1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Херцог: „Македонија е држава што не се меша непотребно во споровите на другите земји и таквата позиција се’ повеќе добива поддршка во светот“

11 септември 2009

Интервју со поранешниот германски претседател, Роман Херцог, добитник на највисокото македонско државно признание, орденот за заслуги „8 септември“.

https://p.dw.com/p/Jcjd
Фотографија: Megastar Media Group

Г- не претседателе, орденот со, кој сте одликуван е потврда дека станува збор за голем лобист за Македонија. Што Ви значи Вам ова одликување?

Херцог: Орденот е одликување за нешто што јас ќе го сторев и без очекувањето дека за тоа ќе добијам орден. Прво, кога се распадна Југославија и овде се дојде до сознание, исто како и на други места, дека „железната завеса“ беше огромна неправда. Народите кои беа во доменот на моќта на комунистите беа исти како и народите кои живееја на Западот, а кои дојдоа до слобода и благосостојба. И кога стана можно и народите на Југославија да се вклучат во Европа, каде всушнст и припаѓаат, тогаш за нас беше прашање на морална обврска да им помогнеме во тоа. Второ, јас бев член на Бадентеровата комисија и во неа известувач за Македонија. Увидов дека Македонија ги презема сите можни напори за да ги исполни западните политички критериуми и сметав дека поради тоа треба да и’ се помогне да се вклучи во заедницата на европските народи. Во тоа време, тоа значеше прво признавање на земјата од страна на државите на Европската унија.

Како Ви изгледа земјата денес, какви промени забележувате сега во однос на Вашата претходна посета во 1997 година?

Херцог: Тогаш не успеав многу да видам, бидејќи посетата беше релативно куса, а и овојпат сум на кратко овде, така што не можам да дадам одговорна проценка. Но, она што ми падна в очи додека се возев низ земјата, тоа е изненадувачки големата градежна дејност. Претпоставувам дека во изминатите 10 години мора да имало зголемување на благосостојбата. Не можам да ви посочам сега конкретни бројки, но тоа е главниот впечаток што го стекнав.

Како ја оценувате меѓународната позиција на Македонија?

Херцог: Македонија е мала земја, која има тешкотии да се избори за својата позиција во кругот на големите земји, на гигантите што се создадоа во меѓувреме. Но, ако мојата перцепција е исправна, Македонија игра улога со добра морална подлога. Таа е угледна држава што не се меша непотребно во споровите на другите земји и таквата позиција се’ повеќе добива поддршка во светот во којшто живееме.

Има ли македонското политичко лидерство капацитет да ги исполни целите зацртани од оваа генерација македонски граѓани, а тоа се членството во НАТО и ЕУ?

Херцог: Тоа прашање ја засега непосредно македонската внатрешна политика и затоа нема на него да одговорам. Но, сакам да дополнам дека граѓаните очекуваат од актуелната влада повеќе од она што таа реално може да го постигне. Во таква позиција се моментално повеќето европски влади.

Како од оваа дистанца гледате на препораката на Бадентеровата комисија дека Македонија е подготвена да стане самостојна држава, оценка на правните експерти која тогашната политика не ја послуша?

Херцог: Она што во тоа време ние, од Бадентеровата комисија, го очекувавме, тоа во принцип е исполнето. Тоа беше уште тогаш во голема мера исполнето, бидејќи ние не решававме за некакви ветувања за иднината, туку за тоа што беше можно во тоа време и што фактички и се случи.

Како гледате на иднината на Европската унија?

Херцог: Европската Унија, според мене, мора да се преструктурира. Таа во моментов произведува премногу закони. Тоа не е сосема погрешно што се однесува до создавањето и одржувањето на заедничкиот пазар во Унијата, но преку ваквото бирократско однесување Унијата самата се ослабнува. Она што е важно, тоа е Европа, со многубројните релативно мали земји, да добие силен глас што се слуша во меѓународната игра на светските сили како што се Кина, Русија, САД, Индија и се’ повеќе и Бразил. Тоа, во моментов, е слабост што не се поправа, ниту пак може да се поправи со натамошни бирократски мерки. Бирократска Европа не е јака, туку напротив, слаба Европа!

