1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

020811 EU Fördermittel

3 август 2011

Шест економски заслабнати земји-членки на ЕУ треба полесно да стигнат до пари од фондовите за развој. Европската комисија неодамна предложи тие земји да сносат само пет проценти од трошоците за проектите, кои ги бара ЕУ.

https://p.dw.com/p/129f7
Фотографија: Fotolia/Dirk Schumann

Грција, Португалија, Ирска, Романија, Латвија и Унгарија наскоро треба полесно да стигнат до пари за европските проекти. Според новиот предлог на ЕК, шесте земји на ЕУ, кои добиваат помош од ММФ и делумно од еврозоната, треба да трошат помалку од сопствените средства за проекти, кои ќе бидат од корист за економскиот раст и отворањето нови работни места.

Регионалниот комесар на ЕУ, Јоханес Хан, го претстави предлогот на Комисијата, според кој финансиското учество на земјите во тие проекти ќе се намали на пет проценти:

„Целта е да се увериме дека европските фондови што им стојат на располагање на тие земји навистина ќе бидат искористени, односно дека земјите побрзо ќе доаѓаат до тие средства“, истакнува Хан.

Моментално 27-те земји-членки на Унијата мора да сносат петнаесет проценти од трошоците за европските проекти. Но, некои од членките моментално се соочуваат со огромни финансиски тешкотии и не се во состојба да го сносат тој товар, така што имаат право да земат само мал дел од парите што им стојат на располагање од европските фондови. Пример за тоа е Грција, која искористила само една четвртина од сумата што можела да ја користи.

Flash-Galerie Krake Tintenfisch Paul Oktopus
Од новиот предлог треба да профитираат меѓу другото и рибаритеФотографија: picture-alliance/Lonely Planet Images

Остануваат истите критериуми за квалитет

Германскиот министер за економија Филип Реслер го поздрави предлогот на ЕК. Според него, тој е на иста линија со начелата на таканречениот германски „Маршалов план“ за Атина, со кој Германија сака да донесе повеќе инвеститори во Грција.

Комесарот Хан сепак нагласи дека и при намаленото финансиско учество на шесте земји, ЕК и натаму ќе се држи до строгите барања за квалитетно изведување на проектите:

„Нормално, проектите како и досега ќе мора да ги поминат контролите за квалитет и мора и натаму уредно да се води сметка за финансиите“, нагласи Хан.

Мерката за помош од Брисел ќе биде буџетски неутрална за шесте држави, за кои е наменета. Нивниот придонес во регионалните проекти ќе се намали на пет проценти, но вкупната сума, што им стои на располагање, нема да се менува. Намаленото кофинансирање ќе биде на сила, се `додека земјите се дел од програмите за помош на ММФ и ЕУ и се однесува на областите рурален развој, риболов, кохезија, регионална политика, како и средствата од европскиот социјален фонд.

Европската комисија сега се надева дека 27-те земји членки на Унијата и Европскиот парламент набрзо ќе го усвојат нејзиниот предлог, со цел неговото спроведување да почне уште следната години. Полското претседателство најави првични консултации околу предлогот овој септември.

Автор: Дорис Симон/Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска