1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција: Кога цената на кромидот ќе се вивне до небо...

Даниел Белут
18 април 2019

Невработеноста и падот на вредноста на лирата ја мачат Турција. Поради ценовната експлозија на намирниците, граѓаните сѐ повеќе ја чувствуваат кризата на своја кожа. Владата на Ердоган го губи угледот и бара решенија.

https://p.dw.com/p/3GxzE
Markt  Diyarbakir Türkei
Фотографија: Getty Images/AFP/I. Akengin

Долго време многу Турци ја сметаа кризата за некаква апстрактна опасност. Во меѓувреме сѐ повеќе во секојдневието ги чувствуваат последиците од неа. Во јануари кризата со турската валута се вовлече и во домаќинствата. Поточно кажано во кујната: цените на овошјето и зеленчукот екстремно се покачија. По локалните избори на 31 март, ситуацијата стана уште посериозна. За килограм кромид некои трговци бараат и до десет лири, што е околу 1,5 евра. Тоа е во просек трипати повеќе во споредба со минатата година. Ова особено ги иритира Турците, бидејќи кромидот е еден од основните намирници и се користи во речиси сите јадења на турската кујна.

На пазарот во Кадикој, населба во Истанбул која е директно на Босфорот, владее навистина лошо расположение. „Досега немам видено нешто вакво. Компири, домати, кромид порано беа дел од секојдневното мени, но годинава тие се луксузни продукти“, се жали еден купувач, кој секојдневно доаѓа на пазарот.

И еден трговец е резигниран. „Нашето земјоделие е пред колапс. Ништо не остана. Сѐ е прескапо: килограм грав 20 лири, килограм кромид десет лири, домати се продаваат по 15 лири за килограм", константира тој летаргично.

Од крајот на 2017 година падот на вредноста на лирата е екстремен, во меѓувреме достигна до 30%. И покрај тоа многу Турци сѐ уште цврсто се држат до Ердоган и неговата влада. Но се чини дека поддршката на гласачите полека исчезнува. На локалните избори од 31 март исламско-конзервативната АКП доживеа горчлив пораз во два многу важни града. Истанбул и Анкара ги освои опозицијата. Експертите сметаат дека лошата економска состојба е клучен фактор за изборниот пораз.

Повеќе: Бран стечаи во Турција

Државата презема акција против „терористите со намирници"

Според турскиот претседател Ердоган, за „теророт со намирници“ се виновни мрачни сили. Шпекулантите намерно го тргаат кромидот од продажба за вештачки да ја зголемат цената, уверен е тој. Критичарите велат дека власта е самата виновна за инфлацијата на цените на прехранбени намирници. За да ја поттикне економијата, владата на АКП со години инвестираше во градежниот сектор и ги запостави останатите сектори.

Deutschland Dr. Erdal Yalcin
Ердал ЈалчинФотографија: Ifo-Institut

„Економската политика не беше доволно одржлива и ориентирана кон иднината“, вели Ердал Јалчин, професор по меѓународна економија на Високата школа во Констанц. Премногу пари беа потрошени во инфраструктурата и во истовреме со години не успеаја да го зголемат производството. Посебно во аграрниот сектор се чувствува потфрлањето на оваа стратегија, вели Јалчин: „Турција има совршени климатски услови за продуктивно земјоделие. Па сепак, мора да увезува овошје и зеленчук, бидејќи многу малку се инвестира во земјоделието."

Не паѓа само лирата

Инфлацијата во Турција е придружена со пад на курсот на лирата. Еврото и доларот се двојно повисоки во споредба со мината година. Ова предзвика големи проблеми за многу турски претприемачи: за да може да си ги исплатат кредитите кои ги земале од странски инвеститори, тие мора да заработат двојно повеќе лири. Но исто така се зголемија и трошоците за кредитите, бидејќи странските инвеститори сакаат да се заштитат од ризици. Тоа лежи во фактот што се нема доверба во турското судство, а земјата стана и тежок партнер на надворешнополитички план, објаснува Јалчин.

Infografik Wirtschaftleistung der Türkei DE
Економското постигнување на Турција по квартали

Во последниот квартал од 2018 година турската економија за првпат регистрира пад од 2,5%. За првпат по десет години Турција е во рецесија. Исто така и бројот на невработени меѓу декември и февруари е на досега највисоко ниво од 14,7%, соопшти Националниот завод за статистика. Невработеноста кај младите пак достигна ниво од 27%.

Повеќе: Кризата во Турција – опасност за европската економија?

Структурни реформи како решение?

За засилување на растот и борбата против инфлацијата, министерот за финансии и економија Берат Албајрак на 10 април претстави акциски план. Времето до следните избори во 2023 година ќе биде време на „економски структурни реформи", најави Албајрак. Конечно ќе има строга буџетска дисциплина, уверува тој.

„Програми како овој акциски план повеќепати биле најавувани, но никогаш не биле реализирани", вели Јалчин. Решението за турската економска криза е да се дојде до поголема продуктивност преку структурни реформи. Турците во таков случај ги чека долг пат: според Јалчин, непрофитабилните претпријатија ќе мора да банкротираат, а невработеноста привремено ќе мора да се зголеми, додека потрошувачката ќе се намали. И тоа не би било сѐ, туку за преодниот период ќе мора да се бара помош од некој меѓународен кредитор, во идеален случај Меѓународниот монетарен фонд, смета Јалчин.

Но, Ердоган често имаше негативни изјави во однос на ММФ. Освен тоа, програмите за помош на ММФ се секогаш поврзани со структурни реформи. А, турскиот претседател не сака мешање однадвор во своите политики. Згора на тоа, фаза на екстремно штедење би можела и многу да ѝ наштети на неговата популарност.