1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Трагично потфрлување на ЕУ во Македонија“

З.Јордановски/дипресе/фокус2 јули 2015

ЕУ е виновна за назадувањето на демократијата во Македонија, пишува „Ди Пресе“. Магазинот „Фокус“ навестува укинување на парите што Германија им ги плаќа на барателите на азил од Балканот.

https://p.dw.com/p/1Froi
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Со години ЕУ не прима на знаење дека македонската внатрешна политика се развива во негативна насока. Со опструкцијата од Грција, таа дури и придонесува за влошување на политичката клима“, вели виенскиот весник „Ди Пресе“ во поднасловот на гостинскиот коментар „Трагично потфрлување на ЕУ во Македонија“.

На почетокот се констатира дека пред една деценија, кога Македонија доби статус на кандидат за ЕУ „се чинеше дека и’ претстои сјајна иднина. Десет години подоцна таа иднина стана многу далечна“. Потоа во написот станува збор за скандалот со прислушувањето како „симбол за назадувањето во демократскиот развој“, а за настаните од Куманово се вели дека „укажуваат на потенцијалот на насилство кај латентните фрустрации“. Но, „вината за тешката ситуација не е само кај македонската влада. Овде е многу повеќе очебијно едно тешко потфрлување на ЕУ во нејзиното неспоредно соседство“, констатира авторот.

Кај „незаконското прислушување“ на „еден процент од целото население“, покрај „кршењето на правото“, уште повеќе „побуна предизвикува содржината на прислушуваното. На владеачката партија и премиерот Груевски им се префрлува (...) покрај другото, за подмитливост, злоупотреба на власта, застрашување, противправен притисок врз судовите и политички мотивирани апсења. И покрај тешките прекори, случајот не е третиран со средства на правната држава“.

Mazedonien EU Flaggen
Фотографија: AP

Но, затоа пак на удар на правосудството се најде човекот кој го обелодени скандалот - водачот на опозицијата; постапка „која во меѓувреме има традиција во Македонија“. Тука е наведено дека последните години се’ повеќе има обвиненија против членови на опозицијата, оти со критиката „наводно му нанесле ’лична и морална штета‘ на шефот на владата“.

„Одамна е познато дека владеачката партија не ја почитува парламентарната демократија во Македонија“, вели авторот Флоран Мариак, и аргументира со насилното исфрлање на опозицијата и медиумите од парламентот во декември 2012 година. „Авторитарните тенденции“ на владата на Груевски не го засегнуваат само „функционирањето на парламентарната демократија. Тие доведоа до некроза на институциите на правната држава и на граѓанското општество во Македонија“. Според авторот, посебна загриженост предизвикува состојбата во медиумите: престанокот со работа на критичките телевизии и весници, како и „финансирањето или контролирањето на преостанатите“ од страна на владата.

„„ЕУ, наспроти ова, со години го врти погледот. Нејзин врвен приоритет е зачувување на стабилноста на мултиетничката земја“ од страв да не се повтори вооружениот конфликт од 2001. „Учеството на албанските партии во владината коалиција ја дозволува удобната илузија дека Македонија се решила за патот на напредокот. ЕУ беше задоволна со тоа. Притоа превиде дека владеачките партии не се стремат кон општо добро, туку бескрупулозно ги следат нивните интереси поврзани со власта.

Но, ЕУ не само што го врти погледот. Таа згора на тоа уште и придонесе за влошување на политичката клима во Македонија“, коментира авторот и се навраќа на спорот со Грција околу името. И покрај пресудата на Меѓународниот суд на правдата во полза на Македонија, за Европа „и натаму првенство има принципот на солидарност со Грција. Практичниот резултат е безизгледноста на Македонија за пристап кон ЕУ. Демократското назадување и растечкиот национализам во Македонија недвосмислено се во меѓузависност со затишјето во европските интегративни стремежи на земјата.

ЕУ досега само неволно се занимаваше со оваа тема. Нејзините Извештаи за напредокот со години го минимизираат демократското назадување во македонија. Со отсуството на критика, нејзините претставници и натаму ги легитимираат корумпираните и авторитарни елити на земјата. Граѓанското општество не се ни споменува (а камо ли да биде инволвирано во ЕУ-процесите), а дискусија за позицијата на ЕУ во спорот околу името не е на агенда. Згора на тоа, Европската народна партија ја кочи критиката против владата на Груевски во Европскиот парламент“.

На кризата нема да и’ стави крај ни медитацијата на Хан, комесарот на ЕУ, „оти не ја препознава длабочината и размерот на демократското назадување на земјата, оти обновата на меѓупартиската комуникација - на што цели медитацијата, нема да биде доволна да ја компензира структурната ерозија на демократијата во Македонија, оти организација на предвремени избори без независни медиуми ќе биде само процедурален, безначаен напредок, оти е неопходен постојан, многу поинтензивен ангажман на ЕУ во Македонија за повторно да се воспостави владеење на правото, за да се деполитизира администрацијата и да се стави крај на присвојувањето на државата за приватни и партиски интереси на водечките елити.

Во времиња на акутен конфликт на нејзините граници ЕУ не може да се дозволи потфрлување во Македонија. Зашто, тоа би укажувало на губење на нејзината трансформативна сила во регионот и пошироко“, се констатира на крајот од написот во „Ди Пресе“.

Германија веќе нема да им дава пари на азилантите од Балканот?

Symbolbild Bundesländer rechnen mit mehr Asylbewerbern
Фотографија: Sean Gallup/Getty Images

Магазинот „Фокус“ информира дека барателите на азил од таканаречените сигурни земји можеби наскоро во Германија веќе нема да го добиваат „џепарлакот“ од 140 евра месечно. Магазинот се повикува на изјава на шефот на Сојузната служба за миграција и бегалци Манфред Шмит, кој се надева дека „со тоа ќе биде намален мотивот за мигрантите, првенствено од Западен Балкан“.

Според „Фокус“, значителен дел од мигрантите во Германија доаѓа од државите на Западен Балкан, иако нивниот број опаѓа откако Србија, Босна и Херцеговина и Македонија беа прогласени за сигурни земји. Но, нагло скокнал бројот на баратели на азил од Албанија. „Во моментов 30 000 Албанци сакаат да добијат азил во Германија. На тие луѓе шверцерите им прикажуваат лажна реалност“, цитиран е Шмит. „Само 0,1 до 0,2 процента од луѓето од државите на Западен Балкан добиваат азил; сите други се одбиваат, оти тие се овде од причини за кои не се дава таква заштита. Тоа мора да има консеквенции“, вели Манфред Шмит. Една од можностите, според него, е бришење на месечниот џепарлак. И не само тоа, туку и „прогласување на сите држави од Западен Балкан, значи и Албанија, Косово и Црна Гора, за безбедни држави на потеклото“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема