1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Тајфунот Мангкут беснее во јужна Кина

СН/ агенции
17 септември 2018

Во Хонг Конг, Макао и во Кина, супер-тајфунот предизвикува пустош, а според медиумските извештаи има и мртви и повредени. На Филипините, бројот на жртвите од налетот на Мангкут се зголемува.

https://p.dw.com/p/34ylj
China Taifun Mangkhut
Фотографија: Reuters/J. Lee

Тајфунот Мангхут стигна до јужното крајбрежје на Кина, и таму, според наводи на новинските агенции, загинале најмалку две лица. На Филипините, каде што невремето претходно беснееше, бројот на жртвите се искачи на најмалку 65 -  а се стравува дека тој ќе порасне поради опасните одрони на земјиштето.

Повеќе од 2,4 милиони луѓе се евакуирани во јужната кинеска провинција Гуангдонг. Тајфунот стигна до кинеското копно вчеравечер (по локално време) со поројни дождови и ветер со брзина од околу 160 километри на час. Според државните кинески медиуми, на некои места имало бранови повисоки од три метри. На речиси 50.000 рибарски бродови им е наредено да се вратат назад до нивните пристаништа.

Hongkong Taifun Mangkhut
Фотографија: picture alliance/AP/V. Yu

Штети и повредени во Хонгконг и во Макао

Милионската метропола Хонг Конг со часови беше држена во костец од страна на супер-тајфунот: телевизиските станици прикажаа слики на поплавени улици и обилни дождови што го погодија градот. Силниот ветер корнеше дрва, кршеше  прозорци и и уриваше скелиња од бамбус, па дури и еден градежен кран. Според очевидци, повеќе облакодери дури и се нишале под налетот на Мангкут.

Разурнувачката моќ на Мангкут

Во соседната коцкарска метропола во Макао, за првпат во историјата казината беа затворени по наредба на властите. Новинските агенции јавуваат за 15 повредени лица.

Стотици летови беа откажани во овие две специјални административни области и во соседните кинески провинции. Експресните возови и други железнички врски во кинеските провинции Гуангдонг и Хаинан, исто така, мораа да запрат со работа.

China Taifun Mangkhut
Фотографија: Reuters/J. Lee

Флоренс го поплави истокот на САД

Во меѓувреме, на другиот крај на светот, тропската бура Флоренс продолжува да ги држи во костец сојузните држави на источниот брег на САД. Големи делови се под вода поради екстремно поројните врнежи и големите бранови предизвикани од бурата. Метеоролозите предупредуваат од натамошни поројни дождови. Бројот на жртвите во налетот на Флоренс се зголеми на најмалку 17.