1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Уличарење“ во Белград

Дарио Хајриќ
29 јули 2020

Во Белград се спрема нов бран преименување на улиците. Тоа нема врска со волјата на граѓаните, но има со политички неопровинцијализам, смета Дарио Хајриќ.

https://p.dw.com/p/3g76c
Serbien Belgrad Panorama
Фотографија: DW/N. Rujevic

Градските власти на Белград планираат промена на имињата на цела низа улици, а списокот за „отстрел" е подолг: Сараевска, Мостарска, Хрватска, Сплитска, Беловарска, Шибеничка, Љубљанска, Босанска, Зеничка, Загорска...Накратко, се подготвува темелно „антропогеографско чистење" на сѐ што граѓаните би можело да ги потсети дека некогаш живееле во СФРЈ.

Ако оваа инвазија на градската номенклатура малку ви смрди на шовинизам, извесен Горан Весиќ незавиткано потврдува дека сте на вистинска трага: „Ќе продолжиме да ги менуваме имињата на сите улици кои носат имиња кои немаат врска со Србија, како и оние дадени според средини во кои било што што доаѓа од Србија, не е добредојдено". Интересно е што на „уличарите" одеднаш им попречија имињата кои не се сменија дури ни кога Србија војуваше со државите во кои сега се наоѓаат нивните топоними. Сараевска го задржа името и додека низ Сараево паѓаа гранати, а сегашниот претседател најавуваше дека ќе убие сто муслимани за еден Србин. Хрватската улица опстои и кога беше уриван Вуковар и кога бескрајни тракторски колони бегаа од „Бура".

Да се вратиме чекор наназад. Зошто улиците на кој било град во светот носат имиња според далечни топоними, други места, реки, планини, острови, па и држави? Зошто градовите се побратимуваат и подигаат споменици за луѓе кои не го поминале животот во нив?

Одговорите на тие прашања можат лесно да прозвучат банално за оние на кои како единствена мерка на светот им служи растојанието меѓу сопствените уши. Станува збор за начини на кои градот соопштува дека е дел од нешто поголемо од самиот себе, дека не егзистира во некој невозможен вакуум, туку е поврзан со светот на сите замисливи начини: културно, економски, јазички, историски, географски, цивилизациски. Посебно со соседните држави и градови го врзуваат многу повеќе работи отколку што го разликуваат, а тоа не е работа на политичка ориентација, туку фактичка состојба. Обидот да го искорнете градот од неговото опкружување е изолационизам кој на крајот секогаш води во негова атрофија.

За да стигнеме до мотивите за овој излив на неопровинцијализам во мозокот, да се запрашаме прво: кој точно ја турка одлуката за менување на имињата на улиците?

Serbien Belgrad - Stadtansicht mit Verkehr
Фотографија: Imago/blickwinkel

Чија е воопшто оваа идеја?

Единствени за кои во старт можеме со сигурност да тврдиме дека не стојат зад неа се – граѓаните на Белград. Откако фантом им ја растури Херцеговачка, па ја симна маската и го раскопа половина град, ја упропасти атмосферската канализација, почна да го бетонира Кошутњак и вградува жичарница во Калемегдан, најави префрлање на Стариот железнички мост во парк (!), го оголи Плоштадот на Републиката, го опустоши Савскиот насип и реши депонијата за смет да му ја смести на градот под носот, можеме со сигурност да кажеме дека ни овојпат граѓаните никој ништо не ги праша.

Повеќе:

Србија: Спонтан протест и (не)контролирано насилство

Протестите во Белград - излив на колективна фрустрација

Јасно е дека градската Комисија за споменици и имиња на плоштади и улици во сево ова е само нем извршител, до таа мерка некомпетентен, што лани ја преименуваа улицата на народниот херој Стево Филиповиќ давајќи му ја на извесен Емил „Лалец" Першка, фудбалер од меѓувоениот период и – ноторен симпатизер на усташите.

Добро, тие очигледно не се во состојба што било да смислат. Дали во тој случај главен „уличар" е извесниот Горан Весиќ, со оглед што тој ја објави одлуката? Тоа е крајно проблематично, зашто за разлика од другите проекти на градските власти, е неможно уфрлување во преименувањето улици. Сепак, тоа што владејачките партократи не можат да монетизираат нешто и натаму не значи дека не можат од тоа да извлечат и посредна корист, што пак нѐ доведува до државниот врв. 

Сите паметиме како сегашниот претседател го прослави прелепувањето на таблата на булеварот Зоран Ѓинѓиќ со налепница со името на воениот злосторник Ратко Младиќ. Кога дојде на власт, на негов предлог се преименувани Травничка и Загрепска, а му даде име и на булеварот Вудро Вилсон. Не како претседател, туку во својство на граѓанин, очигледно прилично „поеднаков" од другите. Што има сега смислено?

Бидејќи преговорите околу признавањето на косовската независност добиваат во брзина, почесто ќе го гледаме претседателот како се фотографира со претставници на Косово, а мора да се мисли и на неговото величество Рејтинг. Затоа до конечниот договор сѐ почесто ќе гледаме како власта покажува националистички мускули. Имињата на улиците во Белград се идеален материјал за таа цел: никој надвор од Србија нема да се потресе, а на сопствените избирачи може да им се покаже дека „Ние повторно им покажавме Ним дека со Нас нема лабаво". Како дополнителна корист, етнички чисти списоци се и онака младешки сон на Големиот Водач, па зошто на ревизионистичката клада да не се фрлат и неколку улични табли?

Токму во тоа е иронијата. Сите кои ќе му аплаудираат на претседателот поради отстранувањето на имињата на „непријателските" табли подразбираат дека на списокот на белградски улици кои симболички ќе станат белини на мапата не им е место на Призренска или Приштинска. Но, многу топоними на кои сега одеднаш им истече рокот на траење, се наоѓаа во рамките на саканата линија на Водачот, Карлобаг-Огулин-Карловац-Вировитица. Тоа што сега нивните табли му служат само за чадна завеса, би требало да навести дека списокот уште не е конечен.