1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас ги потсети комунистите за Мирка Гинова

25 јануари 2019

Одговарајќи им на сите кои се противат зборот Македонија да биде во името на северниот сосед, Ципрас ги потсети грчките комунисти на „славомакедонскиот буквар и Славомакедонката Мирка Гинова“.

https://p.dw.com/p/3C9fz
Griechenland Debatte im Parlament zu Nord Mazedonien
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

„Ова е ден кој ќе се памети во историјата како почеток на една нова ера за Балканот - модерен, европски, демократски, мирен“, порача доцна синоќа грчкиот премиер Алексис Ципрас во парламентот, во пресрет на денешниот - ден Д кога се очекува да заврши последно продолжение на пленарната седница и да се гласа за за ратификација на Договорот од Преспа. Доколку не се пролонгира расправата, се очекува пратениците да гласаат за Договорот во 14.30 часот.

Бурна расправа синоќа ѝ претходеше на денешната седница. Ципрас во својот говор одговори на сите критики од неговиот политичкиот опонент - лидерот на Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис, а направи и ретроспектива на сите отстапки што ги направиле истите политичари кои денес него го критикуваат за „национало предавство“. Според Ципрас „токму инерцијата и одложувањето кои станале доктрина за надворешната политика на Грција, завршувале со постојани дипломатски порази за грчката страна, и резултирале со фактот што повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги САД, Русија и Кина, соседната земја ја нарекуваат Македонија.

„Каде бевте во 2008-2009 година, кога беше договорено визна либерализација за пасоши на македонски граѓани во Шенген-зоната?“, ги праша Ципрас критичарите на Договорот.

Griechenland Debatte im Parlament zu Nord Mazedonien
Грчкиот премиер доби голем аплауз во парламентотФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Завршува последното лицемерие

Грчкиот премиер им се обрати и на пратениците од Комунистичката партија, спомнувајќи ја антифашистичката хероина Мирка Гинова, (родена во село Русилово, Воденско, и осудена на смрт со стрелање на 26 јули 1946 година во Ениџе-Вардар). Тој ја именуваше со македонското име, и со името (Ирини Гини) со кое ѝ се обраќале членовите на грчката Комунистичка партија.

„Не сакам да ја критикувам историјата на Комунистичката партија на Грција, онаа која се однесува на славомакедонскиот буквар кој ваши членови им го делеа во Ташкент на децата на славомакедонските борци на ДАГ. Ниту 70.000 цивилни бегалци кои грчката држава ги лиши од правото да се вратат во својата татковина во 1983 година. Ниту Славомакедонката Ирини Гини, Мирка Гинова, првата жена стрелана во граѓанска војна. Вие и вашите луѓе соочете се со тоа“, рече Ципрас.

Тој ги осуди и нападите против одредени грчки пратеници кои се залагаат за Договорот за Преспа.
„Сите овие денови сведоци сме на екстремни реторика во јавниот дискурс насочена кон конкретни лица, практика на тероризирање на парламентарци и подметнување пожари во куќите на некои од нив“, рече Ципрас, и посочи дека Мицотакис не нашол ниту еден збор за да ги осуди нападите врз оние кои имаат поинаков став за Договорот.

„Национализмот на Балканот доведе до болни авантури и време да излеземе од порочниот круг на национализмите. Последното лицемерие завршува. Пресушуваат резервите на омраза и поделба која ја сееја политички личности и лидери кои не ги почитуваат ниту историјата ниту иднина на двете земји. Од денеска почнува една нова ера за Балканот“, порача грчкиот премиер на крајот од говорот.

Повеќе: 

Грчкиот парламент за компромисот со Македонија: Решението е на дофат

Рељиќ: Ципрас го решава спорот со Македонија и од прагматични причини

Грците поделени околу договорот со Македонија

Претходно, за придобивките говореше и поранешниот шеф на дипломатијата, Никос Коѕијас.

„Постигнавме историски договор. Не сте во можност да направите таков договор, само сакате да го искористите за свои лични промоции“, му реплицираше тој на поранешниот премиер Андонис Самарас, кој рече дека Договорот од Преспа е еднаков на признавањето на иредентистичките амбиции на северниот сосед.

„Договорот ја нарушува нашата национална линија. Тој не ги решава проблемите, туку создава многу повеќе нови“, обвини Самарас.

Лидерот на Потами (Река), Ставрос Теодоракис, порача дека Грција треба да го одобри договорот за името со соседна земја, во спротивност ризикува да биде изолирана од своите западни партнери.

„Ако не го ратификуваме Договорот, земјата ќе биде изолирана на меѓународно ниво. Ќе се судриме со Европската унија. Ќе се судриме со НАТО. Ќе се судриме со САД“, предупреди Теодоракис.

Griechenland - Namensstreit | Protest gegen Abkommen mit Mazedonien | Ausschreitungen
Насилни протести имаше и вчеравечерФотографија: Reuters/C. Baltas

Се бројат инциденти, се мерат рејтинзи

Додека траеше расправата, пред грчкиот парламент се одржа протест против Договорот од Преспа. Иако не беше масовен како оној во неделата, припадници на радикалната десница повторно предизвикаа инциденти. Грчки медиуми објавија снимка од палење на македонското знаме проследена со навредливо скандирање против „скопјаните“, како и други инциденти, заради кои грчката полиција привела 135 лица, од кои 10 биле задржани во полицијата. Повреден бил еден полицаец, а слогани со заканувачка и навредлива содржина биле испишале на ѕидовите од домот на амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пјат.

Жешката атмосфера на грчката политичка сцена се најде и во истражувањето на агенциите за испитување на ајвното мислење. По барање на ТВ „Скај“, агенцијата „Пулс“ спровела истражување, чии резултати покажуваат дека за 10 процентни поени води опозициската Нова Демократија пред владејачката Сириза.
Довербата во Сириза изнесува 22,5%, во Нова Демократија 33%, а трета е Златна Зора со 8% доверба.