1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе стане ли Кина новиот посакуван партнер на Путин?

Томас Колман
7 март 2022

Може ли Кина да ја замени ЕУ како трговски партнер на Русија и што ризикува Пекинг ако пренагласено се поврзе со огромното „царство” на Путин?

https://p.dw.com/p/47in3
China | Wladimir Putin und Xi Jinping
Фотографија: Alexei Druzhinin/Sputnik/Kremlin Pool Photo via AP/picture alliance

Долго пред заострувањето на конфликтот околу Украина, Русија ги интензивираше релациите со Кина и ја зголеми трговската размена. Но, колку реално може економската соработка меѓу двете земји да ги компензира бизнисите во ЕУ кои Русија ги губи како последица на санкциите поради инвазијата врз Украина? Дали воопшто е мудро  Пекинг да го продлабочи јазот со ЕУ и САД заради геополитичка поддршка на Русија? Околу овие прашања се дебатира жестоко во  Пекинг и Москва,  но и во западните метрополи експертски гремиуми разгледуваат различни сценарија за поврзување на „змејот” и „мечката”. 

Економски Кина за Русија сѐ уште нема толкава тежина колку ЕУ. Тоа особено се забележува во енергетскиот сектор. Имено, ЕУ годишно увезува 200 милијарди кубни метри руски гас,  Кина едвај 40 милијарди. 

Трговско партнерство со потенцијал

Размената на стоки и услуги меѓу Русија и Кина во споредба со ЕУ исто така е помала. Билатералната трговија бележи пораст во изминатите денови, но со волумен од 150 милијарди евра не може да се носи со бројките кои се постигнуваат со ЕУ. Дури и во  пандемиска година  во 2020 волуменот беше речиси 175 милијарди евра. Пред анектирањето на Крим, во 2013 година изнесуваше речиси 350 милијарди евра според Институтот на германската економија (ИВД). По анектирањето на Крим во 2014 година санкциите, тогаш ниските цени на гасот и пандемијата си го направија своето.

Томас Јегер смета дека ќе и бидат потребни многу години на Русија за размената со Кина да биде достојна замена за ЕУ. „Не е многу реално да се очекува тоа на краток рок. На среден рок  Русија и онака е ориентирана кон Кина,  особено во однос на испораката на енергенси", вели политикологот кој на Келнскиот универзитет предава меѓународна политика. „За тоа сепак платија цена бидејќи мораа за Кинезите да ја симнат цената на гасот," објаснува Јегер. 

Со други зборови: Пекинг сака да купува евтин руски гас, но може како и изминатите години да се потпре и на поскапиот гас од Катар, Индонезија или Малезија.

Речиси и да нема гасоводна мрежа

До сега само еден гасовод го поврзува Сибир со Кина. Но според проценките базирани на податоци од Газпром, низ 2200 километри долгиот гасовод во 2021 протекле 11 милијарди кубни метри гас, односно третина од максималниот капацитет од 38 милијарди на годишно ниво. Сега веќе десет години стариот гасовод Северен тек 1 долг 1200 километри кој ги поврзува Русија и Германија, има волумен од 55 милијарди кубни метри годишно. Привремено стопираниот гасовод Северен тек 2 би можел да транспортира уште толку на годишно ниво. Дури и во 2020 година европските земји и Турција со нарушени економии поради пандемијата, сепак повлекле околу 168 милијарди кубни метри гас од Русија. Оттаму Јегер смета дека нема да бидат потребни години, туку децении Русија да достигне споредливи цифри со Кина.

Russland | Bau der Gaspipeline Power of Siberia
Изградба на гасоводот „Моќта на Сибир“Фотографија: Gazprom

„Веќе е договорено да се градат нови гасоводи. Но, тоа е проект кој временски соодветствува на преориентирањето на германската економија кон обновливи извори на енергија, што ако биде успешно, треба да се реализира дури во 2045 година", вели Јегер.

Иако двете страни своите релации ги гледаат во контекст на стратешко партнерство за прераспределба на моќта во светот, тие сепак повеќе се „брак од интерес”, оценува Јегер во интервју за ДВ. „Двете страни релациите ги опишуваат како стратешки. Но, тие се сѐ друго освен срдечни. Тоа е брак од интерес против САД и двете страни се обидуваат многу пресметано да ги туркаат своите интереси," заклучува Јегер. 

Јан Бремер, шеф на консалтинг фирмата „Еуроазија груп” смета дека Пекинг во мерењето на силите со САД Москва ја гледа како сојузник. „Важно е да се увиди дека има зближување меѓу  Русија и Кина",  пишува Бремер во актуелна анализа и оценува дека „во случај на ескалација и американско-европски санкции против Русија, кинеската влада веројатно ќе преземе мерки и ќе понуди поголема економска и технолошка соработка и интеграција на Москва". Таков чекор „драматично ќе ги продлабочи релациите меѓу најважните противници на  САД",  вели Бремер. 

Што ризикува Кина

Според проценка на експертот за Кина на ДВ, Цу Цунг Хан, Кина нема да ризикува релациите со ЕУ да претрпат уште поголема штета и Европејците уште повеќе да се повлечат од бизнисите со Кина. Според експертот, за Кина најопасно би било ако САД и ЕУ почнат да испорачуваат помалку високотехнолошки производи во земјата. „Кина би можела да биде предмет на санкции од ЕУ ако пренагласено ја поддржува Русија во конфликтот со Украина”, вели Цу Цунг Хан.

Покрај тоа, Русија за Пекинг не е толку важен трговски партнер како што е Европа: „Кинеските експорти во ЕУ и Велика Британија се десет пати поголеми од извозот во Русија", нагласува тој. „Сето тоа има значаен потенцијал да влијае негативно на кинеската економија."

Балансирањето за Пекинг сè потешко“

Во анализата на кинескиот тинк-тенк МЕРИКС во Берлин се сумира дилемата на Пекинг: „Кинеската влада најверојатно ќе продолжи со тактиката квадратура на круг, избегнувајќи директно да ја критикува Москва и со внимателно избрани дипломатски пораки да се согласи со руските позиции (во позадина можеби со помагање на Русија да ги ублажи последиците од санкциите од Западот).“ Во исто време, Пекинг ќе се потруди да не ги наруши дополнително односите со ЕУ и САД, што ќе биде сè потешко со секоја понатамошна ескалација на ситуацијата.

„Сега кога војната избувна, балансирањето на Пекинг меѓу одржување на важните односи со Москва, но и неопходноста да не се оптоварат дополнително односите со Западот е уште потешко да се спроведе“ нагласува аналитичарката во МЕРИКС, Хелена Легарда.

„За кинеското раководство не се работи само за иднината на  Украина,  туку и за прашањето какви глобални амбиции има Кина и како ќе се позиционира во однос на Западот и Русија на подолг рок,“ вели Легарда.

За Томас Јегер е јасно дека Кина во Русија гледа важен клиент за кинеските производи и снабдувач со енергенси. И покрај тоа, политикологот од Келн смета дека државното и партиското раководство во Пекинг останува претпазливо во однос на Путин. „Сега практично целата руска воена сила се врти кон Запад. Но, подлоста со која се користи секако дека ја забележуваат и во Пекинг,“ вели Јегер.