1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хајндл бара фокус на реформите

Б. Георгиевски12 мај 2016

Специјалниот пратеник на шефот на германската дипломатија Јоханес Хајндл вели дека во Македонија доаѓа првенствено да ги ислуша страните во политичката криза. За денеска планирани средби во МНР и со странските амбасадори

https://p.dw.com/p/1ImRu
Фотографија: picture alliance/CTK/Horazny/Sterba

Амбасадорот Јоханес Хајндл кој денеска пристигна во Македонија вели дека ќе се обиде да го помогне процесот кој во земјата го иницираа САД и ЕУ.

„Дојдов за да се запознаам со ситуацијата и првeнствено да ислушам. Станува збор за тоа, процесот кој е инициран од ЕУ и од САД да вроди со успех. Мојата задача ја гледам во активната поддршка на овие напори“, се наведува во изјавата на Хајндл која ја лиферуваше германската амбасада во Скопје.

Веднаш по пристигнувањето во Скопје, Хајндл ги одржа првите разговори во македонското Министерство за надворешни работи. Нема детали што се разговарало на состанокот со шефот на дипломатијата Никола Попоски која траеше помалку од еден час.

Хајндл и во изјавата кажува дека времето е кратко.

„Развојот во последните денови одново јасно покажува дека времето е кратко и сега е потребен заеднички напор од сите политички партии за да се спроведат потребните реформи и решително да се продолжи по патот.“

Попладнево, според неофицијални информации, Хајндл ќе се сретне со експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а вечерва е планирано да има заедничка вечера со амбасадорите на ЕУ и САД.

Средбите со лидерите на трите преостанати политички партии кои учествуваа во изготвувањето на Договорот од Пржино, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи се закажани за утре.

Со одлука на шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 4 мај годинава, Хајндл, кој е актуелен германски амбасадор во Австрија, беше именуван за специјален пратеник во Македонија.

Амбасадорот Хајндл има долгогодишно искуство на Балканот. Официјален Берлин соопшти дека неговото именување е резултат на големата загриженост за состојбите во Македонија.