1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јоханес Хан: Изваден или изгубен во контекстот?

Катерина Блажевска27 јануари 2016

Која изјава на Хан за изборите треба да се смета за важечка: од Пржино, следната од Брисел, онаа од Твитер или последната од „Капитал“ - прашуваат дел од аналитичарите

https://p.dw.com/p/1HkTd
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Лошо преведен“.., „Изваден од контекст“.., „Погрешно разбран“.., „Неточно цитиран“... Сите овие дообјаснувања во изминатите месеци беа поврзани со едно име: на европскиот комесар за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.

Погрешно беше разбран во Србија, многу пати неправилно разбран и дообјаснуван во Македонија, а во последниов случај, негова изјава била „извадена од контекст“ од страна на бугарскиот весник „Капитал“. Такво објаснување даде портпаролката на Хан, Маја Коцијанчич, по неговото интервју за „Капитал“ на 22 јануари, во кое на прашањето за изборите во Македонија, еврокомесарот изјавил: „Не е важно дали сите ќе учествуваат, важен е квалитетот на изборниот процес. На оваа основа можеме да правиме следни чекори и да продолжиме напред“.

„Верувам дека изјавата е извадена од контекст. Позицијата на комесарот останува иста како во последното негово соопштение“, изјави Коцијанчич за македонската новинска агенција „Мета“.

Но, и упатувањето на „неговото последно соопштение“ може да води кон целосна дезориентација, со оглед дека по посетата на Хан во Скопје на 15 јануари, сите негови изјави/соопштенија беа дополнително дообјаснувани од неговиот кабинет и лично од него на неговиот профил на Твитер. Од тој аспект, најтешкото прашање е: кое може да се смета за негово „последно соопштение“?

Она што остава сомнеж, е фактот дека пет дена по објавеното интервју, на страницата на 'Капитал' стои истата формулација, а до денес редакцијата нема објавено дека еврокомесарот или неговиот Кабинет побарале нејзина исправка.

Можно ли е овој висок европски функционер секогаш да е „изваден од контекст“? Зоран Андоновски, Главен и одговорен уредник на новинската агенција „Мета“ се сомнева во ваквото објаснување.

„Еврокомесарот Јоханес Хан е изгубен во контекстот! И последнава потреба да се дообјаснува што всушност сакал да каже за бугарскиот неделник, покажува дека тој, сепак, тешко се снаоѓа во македонскава политичка турлитава и дека (можеби треба директно да му се каже) се загубил во изјавите. Која негова изјава за изборите важи денес? Онаа на ледениот дожд во Пржино, онаа од Брисел, онаа на Твитер или оваа од фотелја дадена за 'Капитал'? Тој само одново и одново ни покажува дека не е сигурен во проценките на ситуацијата во Македонија и во начинот на кој кризата треба да се реши. Оттаму доаѓа и овој манир и скоро редовен тик, преку 'вадење од контекст' да тестира можни решенија или насоки за решенија за нас“, оценува Андоновски.

Рече-порече

Лани во февруари и новинарската бранша остро реагираше на изјавите на Хан. На прашање од новинар од Србија за состојбата со слободата на медиумите во таа земја, Хан одговори дека слушнал за проблемите, но дека му биле потребни докази, а не гласини, и побара да види како се прават рангирањата на медиумските (не)слободи. Жестоко реагираа тамошните новинарски организации, а со реакција се огласија Европската Федерација на новинари и „Репортери без граници“. И тогаш еврокомесарот се обиде да ги дообјасни своите искази. Преку соопштение испратено до дописниците во Брисел, веќе не бараше докази, туку рече дека „тој постојано ја потенцира критичката важност на медиумските слободи како клучен услов за прогрес кон ЕУ“.

Porträt - Maja Kocijancic
Портпаролката Маја Коцијанчич досега во повеќе наврати ги коригираше изјавите на Хан.Фотографија: EU

Македонските граѓани имаат богато искуство од практиката на Хан „рече - порече“. Неговата изјава дадена во Вашингтон лани во јуни, дека „набљудувачката мисија на ОБСЕ генерално давала позитивни извештаи за последните изборни циклуси во Македонија“, наиде на жестоки реакции во јавноста. Таа изјава беше повод лидерот на СДСМ да најави дека нема да присуствува на закажаната лидерска средба во Брисел на 10-ти јуни, бидејќи „изјавата содржи елементи на пристрасност и е несеоодветна во подготвителен период пред одлучувачката средба во Брисел“. И тогаш следуваа објаснувања од кабинетот на Хан дека изјавата не била точно пренесена.

