1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шојбле: Меркел донесе вистинска одлука во вистинско време

Џеферсон Чејс
31 октомври 2018

Во интервју за ДВ, претседателот на Бундестагот Волфганг Шојбле зборува за заминувањето на канцеларката Меркел. Тој смета дека се работи за „тектонска промена“, но предвидува дека таа ќе го заврши мандатот во Владата.

https://p.dw.com/p/37Q8U
Conflict Zone mit Wolfgang Schäuble
Фотографија: DW/M. Martin

„Меркел донесе вистинска одлука во вистинско време.“ Претседателот на германскиот парламент е убеден дека канцеларката Ангела Меркел ќе го истера до крај четвртиот мандат на чело на владата кој истекува во 2021 година. Волфганг Шојбле оценува дека одлуката на Меркел да ја отстапи челната позицијата во нејзината партија ЦДУ не ја прави „премногу ранлива“ за да ја води државата до крајот на актуелниот легислативен период.

„Откако ќе бидете избран за канцелар можете да бидете симнати од власт само доколку самиот се согласите и доколку постои мнозинство во парламентот кој ќе избере друг канцелар. Тоа е незамисливо во овој состав на парламентот. Затоа нејзината позиција е уставно силна“, изјави Шојбле за политичкото шоу „Конфликт Зона“ на Тим Себастијан.

На Меркел ѝ мина времето

Двајца проминенти ривали на Меркел, министерот за здравство Јенс Шпан и Фридрих Мец, како и нејзината сојузничка Анегрет Крамп-Каренбауер, веќе најавија кандидатура за челната позиција во Христијанско-демократската унија на конгресот кој ќе се одржи на почетокот на декември. Сепак, Шојбле смета дека позицијата на Меркел останува сигурна.

„Партијата ужива во тоа да има канцелар од своите редови, наместо да биде член на друга партија“, вели Шојбле. „Мислам дека партијата ќе се согласи со тоа“.

Прашан за причините за релативно изненадниот пад на Меркел, Шојбле одговара „Никој не знае“. Неговата интерпретација е дека едноставно дошло времето.

Conflict Zone mit Wolfgang Schäuble
Волфганг Шојбле беше гостин во политичкото шоу „Конфликт Зона“ на Тим СебастијанФотографија: DW/M. Martin

„Нашиот западен систем на демократија, владеење на правото и парламентаризмот се под голем стрес. Погледнете што се случи во Велика Британија, местото од каде потекнува модерниот парламентаризам. Најважната одлука во овој век се префрли од Вестминстер на референдум. Тоа е лудо“.

Шојбле додава дека постои нестабилност низ цела ЕУ и зборува за „тектонски промени“ во самата демократија. Тие промени, тој им ги припишува на нарушувањата во традиционалните средства за комуникации од страна на новите технологии.
Во однос на неговата матична партија ЦДУ, Шојбле признава дека трката за наследник на Меркел е веќе започната, но смета дека таа нема да биде „баш крвава“. Сепак, одбива да прогнозира кој ќе ја наследи.

Нема враќање кон национализмот

Во однос на последиците од покраинските избори во земјата на кои двете најголеми партии ЦДУ и СПД во серија ја губат поддршката од граѓаните, Шојбле вели дека „најлошото“ е што десничарската Алтернатива за Германија (АфД) успеала да влезе во сите 16 покраински парламенти, како и во Бундестагот.

Но, тој смета дека десничарските и популистички движења полека го губат здивот, иако признава дека радикалната десница полека станала вообичаена во цела Европа.

„70 години по формирањето на Сојузна Република Германија, се чини дека се движиме кон некаква европска нормалност. Не ми се допаѓа, но тоа е факт“, вели Шојбле.

Тој ја брани политиката на Меркел на отворени врати за бегалците во 2015 година и вели дека станува збор за „големо достигнување“ кое ѝ донесло голема почит на Германија ширум светот. Потенцира дека иако АфД освоила околу 13 проценти од гласовите на изборите во Хесен и на сојузно ниво, повеќето Германци не и даваат поддршка на оваа партија.

„Германија никогаш повторно нема да се врати во национализмот. Големото мнозинство Германци никогаш нема да се свртат кон национализам, сигурен сум во тоа“.