1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФАЦ: Иванов по стапките на Милошевиќ

БГ
14 март 2017

Ова што го прави Иванов во Македонија, во регионот не се случило уште од падот на Милошевиќ во Србија, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг. Рама вели дека платформата не содржи услови, туку визија.

https://p.dw.com/p/2Z89w
Mazedonien Präsident Ivanov
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca

„Не е никаква новина дека владеењето на правото и поделбата на власта не функционираат добро во земјите на Западниот Балкан. Но, она што во моментов се случува во Македонија, во регионот не се случувало од падот на српскиот насилник Слободан Милошевиќ во 2000. година: еден шеф на држава отворено се спротивставува да го признае изборниот резултат“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг во денешното издание во текстот под наслов „Во скопската конфузија“.

„Ѓорге Иванов е претседател на Македонија од 2009 година“, продолжува ФАЦ, „Избран беше со голема поддршка на тогашниот премиер Никола Груевски и неговата деснопопулистичка партија ВМРО-ДПМНЕ. 
Македонската опозиција во Иванов никогаш не гледала ништо повеќе од измеќар на Груевски. Најдоцна од годинава, таа веќе не е осамена во таквиот став“.

Анализирајќи ги барањата во платформата на албанските политички партии, ФАЦ констатира дека „за Груевски и неговата партија, каталогот со албански барања е последна надеж за задржување на власта“. „Тие тврдат дека на Македонија и се заканува распад доколку се исполнат барањата. На интернет целно се шират лажни информации, поради што можниот иден премиер Зоран Заев минатата недела најде за потребно да ги отфрли лажните гласини. Тврдењата дека секој Македонец во иднина ќе мора да учи албански, и дека во спротивно ќе мора да се плати казна, се лаги, рече Заев“.

Рама: Платформата не содржи услови, туку визија

Албанскиот премиер Еди Рама во разговор за ФАЦ во Берлин, каде бил гостин на Фридрих Еберт фондацијата, ги отфрла тврдењата дека платформата на албанските партии е изработена во Тирана. „Во Тирана само дискутиравме за тоа“, вели Рама за ФАЦ.
„Јас посредував меѓу албанските партии од Македонија, затоа што претходно тие не разговараа меѓусебе. Се работи за тоа, на македонскиот преговарачки партнер да му се каже: Оној кој сака да коалицира со нас, треба да ги прифати принципите од Охридскиот договор и да ги внесе во владината програма“.

Edi Rama Premierminister Albanien 15.11.2013
Рама во Берлин се обиде да ги ублажи ултимативните услови на Албанците во Македонија. Не се работи за „услови“, туку за една „визија“ или „основа за преговори“Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Според Рама, во Македонија треба да дојде до промена на свеста. „Албанците во Македонија се конститутивен ентитет, а не малцинство. Македонија е држава која е формирана од два еднакви субјекти, Македонците и Албанците“. „(...) Доколку не се имплементира Охридскиот договор, ризикуваме сѐ да експлодира. Се работи за тоа, да се спречи катастрофален крај“.

Сепак, Рама во Берлин, се обиде да ги ублажи ултимативните услови на Албанците во Македонија. Не се работи за „услови“, туку за една „визија“ или „основа за преговори“, вели албанскиот премиер. „Не се работи за ултиматум, туку за платформа“.

„Останува нејасно дали мешањето на Рама ѝ користеше или ѝ наштети на Македонија. Но делува сигурно, дека обидот на Груевски да го спречи преземањето на власта од страна на опозицијата со помош на претседателот, Европа нема да го прифати“, пишува ФАЦ.