1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Чистки“ на новинари во Турција

Е.М. Фиданоска /дпа/афп/ард25 јули 2016

По неуспешниот воен пуч во Турција, „бранот чистки“ од страна на владата ги зафати и медиумите. Издадени се налози за апсење на повеќе од 40 новинари.

https://p.dw.com/p/1JVRo
Фотографија: fotolia/mezzotint

Една и пол недела по обидот за пуч во Турција, владата ги прошири „чистките“ и на новинарите. Државната турска агенција Анадолу јави дека се издадени налози за апсење на 42-ца новинари. Наводно, петмина се веќе уапсени.

Меѓу новинарите против кои е издаден налог за апсење, според Анадолу, е и познатата новинарка Назли Иличак. Таа до 2013 година работеше за весникот „Сабах“, кој ѝ е близок на владата, но по известувањето за еден корупциски скандал доби отказ. Иличак во своите текстови бараше поради скандалот со корупција оставка да дадат повеќе министри на исламско-конзервативната владејачка партија АКП. Извршен е претрес и на нејзиниот дом во Истанбул, објави агенцијата ДХА. Наводно, Иличак во моментов е во Бодрум. Таа пишуваше и за „Бугун“, весник кој според владата е еден од медиумите кои му даваат поддршка на исламскиот проповедник Фејтула Ѓулен. Претседателот Реџеп Таип Ердоган смета дека Ѓулен е одговорен за пучот во земјата. Минатата година владата го стави „Бугун“ под принудна управа, го принуди да заземе АКП-курс и подоцна го затвори.

Во рамките на „бранот чистки“, според наводи на премиерот Бинали Јилдирим од викендот, досега се уапсени повеќе од 13.000 луѓе, кои се осомничени дека му давале поддршка на обидот за пуч. Меѓу уапсените има 8831 припадник на армијата, 1329 полицајци и 2100 судии. Околу 6000 од уапсените се во истражен зтавор. Во новите рации во земјата се уапсени и повеќе од 30 академици, јави ДХА. Освен тоа, од служба се отпуштени повеќе од 60.000 војници, полицајци, судии, наставници и административци. По налог на претседателот Ердоган се затворени и 1043 приватни училишта, 1229 здруженија или фондации, 19 синдикати и 35 здравствени установи.

Symbolbild Medien in der Türkei
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Bozoglu

Шулц: Оваа Турција не припаѓа во Европа

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц оцени дека Турција во моментов не е соодветна за Европа. На прашањето дали земјата во актуелната состојба припаѓа на Европа, тој за весникот „Билд“ денеска вели: „Не, сосема сигурно не.“ Според него, „со репресивните мерки од изминатите месеци и актуелниот развој на ситуацијата Турција самата си ја расипува перспективата за приклучување во ЕУ“. Сепак, Шулц не бара итен прекин на преговорите за приклучување, кои почнаа во 2005 година. Тоа би било можеби опција доколку Турција воведе смртна казна. Во меѓувреме, според претседателот на ЕП, треба да им се дава поддршка на демократските сили во Турција и на земјата да ѝ се помогне во процесот на реформи.