1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хемискиот концерн Бајер заглавен во Монсанто-стапицата

Хенрик Беме
21 март 2019

Нова пресуда донесена од американски суд во поглед на поврзаноста на глифосат со појава на рак, е жесток удар за концернот Бајер. Станува сѐ поочигледно: купувањето на Монсанто беше грешка, коментира Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/3FOIh
Symbolbild: Monsanto RoundUp
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Edelson

Мислењето на акционерите и аналитичарите е повеќе од јасно: продавајте ги акциите на Бајер! Монсанто како камен го влече матичниот концерн во длабочина, загубата од преку дванаесет проценти, мерено со берзанската вредност, се околу осум милијарди изгорени евра. Притоа, сопствениците на акции на фармацевтскиот и агрохемиски гигант од Леверкузен се веќе навикнати на грижи. Откако тој со голема помпа го презеде американскиот концерн за производство на семенски материјал Монсанто, познат по пестицидот глифосат и неговиот лош имиџ, инвеститорите веќе не се радуваат на акциите: од преку 100 евра ланското лето, вредноста на една акција на Бајер сега падна на 60 евра.

Загубена доверба

Се чини дека расте бројот на оние кои губат доверба во смислата на преземањето на Монсанто. Бајер лани за рекордни 63 милијарди евра го присвои извалканото дете на браншата. Шефот на Бајер пак, Вернер Бауман, се надеваше дека тоа ќе значи крунисување на неговото животно дело. Сега може само да се обиде да ги ограничи штетите. Тој веќе најави затворање илјадници работни места. Очигледно, во Леверкузен целосно ги потцениле правните ризици од бројните тужби поради глифосат против Монсанто во САД. Монсанто го загуби уште првиот процес минатиот август, иако судот подоцна ја намали изречената казна, во основа пресудата останува.

Повеќе:

„Монсанто“ треба да плати милиони долари на заболен од рак

Бајер: новото седиште на „Империјата на злото“?!

Бајер сака со ѓаволот тикви да сади

Сега, кога Бајер целосно го интегрира Монсанто и има комплетен увид во неговата документација, новоизречената пресуда го погоди пронаоѓачот на аспирин како гром. Бајер навистина, за секоја сигурност, остави на страна 660 милиони евра за евентуални казни, но, дали тие ќе бидат доволни, со оглед на бранот тековни тужби, е големо прашање. Сегашната пресуда, за која уште не е утврдена пазричната казна, ќе биде одлучувачка за 760 натамошни случаи. А тоа би бил само почеток, зашто Бајер е конфронтиран со преку 11.000 тужители. Следната судска одлука се очекува на крајот на март.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

Во Леверкузен до последен момент владееше донекаде оптимизам за држење на работата под контрола. Со оглед на тоа што процесот е поделен во две фази, постоеше надеж дека судот, заедно со поротата, ќе заклучи дека пестицидот продаван под името Роундап не е одговорен за заболувањето од рак на тужителот Едвин Хардемен. Но, се случи сосема обратно. Сега во Бајер владее „разочарување“. Но, зошто? Зашто не се очекувало поротата да може да  донесе одлука против Монсанто и Бајер? Тоа мора да се нарече наивност.

Уништување милијарди

Доколку поротата и во вториот дел од процесот дојде до заклучок дека Монсанто ги премолчел здравстввените ризици произлезени од глифосат, на Бајер му се заканува безизлезност. Аларм од највисок степен во Леверкузен!

До таму сепак уште не е дојдено, Бајер и натаму ќе се бори на суд да го докаже спротивното. Но, воздухот станува сѐ поредок, можеби концернот ќе биде принуден да плаќа тешки милијарди отштета за да му стави брз крај на исцрпувачките судски процеси.

Во моментов случајот Монсанто е поучен пример како мегаломанијата  на еден менаџер може да се врати како бумеранг. Вернер Бауман сакаше да докаже храброст, за разлика од своите претходници, да ги голтне неомилените конкуренти од САД. Но, сега залакот му тежи во стомакот. Сега Бауман важи за најголем уништувач на вредност во историјата на германскиот индекс на акции.

 

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58