1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талер: Времето не работи за Македoнија!

15 јуни 2010

Македонија и датум за преговори не се најде во заклучоците на европските министри за надворешни работи во Луксембург. Европратеникот Зоран Талер предупредува: Македонија без компромис сама ќе се симне од агендата на ЕУ.

https://p.dw.com/p/NrHb
Талер не е оптимистФотографија: Petr Stojanovski

Разочарани но не и изненадени, е чувството на европските претставници кои се занимаваат со Македонија. Најистакнатиот меѓу нив, Зоран Талер, за Дојче веле објаснува дека ЕУ е уморна поради впечатокот дека Македонија лажно преговара за името.

“Дојдовме во ситуација во која ако Македонија не дојде брзо до компромис, тој имиџ на ’лажно преговарање’ навистина ќе и‘ наштети, времето не работи за Македонија. Тоа се гледа кога ќе го споредиме вчерашниот состанок со декемврискиот. Тогаш практично сите министри зборуваа за и во полза на Македонија. А, вчера фактички, само словенечкиот министер Жбогар настапи, сите други се воздржаа.“

Талер уште еднаш предупредува дека без компромис со Грција, Македонија сама ќе се симне од дневниот ред на ЕУ. После ќе биде многу тешко да се врати назад.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Подотворена врата?

По најавите на грчкиот заменик-министер за надворешни работи, Димитрис Друцас, дека Македонија и Грција никогаш не биле поблиску до краен компромис за името, во Брисел се споменува дека е можно навраќање на Македонија на 26-ти јули на следниот министерски состанок на ЕУ. Се разбира само доколку дотогаш се реши името.Талер не верува во оваа варијанта.

“Се изнаслушавме со месеци и со години дека сме на милиметар од договор, но гледам дека се‘ е тоа мачкање очи. Јас лично би бил пресреќен ако се случи во јули, но не верувам. Грција успеа да ги убеди сите свои партнери да не мрднат со мал прст. Ако навстина дојде до договор, ќе биде супер, многу врати ќе и‘ се отворат на Македонија, но нема индикации за такво нешто.“

Македонскиот премиер Никола Груевски утре треба да пристигне во Брисел. Тој има средба со еврокомесарот за проширување, Штефан Филе. Какви ќе бидат пораките во голема мера ќе зависи од денешниот говор на премиерот на роденденската прослава на ВМРО ДПМНЕ.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Жана Ацеска