1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан: Секој глас на референдумот е важен

17 септември 2018

Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан во интервју за ДВ говори за пораките кои сака да ги испрати во пресрет на референдумот и неговото значење за иднината на Македонија.

https://p.dw.com/p/352Je
Westbalkan Gipfel in London Johannes Hahn
Фотографија: Imago/A. Parsons

ДВ: Последниве недели гледаме голема поддршка за успех на референдумот од водечки европски и светски политичари. Зошто е успехот на референдумот важен за Вас и за Европската Комисија?

Јоханес Хан: Најпрво, решавањето на овој конфликт беше еден од многуте преговори предводени од ОН и веројатно само малку, или речиси ниту еден од нив беа долгорочно решени. Оттука беше неочекуван настан тоа што лидерите конечно покажаа лидерство и успеаја да се договорат за нешто. Тоа го отвора патот за целиот регион, порано или подоцна, а јас се надевам порано, да ѝ се приклучи на ЕУ. Од тој аспект, тоа е нешто круцијално, тоа е нешто на што мора да му се оддаде признание, и мислам дека поради тоа и ЕУ и други меѓународни претставници, на некој начин го сфаќаат тоа како нормално, за да ја покажат својата посветеност.

Денеска се сретнавте со опозицискиот лидер Мицкоски, а потоа одите и на средба со граѓани во Штип. Што му кажавте на Мицкоски и која ќе биде Вашата порака до граѓаните подоцна?

Секаде каде што има избори или референдум, секој треба да го искористи своето демократско право - да учествува на гласањето, затоа што, како што видовме во Велика Британија, секој глас се брои, и кога станува збор за иднината на земјата, особено младите и средната генерација кои имаат интерес за развојот на земјата, треба слободно да решат. Тоа е она што е важно и е знак на една зрела демократија.

Хан: Секој глас на референдумот е важен

Какви ќе бидат последиците за Македонија доколку референдумот не успее?

Доколку референдумот не успее, секако тој има консултативна форма, и секако конечната одлука треба да ја донесе парламентот во Скопје. Секако референдумот, дури и ако е консултативен, тој е индикација. Мора да се биде свесен за последиците. Земјата повеќе од 10 години се обидува да започне преговори со ЕУ. Сите политички партии повеќепати се обврзаа кон евро-атлантскиот пат на оваа земја. Оттука, во теорија, се надевам и во пракса, постои едногласна поддршка од сите политички чинители. Секако, секогаш можат да се дискутираат различни елементи, но сега станува збор за генералната перспектива и дел од демократијата е да се постигне добар договор. Добар договор е компромис во кој секој по нешто дава за сите да добијат. Сега се ред на граѓаните, тие се носители на суверенитетот и мојот повик до нив е да ја искористат шансата.

Неодамна повикавте на поголемо разбирање во однос на можниот договор меѓу Србија и Косово. Дали е Европската Комисија подготвена да прифати и размена на територии меѓу двете земји доколку тоа води кон одржливо решение меѓу двете земји?

Како што реков повеќепати, прерано е да се каже нешто за тоа. Моето барање и она за што се залагам е: оставете ги да преговараат. Ним им е јасно сега, откако оваа идеја стана јавна, кои се пречките не само меѓу нивните граѓани, туку и кај меѓународната заедница. Конечно јасно е дека сите бараат решение, но сите јасно укажуваат дека какво било билатерално решение мора да придонесе кон поголема стабилност во регионот, а не обратно.

Овде, во Скопје, учествувате на втората медиумска конференција организирана од ЕУ. Гледате ли придвижување, задоволни ли сте од слободата на медиумите во регионот?

Сѐ уште не. Гледам фокусираност, но искрено би сакал да видам побрз, постабилен и посеопфатен напредок и во тој поглед важно е да се среќаваме еднаш годишно во регионот за да дискутираме за сите различни аспекти. Оттука важно беше да се слушнат и претставниците на медиумскиот бизнис со нивните проблеми, но секако и новинарите кои ги споделуваат своите искуства.