1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џихадист се станува сѐ побрзо

Матијас фон Хајн/ сн4 март 2016

Нова студија на германската криминалистичка служба и службата за заштита на уставниот поредок истражува кои Германци ѝ се приклучуваат на ИД. Криминологот Даниел Хајнке за ДВ говори за сѐ побрзата радикализација.

https://p.dw.com/p/1I65P
Фотографија: Colourbox/krbfss

ДВ: На Вишиот покраински суд во Дизелдорф и на другите судови во Германија речиси секоја недела започнуваат процеси против повратниците од редовите на Исламска држава. Со исклучок на овие одделни случаи кои се расветлуваат пред судовите, што знаат безбедносните служби за лицата кои од Германија одат во џихад?

Даниел Хајнке: Во моментов поаѓаме од тоа дека над 800 лица водени од исламистички мотиви од Германија заминале за Сирија или во Ирак. До 30 јуни 2015 година успеавме да дојдеме до релативно голем број лични податоци за вкупно 677 лица. Нив потоа ги анализиравме во нашата студија така што веруваме дека сега имаме прилично добра слика за оваа група луѓе.

Што може да се заклучи од податоците со кои располагате?

Заклучивме дека околу 50 отсто од лицата кои заминале да се приклучат на џихадистите во странство се радикализирале за само една година или за уште покусо време- 25 насто во само 6 месеци. Тоа ги негира поранешните претпоставки дека станува збор за бавен процес. Сѐ почесто се работи за релативно куси процеси во кои многу брзо доаѓа до оваа ескалација, до заминување во странство. А што се однесува до опкружувањето: во минатото постоеа бројни теории за тоа дека интернетот има многу силно влијание. Тоа сигурно не може да се негира. Но и натаму може да се каже оти директниот контакт со други лица е пресуден фактор.

Што знаете за возраста и полот на лицата кои им се приклучуваат на џихадистите?

Тоа е навистина фрапантно сознание кое ни го донесе оваа студија: во моментов околу една петина од нив се од женски пол. Тоа веќе само по себе е прилично висок процент. Но поинтересно е она што може да се воочи по прогласувањето на т.н. „Исламска држава“ на 29 јуни 2014 година. По тој датум делот на женски лица порасна за 38 насто. Тоа е многу голем процент и мораме на тоа да му обрнеме повеќе внимание отколку што тоа го правевме во минатото.

Portrait Dr. Daniel Heinke
Даниел ХајнкеФотографија: Heinke

Знаете ли зошто толку многу жени заминуваат во ИД?

Тоа сѐ уште не е детално истражено. Досега безбедносните сили пред сѐ се занимаваа со машките лица кои заминуваат во џихад бидејќи од нив непосредно се закануваше поголема опасност. Жените кои се приклучуваат на ИД ретко учествуваат во борбени активности. Тие во прв ред служат за изградба на инфраструктурата на ИД и им помагаат на борците на терен. Но истовремено тие можат да бидат многу опасно јадро за натамошно радикализирање- ако се вратат во Германија- исто како и нивните машки колеги.

Колку од нив 800 кои ги споменавте, според информациите со кои располагаат безбедносните органи, се вратиле во Германија?

Безбедносните органи во моментов поаѓаат од тоа дека околу една третина од нив во меѓувреме се вратиле во Германија, значи 260 лица. За околу 70 од нив се знае или со голема сигурност се претпоставува оти учествувале во борбите или поминале низ воена обука. Не може да исклучи и тоа дека сѐ повеќе повратници незабележано влегле во земјата заедно со бегалците.

Стручњакот за тероризам Петер Нојман ги дели повратниците на три групи: првата ја сочинуваат разочарани кои се вратиле и велат: „Поинаку го замислувавме сето тоа и тоа не е она што ние го сакаме.“ Тие можеби можат да се дерадикализираат. Вторите се трауматизирани лица на кои им е потреба психолошка и психијатриска помош. И третата група се оние кои и понатаму се за борба. На овие три групи безбедносните органи, но и други органи, мораат диференцирано да реагираат. Тоа значи- одбрана од опасност, но и луѓето на кои им е потребна помош да им се пружи и можеби да се искористат како убедливи сведоци во превентивни цели.

Колкумина од оние кои отишле во регионот каде се води сириската граѓанска војна засекогаш ќе останат таму бидејќи загинале?

Германските безбедносни органи претпоставуваат дека на тоа подрачје се убиени околу 130 исламисти од Германија, во борби или во самоубиствени напади.

Др. Даниел Хајнке работи и истражува на Институтот за полициски и безбедносни истражувања во Бремен.