1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штибген: „Најбрзата земја прва ќе влезе во ЕУ“

25 март 2009

Успешно спроведените избори во Македонија се голем чекор напред - смета Михаел Штибген, пратеник во Бундестагот од редовите на ЦДУ и претседател на работната група за европски прашања во парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ.

https://p.dw.com/p/HJIh
Постојат уште низа проекти што Македонија мора да ги „истурка“

Господине Штибген, изборите во Македонија според општите проценки поминаа мирно и без инциденти. Каква е Вашата процена за текот на изборниот процес?

„Се радувам и и’ честитам на Македонија што изборите минаа мирно и што во вториот круг постои голема веројатност да се добие јасен исход на изборите. Сметам дека тоа е важен предуслов за натамошната добра соработка и за напредок во преговорите меѓу ЕУ и Македонија.“

Мирното одвивање на изборите во Македонија се славеше на големо како важен чекор за приближувањето на земјата кон ЕУ. Сметате ли дека Македонија навистина дошла на чекор поблиску до Унијата и ако да, колку е голем тој чекор, според Ваша процена?

„Мислам дека станува збор за голем чекор и затоа Македонија може навистина да биде среќна поради тоа. Постои цела низа отворени проекти што Македонија со право ги турка напред. Сакам за почеток да го спомнам прашањето со визната либерализација, каде претходниот извештај на Европската комисија беше позитивен, a се надевам дека таков ќе биде и следниот, што се очекува Комисијата да го објави во април. Мислам дека сме на многу добар пат, што се однесува до либерализацијата на визниот режим за Македонија.

Исто така многу се радувам на неодамнешната препорака на Европскиот парламент, Комисијата да ги забрза преговорите и по можност да го одобри ослободувањето од визи уште до крајот на годината. Тоа се се’ позитивни чекори и добриот изборен процес е секако позитивен сигнал што дава натамошен поттик во истата насока.“

Како ги оценувате општо перспективите на Македонија за пристапување кон ЕУ?

„Почетокот на преговорите за прием е следниот решавачки чекор. Тешко ми е да кажам однапред, но според мојата процена, во догледно време може да почнат и преговорите за прием. Секако дека и тие ќе потраат некое време, но колку долго ќе биде тоа, зависи од двете страни во преговорите. Мислам дека почетокот на преговорите ќе му даде нов стимул на целиот процес на пристапување кон ЕУ.“

Вашата собраниска група на Христијанско демократската и Христијанско социјалната Унија во програмата за изборите за Европскиот парламент се изјасни само уште за Хрватска како нова членка на Унијата до крајот на оваа деценија. Сите други членки треба да се интегрираат во ЕУ до крајот на идното десетлетие. Што уште треба да ги мотивира политичарите и обичните граѓани, на пример во Македонија, да работат понатаму на тешките реформи - згора на се’ уште и во време на светската економска криза?

„Оваа деценија завршува до крајот на годинава и потоа веќе почнува следната. Јасно е дека само уште Хрватска може да стане полноправна членка, со неа впрочем Унијата преговара веќе со години. Проблем е уште и ратификацијата на Лисабонскиот договор, за кој се надеваме дека ќе биде потпишан во оваа или наредната година. Сегашниот договор фактички не остава простор за натамошно проширување. Цел на ЕУ и посебно на Германија е тој договор да стапи на сила до крајот на оваа или најдоцна до почетокот на наредната година.

Тоа што нашата партија се одлучи за прием на другите земји во текот на наредната деценија, тоа се должи исто така на фактот што не сакаме никому да му даваме лажни надежи. Преговорите за прием и за Македонија сигурно ќе траат уште цела низа години и нема да бидат завршени за една или две. Тоа значи дека целта за прием во наредното десетлетие е сосема реална.

Според моја процена, Македонија е во голема предност во однос на сите други земји од Западниот Балкан. Не смее при тоа да се заборави дека е непходно претходно да се дојде и до расчистување на проблемот околу името. Овде морам уште да истакнам дека се сложувам со препораката на Европскиот парламент, преговорите за прием да не можат да се условуваат со потполно надминување на проблемот со името.“

Не стравува ли Вашата собраниска група дека процесот на прием ќе трае предолго и дека реформските сили во Македонија и во другите земји од регионот можат да го загубат еланот? Нели се плашите дека можат да зајакнат повторно националистичките духови на Балканот?

„Сакаме да сториме се’ за тие духови не добијат повторно сила. Затоа процесот на пристапување и преговорите за прием мора да се водат многу внимателно. Но, кога ќе погледнам како новата влада работи во Македонија, постои надеж дека национализмот ќе биде надминат. Тоа е поизгледно од спротивната варијанта дека национализмот би можел повторно да добие сила.“

Како реагираат Вашите избирачи на идејата за натамошно проширување на ЕУ? Вие доаѓате од изборен круг што се наоѓа во источните германски покраини. Се плашат ли источните Германци од проширувањето на ЕУ?

„Не, не би можело така да се каже. Источните Германци во принцип не се плашеа повеќе од проширувањето на Унијата кон Истокот, отколку другите. Имаше посилни задршки во источните покраини, особено во региони што се послабо развиени, но тоа е поврзано со фактот што таму се’ уште имаме многу висока стапка на невработеност. Поради тоа кај поголем број луѓе владее фрустрација и бесперспективност. Тоа беше една од најважните причини.

Прашањето за приемот на Хрватска, на пример, во источните покраини на Германија воопшто не се третира на негативен начин. Истото можам да го кажам и за целиот Западен Балкан. Значи, не гледам никакви посебни стравови кај источните Германци во споредба со целокупното население во земјата.

Сепак, мора да се каже, а тоа стои јасно и во нашата изборна програма, дека во изминатата деценија минавме низ фаза на многу брзо проширување на ЕУ. Во тој дел од процесот, ние како политичари, одевме побрзо од она што граѓаните во земјите членки можеа да го сварат. Тоа го сметам и ден денес за исправен пристап. Но, затоа сега акцентот мора да го ставиме врз консолидирањето на ЕУ и поради тоа нема да има такви големи и така брзи процеси на проширување.

При тоа останува целта на ЕУ за прием на сите земји од Западниот Балкан. Онаа земја, која е најбрза, а тоа во моментов е Македонија, таа ќе добие и најбрзо шанса да ја оствари целта. Тоа е јасна политичка линија, што ја застапуваат речиси сите политички партии во Германија, со исклучок на Партијата на левицата. За таквиот став партиите имаат и поддршка од нивните избирачи.“

Автор: Горан Чутаноски

Уредник: Трајче Тосев