1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Местото на македонската солидарност со настраданите

Свето Тоевски5 август 2015

Три малолетни деца и еден старец загинаа во природната катастрофа изминатиов понеделник во селата Шипковица и Голема Речица, а по уште две лица се трага. Во тетовскиот регион денеска и утре се денови на жалост.

https://p.dw.com/p/1GA6G
Фотографија: picture-alliance/AA/I. Nikolovski

Во невидените поплави по обилните поројни дождови, кои го погодија сиот тетовски регион, околу двесте куќи се оштетени, од кои најмалку 20 во најтешко погодцената Шипковица се целосно разурнати. Досега 80 лица побарале медицинска помош, од кои 11 се тешко повредени - сите жители на Шипковица, Селце, Џепчиште и Мала Речица.

„Во Шипковица се случи ситуација потешка и од војна: во налетот на вода, карпи и кал за помалку од половина час загинаа две деца и еден старец, а најмалку 20 куќи се целосно уништени. Во селото, во три часот по полноќ, дојдоа премиерот Никола Груевски и претседателката на Тетово Теута Арифи. Благодарејќи им ним, на сите државни органи и на општинската власт во Тетово, уште во првите моменти понудена му е основната помош на месното население за што има потреба: храна, вода, итна медицинска помош, лекови. Но, помош е потребна и натаму насекаде. Нема шанса за живот во демолираните куќи.“, ова беа првите зборови на Нијази Кадрија, претседателот на Кризниот штаб на тетовското село Шипковица, кое завчера (03.08.2015) меѓу 17 и 19 часот доживеа досега невидена природна катастрофа и трагедија, која ќе се памети со децении.

Поради обилните поројни дождови, проследени со интензивни електрични празнења и силен ветер, најпрвин дојде до собирање на водите од поројниот дожд во едно импровизирано езерце во месност веднаш над Шипковица, во кое со години наназад несовесни луѓе фрлале најразновидно ѓубре. Набргу потоа започнала со огромна брзина низ стрмите падини на Шар Планина да се спушта водена буица, носејќи со себе и огромни карпи, тешки по повеќе стотици килограми, дрвени трупци, и кал. Наносите од излизганата земја, со карпите и дрвјата, направија вистинска пустош во Шипковица: многу куќи и се уште се затрупани речиси целосно, или делумно со 3 - 5 метри високи земјени наноси. Стотици тони камења, песок, кал и дрвја покрија куќи, штали, автомобили, земјоделска механизација. Претседателот на Месната заедница во Шипковица Зеќирија Ќазими ни изјави: „Оштетени се најмалку 60 куќи, а од нив 20 повеќе не се за никаква употреба“.

Прва на удар била куќата на Хасип Амети, во која во една од собите си играле во тие критични мигови неговите три деца на возраст од 1,5 години, шест и девет години. Тињата, водата и карпите навлегле во куќата низ прозорците и вратите. Мајката успеала да го спаси најстариот син, додека 1,5 годишниот Ритон бил пронајден мртов. Неговата шестгодишна сестричка сѐ уште не е пронајдена. Се претпоставува дека телото на девојчето е и натаму под урнатините и затоа во потрагата на екипите од Дирекцијата за заштита и спасување на РМ е вклучено и армиско куче-трагач, но, се уште безуспешно. „Во тие моменти не бев дома. Децата биле во долната соба од куќата заедно со мајка им и баба им и тогаш водата и земјата надојдоа од сите страни. Собата во приземјето од куќата, каде беа моите три деца со мајка им, почнала да се полни со вода со огромна брзина. Едното дете мајка му го спаси, но другите две се удавија. Телото на Ритан го најдовме, а сестра му најверојатно e уште е во затрупана и удавена во собата.“ , раскажуваше во шок и со солзи во очите таткото Хасип.

Mazedonien Tetovo Überschwemmungen Erdrutsch
Фотографија: picture-alliance/AA/I. Nikolovski

Во соседната куќа настрадала Аниса Муареми на возраст од 14 години, која била дојдена на гости кај дедото и бабата. „Аниса беше во куќата со својата постара сестра. Мајката успеа да ја спаси само својата постара ќерка, влечејќи ја низ прозорецот, додека не можеше никако да и помогне и на Аниса“, раскажуваа жителите на селото. Третата жртва од Шипковица е 83-годишниот Хашим Фазлиу, кој седел во месната чајџилница во моментите кога огромните земјени наноси удриле врз објектот. Другите гости успеале да се оттргнат и да се спасат, задобивајќи потешки, или полесни повреди.

Нешат Фазлија е еден од оние што успеале да се спасат од чајџилницата. „Беше нешто по 17 часот. Во еден момент станав да си заминам и добро направив. Среќата ме спаси: во чајџилницата во која бев навлегоа тиња, камења, дрвја. Не знам како ќе поминев. Целото невреме траеше четириесетина минути. Моето семејство не беше загрозено. Куќата ни е на висинка, над асфалтниот пат, каде што луњата не не зафати. Помина покрај нашата куќа, струполувајќи се на просторот кај селската џамија. Имам 71 година, постојан жител сум на Шипковица, но, вакво невреме никогаш немало. Во еден момент земјата како да тонеше, како да се изгуби чувството што се случува. Се плашам дека се уште не го знаеме крајниот биланс на несреќата. Ќе се најде решение на материјалната штета, но жално е за жртвите, особено децата “, ни изјави Нешат Фазлија.

На просторот на главната улица пред џамијата во Шипковица наносот е висок неколку метри. Десеттици луѓе со механизација и со два огромни булдожера макотрпно вложуваа напори да ги расчистат тие наноси, како и пристапниот пат до ова село со 600 куќи и со околу 3 илјади жители. Сите надлежни државни институции, раководени од премиерот Никола Груевски и Владата на РМ, како и службите на тетовската локална самоуправа, координирани од градоначалничката Теута Арифи, се на теренот и покренаа широка акција за помош на настраданите. „Овде е катастрофа. Ве снашла голема несреќа. Но сѐ што можеме ќе помогнеме. Ќе пратиме екипи за расчистување на патотот, екипи на ЕВН и поголема механизација максимално ќе помогнат. Ќе дојдат и екипи за проценка на штети. Лекови ќе стасаат уште вечерва“, им рече Груевски на жителите на Шипковица. Помош дојде и од Градот Скопје, Црвениот крст на Македонија, од „Ел хилал“ и од други хуманитарни организации. Во Шипковица трае непрекината борба за живот, во која е ангажирана и Армијата на РМ, полицијата ... Во селото е поставен пункт на итна медицинска помош, постојано пристигаат хуманитарна помош, лебови, вода, сокови. Селскиот водовод е речиси уништен. Стотици и 13 луѓе се евакуирани од ова село и привремено се наоѓаат по домови на нивни роднини во Тетово, или во други села, каде што ќе останат, се додека не се оспособи сега уништената електромрежа и водоводот.

Од формираниот Кризен штаб на општина Тетово информираат дека состојбата во Мала и Голема Речица е слична на онаа во Шипковица. И овде надојдената вода од Речичка Река носела огромни камења и дрва, причинувајќи голема материјална штета. Тука било пронајдено телото на седумгодишниот Аријан Ислами од Лисец. Жители на Речица велат дека тој со дедо му напасувале овци во планината и најверојатно водата ги зафатила и ги довлекла до Голема Речица. По неговиот дедо 61 - годишниот Раиф сe уште се трага. Во Мала и Голема Речица, според Кризниот Штаб на Тетово, се оштетени 140 куќи, 50 автомобили и 80 трактори.

Mazedonien Unwetter in Tetovo
Фотографија: DW/Z. Andonov

Состојбата во самиот град Тетово е со далеку помали оштетувања на станбени и други објекти, откако и реката Пена завчера надојде и се излеа од своето корито со поплавен бран, висок и до 3 метри. Како што ни изјави Флорин Бесими, директорот на Клиничкиот центар во овој град, оваа јавна здравствена институција, исто така, претрпела големи оштетувања, бидејќи водите и наносите од песок навлегле во нејзините приземни простории. „Сепак, во ниту еден момент не прекинавме со давањето здравствени услуги на населението. Во текот на ноќта во понеделникот спроти вторникот 16 лица побараа помош директно во болницата, а на терен екипите им пружиле помош на повеќе од 30 лица. Повредените се жалат на набиеници и удари од камења. Допрва ќе ги проценуваме и ќе ги сумираме штетите во болницата“ , вели Бесими. Во изминативе два дена улиците на Тетово, кои по излевањето на разулавената Пена наликуваа на мали езера, се расчистуваат од екипите на локалното јавно комунално претпријатие.

Веднаш по природната катастрофа во тетовскиот регион Владата на Македонија донесе одлука да им се доделат по 500 евра на семејствата на настраданите, а Советот на општина Тетово одлучи на семејствата на загинатите да им помогне со еднократна помош од по илјада евра.

Кои се причините за трагедијата во Шипковица и во Голема Речица, за човечките загуби, дали вината за тоа лежи само во природата? "За оваа трагедија и човечкиот фактор сноси дел од вината. Многу градежен шут се фрла во горниот тек на реката. Поголемиот дел се фрлени бетонски блокови, кои сега реката ги донесе во нашите куќи" , отворено ни рекоа некои од жителите на Мала и Голема Речица. Бајрам Реџепи, жител на шарпланинското село Селце и координатор на советничката група на ДУИ во Советот на општина Тетово, укажува на уште еден момент: „Ова што се случи со Шипковица и околните села во значителна мера се должи и на неконтролираната сеча на шумите на Шар Планина. Затоа, треба сега да се запре тоа, да се започне со пошумување на голините, да се изготви студија и план како тоа да се изведе во наредните години. Потребно е и да започне и со расчистување на одводните канали.“