На различна бранова должина

Истото се случува и денес.

„Добро е што во меѓувреме изјавата на еврокомесарот е дообјаснета, но изгледа чудно што тој во неколку наврати бил изваден од контекст или не бил добро сфатен“, вели аналитичарот Даут Даути. Според него ова остава простор за сериозна анализа на поликата на ЕУ: дали таа е веќе изморена од постојаното решавање на кризите во регионов, изморена од внатрешните проблеми со нејзини членки поради економски колапс (Грција, Италија) или поради криза на демократијата (Унгарија, Полска), па често место да решава некои состојби, учествува во компликување на работите?

„Како спорно нешто сега се покажува датумот за изборите, 24-ти април, за кој Заев се согласил со другите тројца лидери, пред да се исполнат останатите услови. Можно е ЕУ, или барем Хан, да не е на иста бранова должина со македонската опозиција и да не ја поддржува во се, особено ако еднаш се договорила за датум на избори, а сега бара пролонгирање!“, смета Даути.

Тој потсетува дека ВМРО-ДПМНЕ во меѓувреме ги искористила сите можни средства и медиумскиот монопол за релативизирање на обвиненијата и сомнежите кон неа.

„Ако опозицијата ја обвинува власта за прислушкување, власта покрена кривични пријави за припадници на опозицијата за истото незаконско прислушкување. Ако опозицијата како крунски доказ за манипулација со изборите ги посочи личните документи на Македонците од Мала Преспа, Албанија, и пред неколку месеци нив ги доведе во врска со т.н. фабрика за фалсификување, власта истиот случај го сврте против Заев и СДСМ. Кој во ЕУ на вакви рашомонски приказни нема да каже 'ајде кршете глава со вашите конструкции и лаги'! Но, како и да е, кој било став на претставник на ЕУ, на кого му е поважно изборите да бидат реализирани по секоја цена за да заврши овој циркуз, без разлика дали предизвикувачот на кризата учествува во нив, би бил непринципиелен и некоректен став. Дури и двете страни да се вмешани во слични афери, сепак на изборите треба да учествуваат сите кои го потпишале Договорот од Пржино, бидејќи без тоа, многу брзо по 24-ти април ЕУ ќе треба повторно да менаџира нов политички процес за нови избори!“, предупредува Даути.

Повик за будење на опозицијата

Аналитичарите во ваквите изјави „извадени од контекст“ препознаваат пробни балони или ладни проби за идентификување на наједноставниот начин за брзо решавање на македонската криза. Дел од нив, читаат и одредени пораки. Според Владимир Лазаревик, претседател на „Има Иднина“, Здружение за унапредување на демократските и политичките процеси во државата, оваа изјава треба да се толкува како повик за будење до опозицијата.

Mazedonien das Parlament stimmt für die Selbstauflösung
Пробни балони за идентификување на наједноставниот начин за брзо решавање на македонската криза.Фотографија: MIA

„Изјавите од високите претставници на Европската Комисија секогаш имаат големо значење, бидејќи преку нив се испраќаат одредени пораки. Јас можам да ја разберам потребата на комесарот Хан да го поддржува процесот на оддржување фер и демократски избори. Но, грешките во изјавите не се карактеристични за дипломати од таков ранг, туку имаат одредена цел. Тој во интервјуто укажува дека е пожелно да се постигне национален консезус по важните прашања за државата, но дека тоа понекогаш и не е можно. Како пример ја посочува Турција. Со други зборови, оваа изјава може и треба да се толкува како повик за будење до опозицијата. Според мене, опозицијата треба да демонстрира поголема мобилност и капацитет да го обедини сиот потенцијал во одбрана на демократските вредности и тоа да го покаже во практика преку граѓански активизам. Да не чекаме некој друг да ја истрча трката за нас“, порачува Лазаревик.