1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп, Црна Гора и Трета Светска Војна

Томас Лачан
19 јули 2018

Доналд Трамп повторно засјае со особено инсајдерско познавање на НАТО: „Црна Гора е мала земја во која живеат многу агресивни луѓе“. Ух, ова ќе биде опасно! Полемизира Томас Лачан.

https://p.dw.com/p/31jbO
Neandertaler Rosenmontagsumzug in Mainz
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Neumann

Доналд Трамп отсекогаш велеше: НАТО е излишно. Кој се е дел од Алијансата: Оние Германцине, кои сакаат постојана заштита, ама да не платат за тоа. Оние Британците на кои не им успеа ниту да ја тужат ЕУ за Брегзитот. И на крај оние „планинските“ народи кои ни две, ни три може да започнат Трета Светска Војна ако не си особено внимателен. Зошто човек да си ја ризикува стабилноста за нешто вакво?

Доналд Трамп – постојано многу заинтересиран за географија...

Трамп на својот омилен медиум Фокс њуз зборуваше во бес. Модераторот го праша за смислата на Алијансата и обврските кои ги носи членството во НАТО: „Зошто треба син ми да оди во Црна Гора за да ја заштити од напад?". Одговорот на Трамп беше урнебесен: „Да, Црна Гора. Тоа е мала земја со многу силни луѓе. Многу силни луѓе и многу агресивни. Тие може да бидат многу агресивни – и честито, веќе влеговте во Трета Светска Војна."

Повеќе:

-Трамп и опасноста од „агресивните Црногорци“

-НАТО и здодевниот чичко Трамп

-Сатиричен протест - „бебето Трамп“ лета над Лондон

Трамп и друг пат се има докажано со особено познавање на светот. „Белгија е една многу убава земја со убави градби", рече тој за време на предизборната претседателска кампања во 2016 година откако го нарече Брисел „пеколен град". Во друга пригода твитна: „Застрелан човек во париска полициска станица: Германија е комплетен криминален хаос“. Еднаш кога зборуваше за Африка, си измисли нова земја со име „Намбија“, чиј здравствен систем бележи подобрување за разлика од сите „дупки од држави" чии имиња не мора ни да ги памтиш.

Непресметливи Балканци

Сега Црна Гора е на ред. Човек може да си замисли како полека се оформува сликата во неговиот мозок – сликата на диво балканско племе кое зад карпите го чека својот плен. Таму вее леден ветер што ќе те заледи. „Црна Гора“ – што во превод значи црна планина, самото име звучи заканувачки! Тука веќе многу луѓе ги „изел мракот“. Тука живее едно мало и „агресивно“ народче. Непресметливо, диво и наоружано до заби. Еден вид бесни герила борци, муџахедините на Балканот со набилдани мускули, со високо ниво на тестостерон и затоа се подготвени да го нападнат секој што ќе се осмели да помине по планинските патчиња. И тие ли треба да ги браниме, се прашува Доналд Трамп. И сосем е во право.

Трамп предупредува од Црна Гора

„Видете што се случи во Шведска", еднаш потенцираше тој за да покаже колку драматично може да ескалира една ситуација. Цел свет после тоа се прашуваше „што ли случило во Шведска?". Но, одговорот на тоа и не е толку важен. Ама баш истото би можело сега да се случи и во Црна Гора и тоа 100% би било кобно.

Равенка со повеќе непознати

Доналд Трамп ја менува иднината на НАТО. Исто и на нас Европејците. Но за разлика од нас тој се прашува какви ли се тие луѓе и народи кои ние мора да ги браниме без да си платат за тоа. „Ама така било тоа поставено во НАТО", му одговара Трамп на збунетиот новинар на телевизијата Фокс, и додава „ама тоа беше пред моето време.Но јас отидов и им реков, морате да си платите, и во тоа е и целата работа. Тие ништо не плаќаат. Пресметајте си го сега тоа во равенката со Црна Гора!„

Патем во таа равенка составен дел е и тоа дека таканаречениот  „Сојузнички случај“ во кој сите членки на Алијансата се обврзани да застанат во одбрана  на една членка , досега во историјата на НАТО само еднаш бил активиран и тоа по нападите од 11 септември 2001 година. Тогаш беа нападнати Американците и возвратија со масовен воен ангажман во Авганистан. Во духот на Трамп во искушение  сме да се запрашаме„САД се голема нација со многу силни и многу агресивни луѓе. Знаат да станат многу агресивни и честитки веќе си среде воена интервенција." Ама без гајле, такво нешто ние никогаш не би направиле. Оти видете што се случи во Црна Гора!