1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе биде тесно за Урсула фон дер Лајен

Бернд Ригерт
16 јули 2019

За да биде избрана за претседател на Европската комисија, на Фон дер Лајен ѝ се потребни 374 гласа во Европскиот парламент. Но, независно од исходот, таа се повлекува од функцијата министер за одбрана на Германија.

https://p.dw.com/p/3M8D3
Belgien Ursula von der Leyen in Brüssel
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Seco

Политички, Урсула фон дер Лајен става сѐ на една карта. „Сакам утре да ја освојам довербата на Европскиот парламент“, твиташе вчера германската политичарка, најавувајќи дека во секој случај ќе се повлече од функцијата министерка за одбрана, сеедно дали денеска (16.07.2019) ќе биде избрана за нов претседател на Европската комисија или не. Таа сака „целата своја сила да ја стави во служба на Европа“, потенцираше Фон дер Лајен. Нејзините поддржувачи, првенствено од групата на Демохристијаните во Европскиот парламент, тоа го толкуваат како позитивен сигнал насочен кон сѐуште скептичните пратеници. Сегашната шефица на Фон дер Лајен, германската канцеларка Ангела Меркел, ја пофали одлуката на 60-годишната политичарка, која сведочи за голем елан со кој таа приоѓа кон новата фаза во нејзиниот живот, како што истакна Меркел.

На Урсула фон дер Лајен ѝ треба поддршка од Социјалистите

Вчера пратеничките групи на Демохристијаните, Либералите и Социјалистите повторно се советуваа околу ставот при гласањето. Демохристијаните и Либералите воглавно искажаа согласност со постојано насмеаната кандидатка, но 182 гласа од првите и 108 од вторите не се доволни за потребното апсолутно мнозинство во Европскиот парламент, кое сега изнесува 374 гласа. Урсула фон дер Лајен, која пред само две недели неочекувано беше предложена за кандидат од страна на шефовите на држави или влади на ЕУ по мачниот кризен самит, безусловно има потреба од преку половината од гласовите на 153 Социјалисти, а дали ќе ги добие, уште е неизвесно.

Гласови од десницата?

Само 16 Социјалдемократи од Германија, кои инаку во Берлин сочинуваат заедничка владина коалиција со ЦДУ, опстојуваат на децидно „не“ за кандидатурата на Фон дер Лајен. „Од принципиелни причини“, мрморат одделни пратеници од СПД, образложувајќи дека таа не беше носител на листа на европските избори и во европски рамки е повеќе или помалку неиспишан лист. Урсула фон дер Лајен не е толку стриктна во поглед на владеењето на правната држава во Полска и Унгарија, претпоставува пратеникот од СПД, Удо Булман. „Не знаеме што сѐ таа им има ветено на десните сили во куќава“, истакнува Булман. Тој алудира на тоа што кандидатката можеби смета на редица гласови од национално конзервативниот табор, на пример од евроскептичната партија Право и правда од Полска. Како против Полска, така и против Унгарија, ЕУ има покренато постапки за проверка дали во овие земји се почитуваат принципите на правна држава, а постапките во меѓувреме се заглавени во Европскиот совет, значи кај членките на ЕУ, а не кај Европската комисија.

Frauenquote Parlament
До последен момент неизвесно како ќе гласаат европратениците во СтразбурФотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger

И некои од групите на Зелените, Левицата или десничарските популисти би можеле, сеедно од кои причини, да гласаат за министерката, која по Валтер Халштајн во 1960-години би била втора политичарка од Германија во ЕУ од највисок ранг. На крајот на таков начин би можеле да бидат достигнати потребните 374 гласа. Но, никогаш нема да се знае целосно кој сѐ гласал за неа, зашто денешното гласање во 18 часот е тајно.

Решавачки говор

Претходно кандидатката, која изминатата недела со часови одговараше на прашања на пратеничките групи, уште еднаш има прилика да го изложи својот еврпско-политички курс, својата владина програма како претседателка на Европската комисија. Таа самата најави „визија за Европа“, во која се залага за поголема заштита на климата, минимална плата во рамки на целата ЕУ, заедничка европска одбранбена политика и јакнење на правата на Европскиот парламент. Тоа го повтори и во своето писмено обраќање на осум страници до пратеничките групи на Либералите и Социјалистите. Од таборот на Зелените стигна критика дека Урсула фон дер Лајен не зазема вистински цврсти ставови, туку дели секакви ветувања на сите, за да собере гласови. Зелените и Левицата се одлучни да гласаат против Фон дер Лајен.

„Ќе биде тешко“

Доколку кандидатката предложена од шефовите на држави или влади денеска не успее, без оглед на интензивното врбување, тогаш мора во рок од четири недели да биде предложен друг кандидат. Парламентот за него би се изјаснил во септември.

Повеќе:

Фон дер Лајен може да настрада од „своите“ Германци

Промотивна турнеја во Европарламентот на Урсула фон дер Лајен

За што се залага Урсула фон дер Лајен?

Урсула фон дер Лајен ја има минато „школата на Меркел“

Вакво сценарио, какво што досега ниеднаш не се случило, многумина набљудувачи го оценуваат како „длабока институционална криза“, борба за превласт меѓу Европскиот совет и Европскиот парламент. Пратеникот од ЦДУ Давид Мекалистер за Дојче веле изјави: „Многумина пратеници се свесни за тежината на влогот. Ако не ја избереме Фон дер Лајен, тогаш со недели вистински ќе западнеме во длабоки тешкотии.“ Токму од тие причини тој е уверен во позитивен исход. Друг пратеник од ЦДУ, Даниел Каспари, поддржувач на Фон дер Лајен, не е толкав оптимист. Во пресрет на одлучувачкото гласање во Стразбур, тој прогнозира: „Ќе биде тешко.“ Познато е дека многумина европратеници можат својата одлука да ја променат спонтано, во последна минута и дури и во текот на гласањето. Затоа, тешко е нешто да се прогнозира

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија