1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Украина: Се зголемува стравот од трета светска војна

Розалија Романиец
23 март 2022

Рускиот напад врз Украина предизвикува страв од глобален конфликт. Колку сме оддалечени од една светска војна? ДВ разговараше со експерти и историчари.

https://p.dw.com/p/48u4G
Ukraine I Zustand in Mariupol
Фотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

Кога руските ракети пред една и пол недела погодија воен центар за обука во близина на Лавов и убија 35 луѓе, потресот се почувствува и во Полска. Само 20 километри позападно и ракетите ќе погодеа полска територија, а со тоа и земја на НАТО. Напад против една членка се смета за напад врз сите, така е договорено меѓу НАТО-партнерите. Советникот на американскиот претседател Џо Бајден за национална безбедност, Џејк Саливен, предупреди дека САД ќе „го бранат секој сантиметар од територијата на НАТО“.

Страв од нуклеарно оружје

Експертите сѐ уште не сакаат да зборуваат за трета светска војна, но стравот од ваква ескалација е одамна присутен. „Претставата за испраќање на наша воена машинерија, наши трупи, авиони, пилоти и тенкови, да не се залажуваме, тоа е трета светска војна“, изјави неодамна американскиот претседател Бајден. Затоа е толку мала подготвеноста на НАТО да се вклучи директно во војната во Украина, на пример со зона забранета за летови. Преголем би бил ризикот од конфронтација со Русија.

Но, што ако се дојде до тоа? Ваква една војна би можела да се води „конвенционално“, значи без нуклеарно оружје. Но, опасноста од употреба и на нуклеарни боеви глави би била голема. На таканареченото тактичко нуклеарно оружје, кое би се користело на ограничена воена територија со мала или средна сила, надвор од НАТО, западниот воен сојуз би реагирал поинаку отколку на т.н. стратешки нуклеарни ракети. Тие имаат потенцијал да го пеплосаат светот.

Мариупол не се предава

Путиновиот рулет

Дали Путин би отишол толку далеку? Додека некои експерти сметаат дека нуклеарните закани се блеф, други веруваат дека поранешниот агент на КГБ би можел да донесе нуклеарен крај на светот. „Путин не смее да заборави дека НАТО е и нуклеарен сојуз“, изјави за ДВ поранешниот полски министер за надворешни работи и за одбрана Радек Сикорски. „Тој знае дека нуклеарна војна не може да се преживее. Денот кога Путин ќе земе нуклеарно оружје ќе биде последен во неговиот живот“, тврди Сикорски.

Radosław Sikorski, ehem. Aussenminister Polens
Сикорски: Путин не смее да заборави дека НАТО е и нуклеарен сојузФотографија: PAP/picture alliance

Германско-американскиот историчар Конрад Јарауш ја споредува стратегијата на Путин со стратегијата на Адолф Хитлер во 1939 година. Тој поттикна регионален конфликт и го предупредува Западот дека „ако реагира соодветно масивно, ќе избие трета светска војна“.

Сепак, таков автоматизам не постои, вели Стефан Гарштецки, политиколог и историчар од Техничкиот универзитет во Кемниц. „Не мора да дојде до дополнителни нивоа на ескалација, како во 1939 година, под услов да се преземат масивни контрамерки. Тоа може да се види и од „замрзнатите конфликти“ во Грузија и Република Молдавија. Тој смета дека НАТО треба појасно да ги дефинира црвените линии. „Доколку постои опасност Киев и Одеса да се претворат во европски Алепо, тогаш ќе мора поинтензивно да се зборува за зона на забранети летови.“

Страдањата на Киев

Улогата на Кина е од клучно значење

Регионален конфликт што се претворил во глобален конфликт е нешто што во историјата се случувало често, вели Свен Ланге, командант на Центарот за воена историја на Бундесверот во Потсдам. Првата светска војна е најдобар пример за тоа.

За светска војна, сепак, „не е одлучувачки придонесот на Русија“, вели Ланге, туку како се позиционираат „двете глобални сили – САД и Кина“. Според негова проценка, Пекинг во моментов не би можел да има никаков интерес за тоа. „Верувам дека ќе има поддршка за Русија од Кина, но таа нема да биде толку голема, што ќе доведе до непосреден конфликт со САД.“

Во источна Европа нервозата е сѐ поголема, бидејќи војната е сѐ поблиску - со руски воздушни напади во западна Украина. Иако генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг тврди: „Еден за сите, сите за еден“, ударите од хиперсонични ракети недалеку од границата на НАТО предизвикуваат стравови во тој регион. Посетата на американскиот претседател Џо Бајден на Полска оваа недела има за цел да го смири источното крило на алијансата.

Полска: Делче нормалност за децата бегалци од Украина

Ограничување на конфликтот

Во меѓувреме, во источна Европа се зголемуваат повиците НАТО да ѝ испорача борбени авиони на Украина, да го затвори нејзиниот воздушен простор и Германија да престане да користи енергија од Русија, така што Путин ќе остане без пари за војната. Се чини дека колку е некој поисточно, толку е поуверен дека ќе има ескалација. „Сите сме веќе во оваа војна“, изјави неодамна на вториот канал на германската телевизија украинската писателка Катја Петровскаја. „Ако е нешто научено од историјата, тогаш се знае дека нема начин да се запре оваа војна, освен ако не дејствуваме радикално.“

Emeritierter Professor für Politikwissenschaft Herfried Münkler
Минклер: Најважно е конфликтот по секоја цена да се ограничи просторно и временски, за да се спречи неговото ширење во пожарФотографија: Reiner Zensen/imago images

Во Германија, ваквите предлози најчесто наидуваат на ладни анализи. Најважно е „конфликтот по секоја цена да се ограничи просторно и временски, за да се спречи неговото ширење во пожар“, вели политикологот Херфрид Минклер од Универзитетот Хумболт во Берлин. Катја Петровскаја реторички го прави спротивното, оценува тој. „Тоа можеби е разбирливо со оглед на ужасите во Украина, но тоа значи поттикнување голема војна“, вели Минклер. Во моментов, според него, нема друга одговорна алтернатива за сегашните постапки на НАТО.

Украинци се враќаат во татковината за да се борат

Сеќавање на 1939 година

Некои историчари веќе прават аналогии со Втората светска војна, особено во однос на постапките на Путин. Народните собранија кои би требало да го легитимираат приклучувањето или влегувањето на Црвената армија во Полска на 17 септември 1939 година се „истите обрасци што Путин ги повтори на Крим и во источна Украина“, вели Стефан Гарштецки. „Хитлер од 1938 година водел политика на ревизија на Парискиот мировен поредок и Путин на сличен начин се обидува да ги ревидира последиците од распадот на СССР“, вели Херфрид Минклер.

Полскиот политичар Сикорски дури прави директна споредба помеѓу Путин и Хитлер: „Путин е како Хитлер пред Холокаустот, но по инвазијата на Полска во 1939 година“, вели тој. Минклер предупредува дека не треба да се прави ваква споредба со националсоцијалистичкиот диктатор, „затоа што создава недвосмисленост таму каде што сѐ уште ја нема“. Според Минклер, Хитлер бил воден од расна идеологија која моментално кај Путин не се гледа.