1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарија користи тактика на прегладнување против бегалците

Чејс Винтер
23 август 2018

Унгарија ги прегладнува барателите на азил во транзитните центри со цел да ги натера да ги повлечат своите жалби, тврди Хјуман рајтс воч. Оттаму стравуваат дека ваквата политика дополнително ќе се прошири

https://p.dw.com/p/33c8D
Ungarn Flüchtlinge aus Pakistan | Transitzone Grenzübergang Röszke
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Mayer

Одбивањето на унгарските власти да им дадат храна на барателите на азил во транзитните центри е обид тие да се натераат да се вратат во Србија без поднесување жалба, тврди Хјуман рајтс воч.
Организацијата за заштита на човекови права е последна во низата која ги обвинува унгарските власти за непочитување на основните меѓународни стандарди за азил и човечко достоинство, користејќи изгладнување како анти-имигрантска тактика.
„Владата падна на ново нехумано ниво одбивајќи да им даде храна на луѓето кои ги држи во притвор, очигледно уживајќи во кршењето на човековите права, вклучително и своите обврски како членка на ЕУ“, изјави Лидија Гал, истражувач на ХРВ за источна ЕУ и Балканот. „Ова непочитување на добробитта на луѓето смрди на циничен потег да се натераат луѓето да се откажат од своите барања за азил и да ја напуштат Унгарија“.
Прегладнувањето како мерка против барателите на азил била имплементирана на средината на август, откако претходно унгарската десничарска влада ги смени законите за да овозможи одбиените баратели на азил да бидат сместувани во транзитни зони до депортацијата. 
Унгарија ретко прифаќа барања за азил. Политиката на прегладнување на одбиените баратели на азил има за цел да ги натерат луѓето да се вратат во Србија или да отпатуваат во „трета земја“, велат од унгарскиот Хелсиншки комитет.
„Канцеларијата за имиграции и азил ги информира странците дека нема да добиваат храна во транзитната зона, но можат слободно да одлучат да се вратат во Србија во секое време“, објави унгарскиот Хелсиншки комитет повикувајќи се на изјави на баратели на азил и на нивните адвокати.
Од Канцеларијата за имиграции и азил велат дека тие немаат никаква обврска согласно унгарскиот закон да им даваат храна на одбиените баратели на азил. 
Од Хјуман рајтс воч велат дека и покрај тоа „унгарските власти имаат обврска согласно повеќе договори за човекови права и норми кои забрануваат негуман и деградирачки однос кон оние кои се во притвот“.
„Тоа вклучува обезбедување храна, вода, хигиена, и медицински потреби“. 

Анти-имигрантски закони
Ваквата политика досега била применета на повеќе семејства од Авганистан и врз Сиријци. По жалба на Хелсиншкиот комитет, Европскиот суд за човекови права овој месец им нареди на унгарските власти да продолжат да ги хранат барателите на азил во пет случаи. 
Но, организациите за заштита на човековите права стравуваат дека храната им е ускратена на далеку поголем број бегалци во транзитните центри.
Од почетокот на бегалската криза во 2015 година, унгарскиот премиер Виктор Орбан донесе серија анти-имигрантиски закони и директно се судри со партнерите од ЕУ. Дел од неговите мерки се насочени и кон организации кои им помагаат на барателите на азил.
Минатиот месец Европската комисија најави дека ќе ја тужи Унгарија пред Европскиот суд на правдата поради „неусогласеноста на нејзината легислатива за азил со законите на ЕУ“.
Комисијата отвори нова постапка против Будимпешта и поради новиот закон „Стоп Сорос“, со кој се криминализира поддршката за барателите на азил.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема