1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Тричленa комисиja ќе гo „чешла“ судството

ДТЗ /ДВ
29 декември 2020

Проветрувањето во правосудството може да започне, оценија надлежните. Со интерни документи се исцртани правилата на игра по кои ќе се оценуваат судиите и обвинителите 

https://p.dw.com/p/3nKvD
Deutschland Hanburg Statue der Justitia
Фотографија: picture-alliance/dpa

Годинава се поведени дисциплински постапки против петмина јавни обвинители во Северна Македонија коишто направиле повреди во работењето, а еден обвинител од скопското обвинителство поднел оставка откако било утврдено дека подолго време чувал десетици предмети во фиока. Слични случаи имало и во другите обвинителства во земјата, како и во обвинтелството за гонење на организиран криминал и корупција. „Токму затоа е потребна филтрација и во редовите на обвинителите“, вели државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, во пресрет на најавеното проветрување на правосудството, коешто треба да започне наскоро.

-повеќе на темата: Ќе има ли чистка во судството?

Деновиве завршија и последните подготовки за долгонајавуванот процес. Прочистувањето меѓу обвинителите ќе се спроведува преку Правилникот кој ќе почне да се применува од јануари. Половина од предметите кои ќе ги чешлаат јавните обвинители ќе ги избираат самите, а половина по случаен избор, по што на секои шест месеци ќе се оценува работата на секој обвинител од основните обвинителства. Работата на судовите и судиите, пак, ќе ја проверува тричлена комисија од Судскиот совет, за што веќе е изготвен интерен план којшто треба да се спроведе во текот на идната година.  

Стотици судии под лупа

Стотици судии и илјадници судски предмети наскоро би можеле да се најдат под лупата на тричлена комисија, којашто ќе биде задолжена за проветрувањето во судството. Кои предмети ќе се разгледуваат во процесот на филтрација во правосудството, ќе се утврдува согласно новиот Интерен план за оценување на судиите, кој го усвои Судскиот совет. Овој план ќе започне да се спроведува наскоро и со него е предвидено формирање на тричлени комисии, кои покрај работата на судиите, ќе ја оценуваат и работата на претседателите на судовите.

-повеќе на темата: Маричиќ за ДВ: Времето на „наши“, „ваши“ и „недопирливи“ е завршено!

Комисиите составени од членови на Судскиот совет најпрво ќе ги „чешлаат“ судските предмети за кои има претставки од граѓаните, оние коишто застареле или се пред застарување, предмети коишто предизвикуваат сомнежи околу законитоста во постапката, како и сите случаи на организиран криминал што се воделе во Кривичниот суд во Скопје. Тричлената комисија ќе има можност да поднесе барање за утврдување одговорност на судија доколку е утврдена нецелосна анализа на доказите од страна на судијата, ако е донесена недоволно аргументирана пресуда, ако се одбиени докази предложени од странките, како и во спорни одлуки за притвор, заплена на имот или замрзнување на финансии.

Deutschland Justiz Gerichtssaal OLG Karlsruhe
Од први јануари ќе започне да се оценува работата на обвинителите според новиот ПравилникФотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Проветрувањето може да започне

Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, вели дека од први јануари ќе започне да се оценува работата на обвинителите според новиот Правилник, со кој смета дека ќе се зајакне одговорноста кај секој од нив. Досегашните критериуми на оценување на јавните обвинители, според него, не беа соодветни. Сега со новиот Закон за ОЈО има 15 членови посветени на оваа проблематика, кои со новиот Правилник се разработуваат во делот на професионалноста и ефикасноста. „Оценувањето продолжува да го врши повисок јавен обвинител и тоа половина од предметите за разгледување ќе ги предложи самиот обвинител, а другата половина ќе бидат на предлог на неговиот претпоставен. Секако, доколку обвинителот не е согласен со одлуката од оценувањето ќе има можност да се жали до Советот на јавни обвинители“, вели Јовески.

-повеќе на темата:Лавиринтите на македонското судство: што би требало да знаете

Вратата за проветрување во правосудството се подотвори откако Советот за реформи во правосудството даде зелено светло за методологијата по која ќе се врши проветрувањето. Министерот за правда Бојан Маричиќ оцени дека конечно се создадени сите услови и проветрувањето може да започне. „По цела една година се донесоа важни одлуки. Пред сè, се усвоија интерните планови на Судскиот совет за проверката на работата на судовите, претседателите на судовите и судиите, а исто и методологијата за оценување на судиите и претседателите на судовите. Тоа е главна алатка за најавеното филтрирање и проверка на работата на судиите и судовите“, изјави Маричиќ. Според него, преку филтрацијата на судството ќе се врати изгубената доверба на граѓаните во правната држава.