1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарија: Опозицијата без право на глас

Кено Верзек
12 декември 2019

Унгарскиот парламент усвои нови антидемократски закони меѓу кои и драстични санкции против непопуларните парламентарци. За Орбан не треба да се има илузии, смета Кено Верзек.

https://p.dw.com/p/3UfoT
Ungarn Viktor Orbans Amtsantritt
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/T. Kovacs

За унгарскиот премиер Виктор Орбан очигледно нема ништо поважно отколку да остане на власт и да биде на прво место во државата. Поради тоа Орбан поразот на изборите го сфаќа како исклучително лична работа. Откако на изненадување на многумина во 2002 година ги загуби изборите, ја кажа реченицата по која остана познат: „Татковината не може да биде во опозиција“. Кога мислеше на татковина, мислеше на својата партија, неговите избирачи и пред сѐ на самиот себеси. Во круговите блиски на Виктор Орбан велат дека по поразот паднал во криза. Исто така, се заколна дека ако повторно стане премиер ќе направи сѐ тоа да не се повтори.

Меѓутоа, сега тоа се повтори. За првпат по 13 години Орбан повторно доживеа пораз на изборите. Неговата партија Фидес во ноември неочекувано загуби на локалните избори. Фидес успеа да ја одржи својата изборна база гледајќи во целина. Таа успеа пред сѐ во руралните подрачја. Но, изборниот пораз во многу важни градови во земјата, вклучувајќи ја и Будимпешта, беше од големо симболичко значење.

Повеќе:

-Шлаканица за Орбан- клучно беше единството на опозицијата

-Орбан ја загуби Будимпешта

-Секс и корупциски скандали го тресат режимот на Орбан

Составот на Орбан со многу помали и поголеми механизми за онеспособување на опозицијата практично се смета за непобедлив. Може да се каже дека унгарскиот премиер, кој пред изборите изрази презир кон „бедната“ опозиција, многу жали поради поразот на изборите.Сега Орбан го враќа ударот да се зајакне себеси и својот состав со „уредување на националната соработка“ против губитокот на власт. Тоа е изразено во новите законски одредби кои унгарскиот парламент деновие ги усвои или ќе ги усвои. Тие се движат од ограничување на формирање на парламентарни групи до поголема контрола во областа на културата, па сѐ до натамошно намалување на даночната сувереност на општините.

Kommentarbild PROVISORISCH Keno Verseck NUR APP
Кено Ферзек, автор на коментарот

Посебно се драстични новите пописи за наводните прекршоци на членовите на парламентот за време на заседавање. Пописите се широки и му даваат на претседателот на парламентот толку многу моќ и сила за финансиско санкционирање, да може практично да ја замолчи опозицијата.

Орбан „пука рафално“

Меѓутоа, по измената на деловникот во 2013 и 2014 година, унгарскиот парламент веќе е главно само гласачка машина и улогата на опозицијата е прилично декоративна. Претседателот на парламентот Ласло Ковер, поддржувач и пропагандист на десничарските теории на зговор, одамна не пропушти ниту една можност да ги казни опозициските пратеници и новинарите кои известуваат за работата на парламентот. Орбан во последните месеци се однесуваше прилично умерено - главна причина е тоа што за Унгарија сакаше да го осигура местото за европски комесар за проширување - еден од ресорите на Европската комисија која во јавноста има големо влијание, кое му отвора многу простор во неговата политика кон западен Балкан и поддршка од авторитарните лидери во регионот. Маневрот на Орбан успеа.Од денот кога Оливер Вархељи е именуван за комесар за проширување, Орбан практично „пука рафално“: против американскиот милијардер Сорос, против цивилното општество и опозицијата, против декадентно-либералниот Запад. Со зборови или со закони. Тоа уште еднаш покажува дека не треба да се имаат илузии за Орбан. Антидемократската трансформација на Унгарија ќе продолжи, Орбан сѐ повеќе и повеќе ќе ги поместува границите на својата наводна демократија во насока на авторитарен, диктаторски систем. Факт е дека унгарскиот парламент неделева повторно е деградиран, токму кога Брисел се занимава со Унгарија поради кршење на владеење со правото, го покажува степенот на уважување кое Орбан го чувствува кон ЕУ и нејзините основни вредности.