1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На чекор до успешни избори

5 мај 2019

Со оглед на трендовите на излезност до 17 часот, извесно е дека до 19 часот неопходниот цензус од 40 отсто ќе биде постигнат и надминат.

https://p.dw.com/p/3Hxbe
Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

До 17 часот гласале 665.985 гласачи, или 38,27 отсто, според обработените податоци од 95,53 гласачки места, соопшти попладнево претседателот на ДИК, Оливер Деркоски. Со оглед на овој тренд, извесно е дека до 19 часот неопходниот цензус од 40 отсто ќе биде постигнат и надминат.

Изборите поминуваат во фер и демократска атмосфера, со незначителни пропусти. До пладне Министерството за внатрешни работи немало регистрирано нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, потврди и портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

„Гласањето се одвива мирно, без проблеми. МВР апелира до граѓаните и во преостанатиот дел од денот на мирен и достоинствен начин да го искористат своето гласачко право. Секој обид за нарушување на изборниот процес ќе биде бескомпромисно санкциониран. Но, ќе потенцирам дека досега нема ниту едно нарушување на јавниот ред и мир", рече Ангеловски.

Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Изборите поминуваат во фер и демократска атмосфера, со незначителни пропустиФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Попладнето до МВР било пријавено дека надвор од гласачкото место биле пронајдени околу 10 летоци со содржина во врска со претседателските избори зад ОУ „Невена Георгиева - Дуња" во Скопје, а слични летоци биле расфрлани и во две згради на улица „Коста Новаковиќ". Од Општинската изборна комисија на гласачко место број 0764 во село Другово, Кичевско, било пријавено дека Ј.Ј. со мобилен телефон го фотографирал гласачкото ливче. Лицето било повикано во полициска станица, а известен бил и јавен обвинител. Заменик-претседател на Избирачкиот одбор на гласачко место број 2666 во ОУ „Златан Сремац" во Кисела Вода, пријавил дека В. Ч. (31) од Скопје со мобилен телефон го сликал Избирачкиот одбор. Од страна на полициски службеници лицето било задржано за понатамошна постапка. Од општинскиот огранок на политичка партија од Чешиново-Облешево било пријавено дека две лица од Облешево со патничко возило вршеле агитација во селото. Полициски службеници излегле на терен, но не биле потврдени наводите од пријавата.

Повеќе:

До 13 часот гласале околу 370.000 граѓани

Одзивот до 10 часот - 6,31 отсто, слично како во првиот круг

Денеска во сите обвинителства има дежурни обвинители доколку треба да постапуваат при евентуални изборни нерегуларности, информираше претседателот на Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со изборите, обвинителот Џелал Бајрами. Тој очекува и денешниот изборен ден да помине во позитивна атмосфера.

„Очекувам во мирна атмосфера, каква што се имаше во првиот изборен круг, да заврши и денешниот ден и како држава да се гордееме дека привршуваме изборен циклус без речиси ниту една поднесена кривична пријава и постапување од страна на надлежните обвинителства", истакна Бајрами.