива на нашата држава, земајќи ги предвид препораките на Европската Унија и меѓународната заедница кои се однесуваат на владеење на правото и правната држава, а кои се клучни за отпочнување на преговори со Европската Унија“, се вели во кусото соопштение од Министерството за правда.

Повеќе:

-Невладините бараат да се слушне нивниот глас за СЈО

-Заев не ја дава Катица Јанева

-Мицкоски ја ниша фотелјата на Јанева

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, пред неколку дена изрази надеж дека партиите ќе постигнат компромис за СЈО, со што во јуни ќе се отвори пат за почеток на преговори за членство во ЕУ.

„СЈО покажа големи достигнувања, и за ЕУ и за сите земји-членки е важно да се знае дека СЈО треба да продолжи со својата работа и да покаже уште поголеми достигнувања за судските предмети. Ние се надеваме и очекуваме дека сите партии во парламентот ќе најадат начин да му овозможат на СЈО да ја продолжи работата“, порача Жбогар.

Мицкоски: Ова е понуда „земи или остави“

Од Министерството за правда не откриваат колку и кои од 65-те амандмани што ги достави работната група на ВМРО-ДПМНЕ се вметнати во новиот законски текст. Неофицијално потврдуваат дека се прифатени оние измени кои се поврзани со одредби во Етичкиот кодекс за обвинителите, но не и оние кои може да ги загрозат процедурите и статусот на СЈО. Извори од двете работни групи, без да наведат детали, потврдуваат дека се уште има отворени прашања за кои ќе се разговара, но и дека воопшто не се сигурни дали ќе се најде решение во претстојниот период. 

Работата под притисок на времето вчера ја критикуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. StojanovskiDW/P. Stojanovski

„Ако навистина беше важен овој закон за Јавното обвинителство, власта ќе ни го дадеше на разгледување во ноември, декември, а не сега во март и ни велат - ајде сега да го усвоиме. Тоа е понуда 'земи или остави'. Ние сме за преговори, но ако имаме еден закон за кој ни велат 'земи или остави', тогаш што ќе им е опозиција? А ние велиме - ние сме овде, тие се овде, и ајде да се најдеме во средина. Веруваме во правдата и треба да преговараме“, рече Мицкоски во интервју на ТВ „Алсат-М“.

Според него, сегашниот однос е класичната потврда дека она што го мисли Заев, го кажува Пендаровски.

„Вели Пендаровски на митинг: 'Ќе правиме двотретинско мнозинство'. Тие може на сила да направат, како што правеа кога го менуваа Уставот, но никој нема да верува дека законот е направен како дел од реформи во правосудство, зашто законот ќе служи за политички реваншизам“, изјави Мицкоски, потенцирајќи дека токму поради тоа е многу важно тој закон да се легитимира и од опозицијата, бидејќи тогаш ќе може да се зборува за реформи во Јавното обвинителство и во судството.

Мнозинство за враќање на Уставот

Но, важноста на двотретинското мнозинство, Мицкоски ја потенцирал во однос на враќање на Уставот во претходната состојба. Како што објави партијата, тој изјавил дека „ако ВМРО-ДПМНЕ на следните парламентарни избори излезе со програма во која ќе вети дека доколку победи ќе му бидат неопходни 80 пратеника и Бадинтерово мнозинство за да го врати Уставот пред да се случи Зоран Заев на македонската политичка сцена, ќе се борат тоа да го направат“.

Притоа потенцирал дека тој како политичар нема да го изговори името на државата со придавката „Северна".

„Од мене, како политичар, никогаш нема да слушнете име со придавката на нашето уставно име, без разлика на тоа дали е реалноста ваква каква што е, или ќе биде поинаква, онаква каква што јас ја замислувам“, изјавил Мицкоски.