1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

180411 Fukushima Atomenergie weltweit

21 април 2011

Ширум светот има 437 атомски централи, кои обезбедуваат 13% од вкупните потреби по електрична енергија. По нуклеарната катастрофа во Фукушима голем број влади најавија проверка на безбедносните стандарди.

https://p.dw.com/p/10xyh
Хаваријата во Фукушима ја разниша довербата во атомската енергија ширум светот
Хаваријата во Фукушима ја разниша довербата во атомската енергија ширум светотФотографија: picture alliance/dpa

Индискиот активист за заштита на човековата околина, Прафул Бидваи, со потсмев го чита соопштението на индиската Агенција за атомска енергија по повод несреќата во Фукушима датирано со 14 март, значи три дена по хаваријата. „Станува збор за хемиска реакција, а не за атомски инцидент. Планот за случај на несреќа одлучно функционира“, и’ порача на домашната јавност надлежната Агенција за атомска енергија. Тоа што оваа служба очигледно се обидела да ја намали важноста на нуклеарната катастрофа во Јапонија се должи на фактот што индиската влада форсира амбициозен план за градење атомски централи. Покрај постоечките шест, владата во Њу Делхи наложи изградба на дополнителни 20 нуклеарки. До сега во индиската јавност немаше отпор против таквите планови:

Нуклеарна електрана во Индија
Нуклеарна електрана во ИндијаФотографија: DW

„Фукушима им даде огромен поттик на противниците на атомската енергија во Индија. Тие сега бараат од владата да се откаже од плановите за изградба нови нуклеарки. Активистите за првпат се организираат дури на национално ниво и создаваат соодветна организациска структура“, објаснува Прафул Бидваи.

Сличен процес во Кина

И во Кина дојде до пресврт во јавното мнение по катастрофата во Фукушима. Таму моментално се градат 27 нови атомски централи, но владата најави дека ќе ги провери безбедносните стандарди. Тоа може да има за последица некои од централите да престанат да се градат. И во јавноста се’ поинтензивно се дискутира за оваа тема, појаснува научникот Ли Бо, кој раководи со една од поголемите невладини организации за заштита на човековата околина. Тој додава дека кинеските граѓани се страшно неинформирани за опасностите од атомската енергија и како пример ја наведува реакцијата на голем број луѓе по несреќата во Фукушима:

Атомска постројка во Кина
Атомска постројка во КинаФотографија: picture alliance / Zhang bin fj - Imaginechina

„Кусо по 11 март луѓето почнаа на големо да купуваат сол, таа беше брзо распродадена во повеќето продавници. Особено луѓето на кинескиот брег се уверени дека можат да ги намалат последиците од радиоактивното зрачење ако јадат повеќе сол.“

Подобро соларни ќелии

Моментално во Кина атомските постројки покриваат само два проценти од вкупните потреби по електрична енергија. Во Индија е слично, таму станува збор за три насто. Активистот Прафул Бидваи порачува дека атомските постројки ионака не можат да го решат енергетскиот проблем на Индија.

„100.000 од вкупно 600.000 села во Индија немаат воопшто струја. Тоа нема да се смени ни во наредните децении. Нема никаква причина зошто таму да не се инсталираат соларни ќелии и на тој начин да се снабдат селските средини со струја. Тоа е всушност во склад со светскиот тренд.“

Протест против атомската енергија во Индија
Протест против атомската енергија во ИндијаФотографија: dapd

Надолен тренд

И експертот Мајкл Шнајдер, инаку носител на Алтернативната Нобелова награда, смета дека Фукушима го означила почетокот на крајот на атомската енергија во светот.

„Производството на електрична енергија од атомски постројки во 2009 забележа надолен тренд веќе четврта година по ред. Сега доаѓаме во фаза кога голем број реактори ширум светот ја достигнуваат границата од 40 години работење.“

Тоа според Шнајдер значи дека тие во наредните години постепено ќе се исклучуваат, а се’ помал број нови нуклеарки ќе се градат. Истовремено се зголемува количеството на енергија што се добива од обновливи извори. Катастрофата од Фукушима само ќе го забрза овој процес, тврди експертот Мајкл Шнајдер.

Автор: Нина Веркхојзер / Горан Чутаноски