1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблеми за турските училишта во Македонија

БГ
1 февруари 2017

Повеќето од вработените во училиштето „Јахја Кемал“ во Скопје се плашат дека ако се вратат во Турција ќе бидат уапсени од режимот, пишува швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг во анализа за влијанието на Анкара на Балканот

https://p.dw.com/p/2WmOE
Erdogan auf goldenem Thron
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/H. Dridi

Внатретурскиот конфликт меѓу претседателот Реџеп Таип Ердоган и приврзениците на контроверзниот свештеник Фетула Ѓулен се префрла на Балканот, а Македонија е една од земјите каде последиците се чувствуваат и можат да имаат негативни ефекти, пишува во анализа швајцарскиот весник Ноје Цирхер Цајтунг.

„Најголем е спорот околу 40-те училишта и образовни институции кои, според тврдењата на Турција, му припаѓаат на движењето Хицмет на Фетула Ѓулен. Петнаесет вакви институции има во БиХ, дванаесет во Албанија, седум во Македонија, пет во Косово и една во Србија. Благодарение на нивниот квалитет и извонредната опрема имаат одлична позиција во образовниот систем на овие земји. Тие нудат секуларен курикулум на високо ниво, кој е далеку подобар од она што го нудат државните или некои други приватни школи. Поради квалитетот и високата школарина многу ученици потекнуваат од локалните елити.

(...) Уште од судирот со Ѓулен на крајот на 2013 година, Ердоган, преку своите амбасади, започна да врши притисок врз локалните власти да ги затворат како секуларните, така и религиозните институции на движењето Хицмет, но и приватните фирми. По неуспешниот пуч во јули, притисокот драматично се зголеми. Но владите во овие земји на различен начин реагираа на турските закани. Во Албанија и Косово, иницијативите на Анкара беа оценети како мешање во внатрешните работи, и беа љубезно, па дури и директно отфрлени. Во Босна- каде бошњачкиот член на претседателството негува блиски лични и идеолошки врски со Ердоган- се трудат колку што е можно повеќе да им излезат во пресрет на Турците, без тоа да делува како примање на команди. Во Македонија, односот кон Турција е многу флексибилен: Бараме начини како да ги затвориме овие училишта, изјави тогашниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, по пучот. 

Mazedonien Pro-Erdogan Demonstration in Skopje
Протести на поддржувачите на Ердоган во Скопје. Јули 2016 година. Фотографија: DW/K. Ozimec

Вознемиреност во Скопје

Тоа го вознемирува директорот на училиштето „Јахја Кемал“ во Скопје, Исмаил Ердил. Тој со гордост не води низ модерната, со светлина исполнета зграда. Ни ја покажува лабораторијата за ИТ, специјалните училници за природни науки и местото каде што се гради нова спортска сала. Вкупно 754 ученици, покрај регуларниот материјал,  тука ги учат и вредностите на Хицмет за дијалог, почит и толеранција кон различностите“.

(...)„ Прашан за врските со Ѓулен, директорот вели: 'Ја почитуваме неговата филозофија и ја следиме. Но тоа  не значи дека сме дел од неговата организација'.

Веднаш по пучот минатото лето, пет вработени дале отказ, а 37 деца биле отпишани од училиштето. Но нивните места биле веднаш пополнети. Драстична била реакцијата на турската амбасада која одбива комуникација со училиштето. Повеќето од 60 турски вработени не сакаат да се вратат во татковината, од страв дека таму ќе бидат уапсени. Но директорот не ја губи надежта: 'Многу македонски политичари ги испраќаат своите деца во нашето училиште. И тие ќе имаат проблем, доколку се затвори училиштето'“, пишува НЦЦ за проблемите со кои се соочуваат образовните институции блиски до движењето Ѓулен во Македонија и на Балканот.