1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фолксваген во Турција: „Многу важен сигнал“

Даниел Белут
3 октомври 2019

Фолксваген во иднина ќе произведува во Турција. Инвестицијата вредна милијарди евра ќе ја заживее турската економија.

https://p.dw.com/p/3QgUh
Wolfsburg Volkswagen-Werk Mitarbeiter
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Новата фабрика на Фолксваген за Источна Европа ќе биде во Турција. Изненадувачки, групацијата реши да не инвестира во земјата членка на ЕУ, Бугарија. Околу една милијарда евра ќе се инвестира во фабриката во Маниса, во близина на Измир, западна Турција. Фолксваген планира производствен капацитет од 300.000 автомобили годишно и 4000 вработени. Одлуката не е неспорна – во последните години имаше бројни несогласувања меѓу германската и турската влада. Економскиот експерт Ердал Јалчин, професор по меѓународна економска политика на Високата школа за применети науки во Констанц, во интервју за ДВ ја објаснува позадината на инвестицијата на Фолксваген.

Господине Јалчин, зошто Фолксваген се одлучи во Турција да биде новата фабрика во Источна Европа?

Ердал Јалчин: Пред неколку години имаше разговори за изградба на фабрика на Фолксваген во Турција, но тогаш не се донесе таква одлука. Гледано од долгорочна економска перспектива, одлуката била разбирлива и во основа исправна. Турција во последниве 15 години се разви во важна производствена локација во автомобилската индустрија, особено преку големиот број добавувачи кои се лоцираа таму. Мрежата на компании добавувачи, меѓу кои на пример и Роберт Бош ГМБХ во близина на Бурса, стана огромна. Се разбира, за компанија како Фолксваген ова е многу корисно. Во Бугарија, на пример, нема вакви услови.

Deutschland Dr. Erdal Yalcin
Д-р Ердал ЈалчинФотографија: Ifo-Institut

Кои се условите за Фолксваген на турскиот пазар на труд?

Платите во Турција се многу ниски. Најниската плата е околу 420 евра. Тоа е значително различно во однос на Бугарија. Турција, освен тоа, е многу голем пазар – населението во догледно време ќе ја премине границата од 100 милиони. Тука исто така може да се регрутираат млади луѓе, кои може долгорочно да дадат придонес во Фолксваген. Потенцијалната работна сила во принцип е добро образована. Има промени од почетокот на пристапните преговори со ЕУ во 2005 година. Но, истовремено бројните политички конфликти во последниве години доведоа до тоа многу талентирани луѓе да се иселат од земјата – земјата е соочена со таканаречен „одлив на мозоци“.

Невработеност, презадолженост, инфлација – турската економија е западната во тешка криза. Дали може инвестиција од ваков гигант, како Фолксваген, да ја заживее турската економија?

Апсолутно. Тоа е суштински бизнис за турската економија. Истовремено е сигнал – „Видете, најголемиот автоконцерн во светот инвестира во Турција“. Тоа може исто така да биде мотив за други странски компании да го следат овој пример.

Турција во последно време не ги почитува принципите на една правна држава. Дали е мудро Фолксваген да инвестира во една земја со толку ниско ниво на правна сигурност?

Не е решение и да не се инвестира, особено кога ние долгорочно се стремиме кон подобрување. Во Русија неодамна делумно беа забранети инвестици од Германија. Но економската изолација не направи баш ништо, исто како и во Иран. Запирањето на инвестициите само дополнително ги ослабе демократските сили. Оттука, во инвестиции во земји со тешка политичка состојба повеќе гледам еден вид шанса. Тоа може да резултира во една позитивна зависност – историското искуство ни покажува дека одржување на економските односи долгорочно е поефикасно средство отколку изолација. Инвестициите може да послужат за создавање подобри услови во Турција, што потоа исто така има позитивен ефект и врз политичките односи.

Турската влада повеќе од кога било ги крши граѓанските слободи и демократски принципи. Затоа не е морално разбирливо што токму сега и се дава толку дарежлив подарок на турската влада со инвестиции вредни милијарди евра?

Сепак, не треба сѐ категорично да се отфрла. Турција е многу повеќе од само турската влада. Меѓу населението има многу луѓе кои би сакале да ја придвижат земјата кон либерална демократија. Санкции би биле казна за целото население – тоа не може да биде решение. „Економијата треба да биде уште полоша“ – ова е пристап кој не би решил многу проблеми во светот. Инвестицијата на Фолксваген, според мене, носи долгорочни позитивни ефекти и покрај актуелните политички предизвици.