1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Патување

Туризам под маски

Игор Ласиќ
5 јуни 2021

Со почетокот на новата туристичка сезона во Хрватска стапи на сила цел сет епидемиолошки мерки, со бројни олеснувања за гостите од странство.

https://p.dw.com/p/3uOEo
Kroatien I Poreč
Фотографија: Dragoslav Dedović/DW

„Мислам дека конечно со голема сигурност можеме да кажеме дека добро се подготвивме за странските туристи сезонава. Не можеме да бидеме сигурни како ќе се одвива се, но Хрватска има една значителна предност во однос на конкуренцијата: ние сме меѓу ретките во Европа кои и лани во време на пандемија имавме некаква туристичка сезона што би можело да се покаже како драгоцено искуство,“ вели Сандра Чорак од Институтот за туризам (ИЗТ) во Загреб во разговор за ДВ.

Во светло на новата туристичка сезона, Хрватска влегува со цел сет мерки прилагодени кон сите дејности кои се темелот на економскиот опстанок. Немаше доволно време за транзиција кон останатите сектори, така што стратегиите за одржување на каков таков туризам се сведени на снаоѓање во криза.

Од први јуни се воведени таканаречени Ковид пасоши на ниво на Европската Унија. Ќе ги добијат сите оние кои примиле барем по една доза од вакцините одобрени во ЕУ, но во мерките има и низа други придобивки и за останатите, како и за хрватските домаќини. Сето ова е регулирано во рамки на кампањата „Safe stay in Croatia“ („Безбеден престој во Хрватска “) за подготовка на туристичката сезона.

Мапирање на безбедни локации

„Оваа акција веќе покажа дека клучните актери во нашата понуда се во висок степен на подготвеност, па имаме реална основа за оптимизам,“ додава Чорак.

За што точно станува збор? Кампањата „Safe stay in Croatia“ ги обединува регулирањето на влезот во Хрватска, како и пронаоѓање на локации за безбеден престој и уживање во туристичките содржини со помош на е-пребарувач, и тоа по конкретни дестинации и тип на содржина, а сето тоа во согласност со епидемиолошките мерки.

За добро туристичко лето не се доволни само песок и море

Така што туристите не добиваат само сервисни информации дека за влез во Хрватска ви е потребен негативен ПЦР тест или доказ дека сте го прележале вирусот, а сега и евентуален Ковид пасош, туку тука се вклучени и попис на местата за тестирање на туристи чии матични земји на враќање бараат доказ дека не се заразиле на летување во Хрватска.

Дополнително Министерството за туризам на Хрватска воведе и национална безбедносна ознака за објекти и локации чијашто усогласеност со безбедносните мерки е официјално контролирана и јасно мапирана.

Така вообичаената глетка ќе вклучува неколку специфични елементи: маси на пропишана дистанца, ажурирани податоци за епидемиолошката состојба на епидемијата на мобилен телефон, групи туристи на местата за тестирање, верифицирани ознаки за безбедносни зони на влез во локалите. Правилата може да се менуваат во од, но ова се основните мерки. Кампањата „Safe stay in Croatia“ постави високи цели – сега следи реализација.

Задржана желбата за патување

Ова е дел од пошироката иницијатива на Светскиот совет за туризам и патување (World Travel Tourism Council – WTTC) и надеж дека ќе покаже добри резултати и во Хрватска.

„Покрај задоволителниот степен на вакцинација на туристичките работници, продолжува да опаѓа и бројот на заразени, па засега има само уште неколку активни ограничувања,“ вели Чорак.

И понатаму смеат да работат само терасите на кафетериите и рестораните, а не се дозволени масовни собири како што се концерти. „Но пазарот е презаситен од ограничувања, така што со радост ќе се дочека секоја можност за олабавување на мерите, а во Хрватска има одредени предности, дека во земјата има помали места за одмор кои тешко се претвораат во жаришта на коронавирусот, и оддалечени локации кои се погодни за семејства со деца.“

Повеќе:

Со Ковид-пасош до големата слобода, но како?

На Мајорка со грижа на совест и маска на плажа

Одмори на егзотични дестинации испреплетени со ризик

Истражувањата на пазарот на Еуромонитор покажуваат дека луѓето и ден-денес сакаат да патуваат,“ вели економистката Санда Чорак.

Таа вели дека би било корисно да се ограничи и максималниот број посетители на одредени локации: „Тоа е она што го препорачуваме за одржлив туризам воопшто, без оглед на Ковид. Ионака веќе насекаде има камери, а може да се воведат и семафори за влез на поатрактивните места,“ вели Чорак.

Недостиг на работна сила 

Чорак се согласува со нашата проценка дека следењето на состојбата, епидемиолошкото сервисирање на гостите и спроведувањето на останатите мерки мора да биде уште повеќе интегрирано заради постигнување успешен резултат. За тоа треба да придонесат и локалните кризни центри во координација со властите на државно ниво. Сепак додава дека пред Хрватска останува искушение кое може особено да дојде до израз ова лето со се поизразениот недостиг на квалификувана работна сила за туристичката бранша, без разлика на помалата побарувачка за такви услуги. Судејќи по огласите за вработување на хрватскиот туризам не му недостигаат само илјадници готвачи, бармени и собарки, туку и градинари, козметичарки, хаусмајстори итн. Работната сила за време на карантинот се пренасочила на струки кои не беа толку засегнати од Ковид-19, како на пример градежништвото. Благодарение на државните субвенции и вакцинирањето на десетина илјади работници во туризмот, поголемиот дел од работната сила сепак е задржан во браншата. Голема улога притоа одиграа синдикалните претставници, поттикнувајќи ја владата на Хрватска да ги продолжи мерките за одржување на работните места, односно финансирање на платите, што беше клучно за одржување на субјектите вон сезоната. Не помалку битен дел од грижата е насочен на договорот со работодавачите за одржување на важечките колективни договори во време на криза. 

Пресудни државните субвенции 

„Работниците во оваа сезона влегуваат фрустрирани, па многумина од нив веќе се откажаа и прејдоа во друг сектор“, вели Едуард Андриќ, претседател на Синдикатот за туризам и угостителски услуги на Хрватска. Тој додава дека „е јасно оти капиталистите не даваат плата ако нема приходи. Затоа и улогата на државните субвенции ќе биде пресудна до крај.“

Од тие причини синдикатите бараат субвенциите да продолжат и по крајот на сезоната, за во иднина во Хрватска да не се зголеми уште повеќе дефицитот на квалификуван туристички персонал. „Инаку ќе пропаднат и досегашните владини напори. За среќа годинава имаа слух за потребите на браншата, а разбирање покажаа и големите работодавачи како Маистре, Валамара, Лукшич групациите итн. Се согласија на задржување на работничките права и плата и надвор од сезоната, за да им останат работниците за летово“, објаснува Андриќ. 

Проблемот ќе се појави со големиот број помали работодавачи кои не може тоа да си го дозволат така лесно. Веќе следното лето ќе биде во знакот на импровизации со сезонски работници, а не само со детална разработка на епидемиолошките мерки. Коронавирусот наметна разни ограничувања, а кризата со работна сила е едно од индиректните. Севкупната слика на хрватскиот туризам годинава ќе зависи од балансирањето меѓу таквите деликатни моменти.