1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фолксваген: Од дизел-измамник до предводник во еко-мобилност

Хенрик Беме
1 март 2019

Фолксваген има амбициозна цел и сака да стане предводник во сферата на одржлива мобилност. Неговите електромобили би требало дури и да се произведуваат еколошки. Дали целите се остварливи?

https://p.dw.com/p/3DiC1
Elektrisches Laden eines VW e-Golf
Фотографија: Volkswagen AG

Понекогаш човек мора да се штипне кога од менаџерите на Фолскваген слуша реченици како „Глобалното затоплување е во полн ек и Фолксваген е дел од проблемот.“ Вака зборува Ралф Пфицнер, во Фолскваген одговорен за темата одржливост. И, уште една реченица: „ИД. ќе биде првиот климатски неутрално произведен сериски автомобил на концернот.“ Ова е најава на Томас Улбрих, одговорен во Фолксваген за е-мобилност.

Уште не се минати ни цели четири години откако концернот падна во егзистенцијална криза поради измами со издувните гасови и казни од милијарди евра кои поради тоа мораше да ги плати. До денес скандалот е обработен само од страна на судот во САД. Големите процеси во Германија сѐ уште не се ни почнати.

Херберт Дис, шефот на концернот од Волфсбург, нареди „културен пресврт“. „Ќе го насочиме претпријатието кон чиста мобилност“, гласи пораката на Дис до 650.000 вработени ширум светот. За тоа да се постигне, како што напиша „Шпигел“, концернот планира воведување интерен ЦО2-данок, со цел да се создаде поттик за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.

Installation neuer Roboter
Фолксваген инвестира 1,2 милијарди евра во фабриката во ЦвикауФотографија: Volkswagen AG/Oliver Killig

Климатски неутрален концерн до 2050 година

Целта на Фолскваген е до 2050 година да ги намали емисиите на ЦО2 на своите возила на нула, а освен тоа автомобилите би требало дури и еколошки да се произведуваат. Притоа, емисиите на издувни гасови би требало да се порамнуваат со мерки за заштита на климата.

„Ако сакаме да ја постигнеме целта, мора да почнеме веднаш со промени“, вели Кристијан Зенгер, одговорен за производствената серија е-мобилност.

Повеќе:

Почнува „судењето на векот“ против Фолксваген

Мочуриштето во кое газат германските автопроизводители

Дали се ближи крајот на дизел моторите?

До 2023 година Фолксваген има на располагање 11 милијарди евра за дигитализација на возилата и фабриките, како и за ЦО2-неутрално производство и достава. Девет од овие единаесет милијарди се директни инвестиции во електромобилност.

Во моментов се реконструира првата фабрика на Фолксваген - во Цвикау, каде од производствената лента сѐ уште излегува Голф. Од таа лента до крајот на годинава треба да излегува возилото ИД.

Цвикау е еден вид лабораторија. Фабриката се ориентира кон енергетска ефикасност во последните неколку години. При зголемено производство од 3%, во изминатите осум години емисиите на ЦО2 се намалени за 66%.

Volkswagen E-Autos
Електромобили од серијата ИД. - во позадина ИД., во средина ИД.Кроз, десно ИД.БузФотографија: Volkswagen AG

Од Цвикау во светот

Цвикау треба да биде предводник, а потоа брзо треба да следуваат и други фабрики: Емден, каде сега се произведува Пасат, Хановер, каде се произведува Транспортер, Млада Болеслав во Чешка, од каде доаѓа сестринската марка Шкода, како и две фабрики во Кина и една во Чатануга, САД.

Од Фолксваген се укажува дека во првата фаза од регенеративни извори ќе доаѓаат 37% од енергијата за сите фабрики на концернот (над 120 ширум светот). Но, производството во фабриките е само една страна на проблемот. Потешко ќе оди со доставувачите, а такви има во огромен број - 40.000 ширум светот.

Целиот процес треба да стане одржлив, и тоа не само во смисла на избегнување ЦО2, туку и во делот на придржување до социјалните стандарди. Тоа, пак, значи - длабоки резови во комплексните процеси. „Одржливите синџири на доставување ќе станат 'хигиенски фактор'“, потенцира Марко Филипи, во Фолксваген одговорен за снабдување. Целта е доставувачите да се обврзат на одржливост. „Доставувачите кои нема да одговорат на нашите барања, ќе ги исклучиме.“

Фолксваген добива поддршка од Георг Кел, основач и поранешен директор на Иницијативата за одржливо стопанисување под капата на Обединетите нации - ОН Глобал Компакт, а денес портпарол на одборот на Фолскваген за одржливост: „Само со декарбонизација на производството претпријатијата може да имаат шанса за иднината. Тоа ќе биде централна тема на конкуренцијата.“

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58