1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

180609 BuTag Patientenverfügung

19 јуни 2009

Германскиот Бундестаг законски ја уреди еутаназијата. Недвосмислена, во писмен облик формулирана определба на пациентите за продолжување на нивните маки или прекин на животот - задолжителна за постапувањето на лекарите.

https://p.dw.com/p/IUUU
Гласање во Бундестагот за законот за еутаназијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Дебатата во Бундестагот во врска со регулирањето на еутаназијата беше една од ретките, во кои човек може да се согласи со секој говорник. Кога станува збор за дефинитивната определба меѓу живот и смрт, нема едноставни одговори. Дури може да се дојде и до заклучок како Хуберт Хипе, пратеник од ЦДУ, кој порано беше за законско регулирање на еутаназијата, а во дебатата рече: „Колку подолго се занимавам со темава, толку повеќе ми се раѓа сомневање дека закон би ја направил состојбата подобра, отколку што е сега“.

Барањето на Хипе да не се донесува закон, не беше прифатено. Разгледуван беше и предлогот на Херта Дојблер-Гмелин, порано социјалдемократски министер за правда, и на пратеникот од ЦСУ Волфганг Целер, да се донесе колку што е можно поопшто решение. „Разновидноста на замисливите ситуации на крајот од животот не може паушално да се третира и поради тоа не може да се регулира до детали. Умирањето не може да се нормира“, образложи Целер.

Трето лице неможе да одлучува за судбината на пациентот

Потоа беше разгледуван токму спротивен предлог - законот да содржи посебно детални правила. Пратеници од речиси сите фракции не сакаа автоматски да биде спроведена изјава за волјата на пациентот, која била составена пред подолго време. Кога станува збор за тоа, дали навистина треба да бидат исклучени апаратите кои го одржуват во живот, а пациентот лично веќе не е во состојба да се изјасни, треба неговите блиски, негувателите и лекарите уште еднаш да се консултираат дали е тоа навистина во согласност со неговата волја. „Тука не може едноставно да станува збор за поглед врз парче хартија, туку мора да се постапи според човекот во ситуацијата во која токму се наоѓа“, рече Карин Геринг-Екарт, пратеник од редовите на Зелените.

Symbolbild Zivildienst - Hilfskraft beim Arbeiter- Samariter-Bund
Фотографија: dpa

Ваквиот став го сподели една третина од пратениците, но мнозинство конечно доби предлогот на Сабине Лојтхојсер-Шнаренберг, пратеник од либералната фракција, исто така порано министер за правда, која нагласи: „Не би сакала некој трет, со инакво религиозно убедување, со инаков културен бекграунд, со инакви етички погледи, да рече: сметам дека од мој агол на гледање тоа би било најдобро, а кога него - или неа - сега би можела да ги прашам, тие би се определиле поинаку“.

Ставот на либералите, мнозинството од социјалдемократите, Зелените и од Левичарската партија, на крајот беше пресуден и во иднина само во писмена форма искажана волја на пациентите ќе биде решавачка за тоа како треба да постапат лекарите на крајот од животот на пациентот.


Автор: Петер Штицле / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска