1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шокот во Каталонија уште трае

Стефани Милер
20 декември 2017

Утре (21.12.) во Каталонија ќе се одржат вонредни регионални избори. Но ни со нив нема да бидат отстранети штетите за економијата, настанати поради политичката нестабилност во шпанската покраина, уверени се експертите.

https://p.dw.com/p/2pgct
Belgien - Pro-Unabhänigkeitsdemonstration für Katalonien in Brüssel
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Барселона до неодамна беше една од најатрактивните туристички метрополи во Европа. Бројот на туристи постојано растеше. Во минатата година овој шпански град го посетија 7,5 милиони туристи. А економијата во Каталонија, според официјалните податоци, во првите два квартала на 2017 година порасна за 3,1 насто во споредба со претходната година.

Меѓутоа, од почетокот на каталонскиот конфликт, се променија многу нешта. Сето тоа врз економијата делува како кошмарен сон: 3000 претпријатија од септември наваму ги преместија своите седишта од овој регион. Странските инвеститори во меѓувреме ја заобиколуваат Барселона. Некои крузери сега попрво застануваат во Валенсија. Поради тоа бројот на посетители на Барселона во четвртиот квартал падна за дури седум проценти. „Штрајковите, протестите, демонстрациите и сценаријата за независност во каталонскиот главен град создадоа амбиент во кој многу луѓе веќе не се чувствуваат добро“, вели Георг Абег, адвокат, специјалист за економски прашања, кој живее во Мадрид.  

Spanien Sabadell-Bank in Barcelona
Фотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS.com/M. Oesterle

Долготрајни последици за имиџот на Барселона

За жителите на Барселона можеби ќе биде предност ако сега градот го посетуваат помалку туристи. На почетокот на годината, Барселона „распукуваше по рабовите“, беа организирани протести против масовниот туризам. Но за економијата оваа штета нанесена на имиџот на градот има далекусежни последици, верува Алберт Петерс од Клубот на германски менаџери во Барселона. „Ние интерно сметаме дека конфликтот околу независноста ќе има последици врз економијата најмалку во наредните десет години. Толку долго ќе треба да се 'залечат раните' и повторно да се изгради доверба“.

Повеќе на темата:

-Каталонија: Предизборна кампања од притвор?

-Каталонија на удолница

-Каталонија - што би значела независноста на економски план?

За Шпанците Барселона досега беше голем музеј, пренатрупан, но занимлив. Состојбите кои владееја во последните месеци, кои за заминување од градот мотивираа и некои странци, сѐ уште се немаат одразено врз цените на становите. Но на имиџот на градот на Гауди и покрај тоа му е нанесена долгорочна штета. Важни инвестиции недостасуваат. Европската аганција за лекови своето седиште од Лондон наместо во Барселона го префрли во Амстердам, а ако штрајковите, протестите и демонстрациите продолжат и во 2018 година, тогаш и раководството на Светскиот конгрес на мобилна телефонија ќе размисли дали да остане во Барселона. Сепак наредниот февруари конгресот ќе се одржи во Барселона.

Избори и потоа?

Шпанскиот министер за економија Луис де Гуиндос смета дека во случај на јасна победа на партиите кои се залагаат за единство на Шпанија на утрешните (21.12.) избори повторно ќе дојде до нормализирање на состојбата. Но шпанскиот професор по економија Роберто Сентено има недоумици: „Проблемот не може да се реши со избори. Со нив повторно може да се воспостави демократијата и да се укине вонредната состојба, но не може да се реши конфликтот меѓу два дела на општеството“.

Spanien - Demonstrationen für die Einheit von Spanien und Katalonien in Barcelona
Фотографија: Getty Images/AFP/P.-P. Marcou

Шпанската банка ББВА исто така смета на  далеку поголеми штети за шпанската економија отколку министерот Де Гуиндос. Банката наведува загуби во брутодомашниот производ до 12 милијарди евра за оваа година. Во анкетата спроведена во средни и мали претпријатија во Каталонија, 42 насто од испитаниците навеле дека политичката ситуација од изминатите месеци мора да земе економски данок.

Португалија би можела да профитира од кризата во Каталонија

Но уште поголемо влијание хаосот, кој владее во регионот со месеци, имаше врз јавниот сектор. Не дојде само каталонскиот здравствен систем до своите финансиски граници, туку од јули 2017 година и јавните работи паднаа од 90 на помалку од 20 милиони евра. Адвокатот Георг Абег верува дека „духот на независноста“ и натаму ќе виси над Каталонија, без оглед каков ќе биде исходот од утрешните избори. Кога станува збор за потрошувачката сѐ уште ништо не се гледа во економската статистика: „Тоа ќе се почувствува дури во 2018 година. Она што веќе сега е јасно е дека Португалија веројатно ќе профитира од оваа несигурна ситуација“. Земјата со десет милиони жители во овој момент привлекува приватни инвеститори и старт-ап претпријатија. Собирот на интернет секторот - Веб Самит штотуку втора година по ред се одржа во Лисабон. Поради тоа адвокатската фирма на Абег, Редл и Партнер отсега има свое претставништво во Португалија. „Верувам дека земјата поради несигурноста во Каталонија има огромна историска шанса“, вели Абег.