Отворено зборувавте за слабостите со кои се соочува Унијата и односот на европските со националните интереси на земјите членки. Како ја објаснувате недовербата во Европската иднина меѓу граѓаните на Унијата? Прв тест е референдумот во Ирска. Каков исход очекувате?

Херцог: Граѓаните забележуваат дека од Европа доаѓаат многубројни бирократски прописи, кои или не се воопшто потребни, или пак се однесуваат на проблеми коишто можат да се решат во нивните земји повеќе во согласност со националните интереси. Тоа граѓаните едноставно не го сакаат! Само во Франција, Холандија и во Ирска беа можни референдумски изјаснувања на граѓаните, но јас сум уверен дека доколку имаше референдуми и во другите земји на Унијата, сигурно уште во половината од земјите членки тие ќе имаа негативен исход. Ме плаши помислата дека на светот има 1,3 милијарди Кинези, 1,2 милијарди Индуси и исто така стотици милиони Руси и Американци, а ние Европејците, ако сите се здружиме би можеле да дојдеме најмногу до половина милијарда. Од таквата споредба можеме да видиме колку е комплицирана нашата егзистенција. Во таква положба помага само едно: единство и се разбира моќ!

Жестоко го критикувавте приемот на Романија и на Бугарија во Унијата, сметајќи дека со тоа што влегуваат неподготвени го нарушуваат концептот на европската идеја и го уриваат угледот меѓу европските граѓани? Колку е подготвена Македонија за членство?

Херцог: Јас никогаш не сум го критикувал приемот на Романија и Бугарија. Има друг проблем, а тоа е фактот што старите членки на ЕУ се повеќе подготвени да и’ отстапуваат делови од нивната сувереност на Унијата, а новодојдените земји не се толку подготвени. Тоа е и разбирливо затоа што 50 години тие и’ ја отстапувале сопствената сувереност на Москва. Ова не се однесува на земјите што призлегоа од поранешна Југсолавија, но затоа се однесува на сите други. Овие земји не сакаат да овозможат откажување од своите суверени права во секој момент. Во тој смисол, низ денешна Европа минува навистина една линија. Новодојдените земји се многу скептично настроени кон натамошен пренос на суверените права, а старите членки се подготвени на такви чекори, особено кога станува збор за обезбедување на интересите на Европа во однос на другите големи сили во светот. Ако не се најде компромис по ова прашање, тогаш принудно ќе добиеме Европа со две брзини. Уште не сме дошле дотаму, но ова прашање никогаш и не сме го продискутирале вистински.

Едно прашање за господинот Херцог како експерт по Уставно право. Колку е оправдано, издржано и во согласнот со меѓународното право, барањето да се смени името како услов да се постигне некоја цел?

Херцог: За такво нешто немам воопшто разбирање. Имињата се формалности. Ако и’ го смените името на Европската Унија, во неа нема ништо да се смени! Според логиката, таквиот потег не би ни имал смисол.

Сега, прашањето за г-дин Херцог полититичарот би било - дали цената што Македонија треба да ја плати за да стаса во клубот на демократијата е премногу висока?

Херцог: Се извинувам, на ова прашање денеска нема да одговорам.

Како ја оценувате состојбата во Вашата земја, какви резултати предвидувате на претстојните избори?

Херцог: Тоа, во моментов, никој не го знае. Од актуелните испитувања на јавното мислење спроти изборите за парламентот произлегува стабилно мнозинство за владеење на Христијанско-демократската и Христијанско-социјалната унија со Либералната партија. Околу 51% гласови би добила оваа можна коалиција, а на сите други партии би отпаднале 44 проценти од гласовите. Но, никој не може да предвиди како навистина ќе се постават избирачите на денот на изборите. Бројот на оние кои велат дека се’ уште не донесле одлука кому ќе му го дадат гласот е релативно голем, а знаеме од претходните искуства дека поголем број граѓани дури го менуваат мислењето непосредно пред излегувањето на избори. Така, дури вечерта на денот на изборите ќе видиме кој колку гласови ќе добие. Тоа е убавото во демократијата, што секој народ добива таква влада, каква што заслужува.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска