1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Погазена академската слобода

Ана Лекас Милер/бг18 јануари 2016

По апсењето на повеќе академици во петокот, многу универзитетски професори во Турција се загрижени за својата иднина. Интелектуалната слобода е загрозена

https://p.dw.com/p/1HfBq
Фотографија: Reuters/M. Sezer

„Не бевме особено загрижени пред минатиот вторник“, ми вели еден вонреден професор на Универзитетот во Истанбул кој инсистираше на анонимност.

Тој е еден од вкупно 1,128 потписници на петицијата под наслов „Ние нема да бидеме дел од ова злосторство“, во која се осудува насилството на југоистокот на Турција и се повикува турската влада да им се врати на мировните преговори со забранетата Курдска работничка партија (ПКК). Иако професорот мислел дека се работи само за уште една вообичаена петиција- тој потпишува неколку секоја недела- последиците од неа станаа видливи во петокот кога 27 академици беа уапсени, а против неколку други, вклучувајќи го и него, беше отворена полициска истрага.

„Сега сме загрижени за нашиот живот“, вели тој. „Што ќе се случи доколку бидеме уапсени? Што ќе се случи со нашите семејства, со нашите најблиски? Со нашата иднина?“

Многу од уапсените се обвинети за навреда на турската нација и промовирање на терористичка пропаганда- обвиненија кои, доколку судот ги прифати, ќе значат затворски казни до пет години.

Критика на петицијата

Неколку водечки политичари, меѓу нив и премиерот Ахмет Давутоглу, ја критикуваа петицијата поради нејзиниот наводен недоличен речник и едностраност, оценувајќи дека таа ги игнорирала цивилните жртви од терористичките напади на ПКК. Претседателот Ердоган рече дека академиците треба „да копаат ровови во планините“ и ги обвини дека се предавници.
Сепак, потписниците велат дека со оглед на тоа што на петицијата се потпишани мнозинство Турци, нормално е таа да биде адресирана до турската влада, а не до ПКК.

Türkei Autobombenanschlag auf eine Polizeiwache in Diyarbakir
Бомбашки напад во ДијарбакирФотографија: picture-alliance/abaca/Depo Photos

„Зошто би потпишувал петиција која би била адресирана до ПКК? Тие не се организација со која треба да разговарам. Јас сум граѓанин на Турција и затоа се обидувам да разговарам со државата“, вели професорот.

Освен загриженоста за цивилните жртви на југоистокот, многумина се загрижени дека насилството би можело да се прошири и на западот на земјата, во Истанбул.

„Она што ме загрижува е што ова ќе биде војна против тероризмот. Загрижен сум дека насилството ќе се префрли и во големите градови- веќе го има во Дијарбакир. Се плашам дека ќе има напади врз метро станиците и бродовите“, вели тој.

Промена на политиката

„Владата на Ердоган преговараше со затворениот лидер на ПКК Абдула Очалан две и пол години“, вели Белул Осчан, професор на Мармара Универзитетот во Истанбул. „Тоа беше извонреден напор да се реши курдскиот проблем, и многу интелектуалци го поддржаа“.
Но од летото 2015, преговорите пропаднаа, а регионот западна во воен конфликт во кој животите ги загубија десетици цивили на обете страни. Поради влошената политичка и безбедносна состојба речиси е невозможно да се говори отворено за курдскиот проблем.

„Кога пишувам или говорам јавно, мислам не двапати, туку три, четири, па и пет пати“, вели Осчан. „Во Турција не постои слободен простор во кој може академски да се дискутира за овие проблеми“.

Иднината под прашање

Најновиот владин притисок врз академиците, а апсењата се само последниот чекор, натера многумина да размислуваат за својата иднина во професијата.
„Фактот што сѐ може да биде вака арбитрерно има проблематични последици, особено за младите научници“, вели Јусуф Салман, чија работа на Универзитетот Коч се фокусира на малцинските медиуми.
Според Советот за високо образование, политичката активност на универзитетските кампуси е практично забранета. Повеќе универзитети се обвинети дека постојано ги набљудуваат и документираат политичките активности на студентите, па дури и ги категоризираат академските кандидати според неакадемски критериуми. Доколку некој вложи политички-ориентирана жалба против член на факултетот, универзитетот мора да започне истрага.

Türkei Recep Tayyip Erdogan
Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: Getty Images/AFP/A. Altan

„Со оглед на проблемите на кои работам и за кои говорам, моите шанси за академска иднина на државниот универзитет речиси и не постојат“, вели професорот од Универзитетот во Истанбул.