1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се формира ли германска „супербанка“?

Артур Саливан
11 март 2019

Се погласни се најавите дека Дојче Банк и Комерцбанк разговараат за спојување. Доколку двете германски банки се обединат, тоа ќе има големи импликации врз европското, но и глобалното банкарство.

https://p.dw.com/p/3EmqN
Banner Deutsche Bank und Commerzbank
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

Дојче Банк и Комерцбанк, двата великани на германското банкарство следната година ќе прославуваат 150 родендени. Но, се повеќе делува дека веројатно ќе биде доволна една роденденска забава, наместо две. За време на викендот се засилија гласините дека двете банки разговараат за можно спојување. Иако таквите извештаи се уште не се официјално потврдени, малкумина познавачи на состојбите ќе бидат изненадени доколку тоа навистина се случи.
Уште од финансиската криза во 2008- 2009 година, се множат шпекулациите за спојување како најпрагматична опција за спас на Дојче Банка од банкрот, но и на Комерцбанк од странски заинтересирани купувачи.
Во изминатите 11 години, акциите на двете банки паднаа за речиси 100 проценти, а се променија и редица директори кои неуспешно се обидуваа да ги ослободат банките од лошите инвестиции и да ги реструктуираат. Обете банки беа погодени од скандали. Комерцбанк плати казна од 1,3 милијарди евра во САД поради перење пари, а беше под истрага и во Германија поради затајување данок.
Проблемите на Дојче Банк се далеку поголеми. Банката забележа нето загуби од 6 милијарди евра во периодот 2011- 2018, а се водат истраги против неа поради долгогодишни манипулации со каматните стапки и перење пари.
Накусо, обете банки очајнички бараат промена на курсот. Со зајакната поддршка, а можеби и притисок, од германската влада, се чини дека спојувањето станува се поверојатно.

Притисок од Берлин

Со доаѓањето на Олаф Шолц за министер за финансии се случи и драматична промена на курсот на германската влада во односот кон овие две банки. Социјалдемократот постојано го потенцира значењето на силни банки, каква што несомнено би била Дојче-Комерцбанк. Заедничката банка би имала капитална вредност од над 24 милијарди евра, што би претставувало една петина од севкупниот германски банкарски пазар.
Шолц и други кругови во германската влада го сметаат формирањето на стабилна национална банка- наспроти две банки потонати во скандали- за круцијална компонента на германската економска политика, која му е многу потребна на извозниот гигант.
Дополнителен адут на застапниците на обединувањето е идејата дека тој ентитет би бил, на некој начин, „европски банкарски шампион“- што би било особено корисно во доба на кинеска доминација и протекционизмот на САД кој го турка Доналд Трамп.

Deutsche Bank - Paul Achleitner
Првиот човек на Дојче Банк, Паул Ахлајтнер силно ја поддржува идејата за спојувањеФотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Пошироко значење

Доколку разговорите за спојување станат реалност и успеат, обединувањето на Дојче Банк и Комерцбанк ќе има значајни импликации врз европскиот, но и глобалниот банкарски сектор. Овој ентитет би станал вториот најголем позајмувач во еврозоната, зад БНП Париба. Во Европа има околу 6.000 банки, и нивните ослабени профити веќе доведоа до повици за консолидација во индустријата.
И покрај своите големи проблеми, Дојче Банк останува значаен играч на меѓународниот пазаар на капитал и нејзиниот претседател Паул Ахлајтнер силно ја поддржува идејата за спојување, верувајќи дека тоа ќе и помогне на банката повторно да се натпреварува со големите играчи на Вол Стрит.
Фајнаншл Тајмс неодамна цитираше лице блиско до Ахлајтнер кое вели: „Постои вистинска побарувачка за услуги кои не се американски. Американскиот национален интерес можеби и не е идентичен со европскиот. За да станете таква алтернатива, треба да бидете најдобри меѓу останатите“.
Но, не сите во Германија го поддржуваат спојувањето. Синдикатот Верди е загрижен за можна загуба на работни места, додека критичарите опоменуваат дека Германија веќе имала негативно искуство со досегашните спојувања на банки.