1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нафта не истекува - конечно!

5 август 2010

По четири месеци битка со катастрофата, конечно добри вести од Мексиканскиот залив. Бритиш Петрол соопшти, а американските власти потврдија, дека нафтата веќе не истекува од отворениот извор на уништената платформа.

https://p.dw.com/p/OcJg
Фотографија: AP

Запрено е истекувањето на нафтата од подводниот извор во Мексиканскиот залив, а што е уште поважно, научниците тврдат дека поголем дел од излеаната нафта во морето, во меѓувреме, се разложила, или пак била исчистена.

Golf von Mexiko Öl Katastrophe
Научниците тврдат дека поголем дел од излеаната нафта во морето, во меѓувреме, се разложила, или пак била исчистенаФотографија: AP

Американскиот претседател Барак Обама го поздрави запирањето на истекувањето на нафтата:

„Добредојдени се вестите кои ги примивме денеска дека напорите да се запре истекувањето на нафтата со операцијата „статично неутрализирање“ се успешни, како и извештајот кој денеска го добивме од нашите научници дека поголемиот дел од нафтата се разложил во водата, или е исчистен. Долгата битка да се сопре истекувањето и да се стави под контрола нафтата, конечно е пред својот крај“.

Експертите на БП претходно соопштија дека успешно ја завршиле првата фаза од операцијата, која предвидуваше затворање на дупката со кал. Деновиве треба да почне следната во која изворот ќе треба целосно да се запечати со цемент.

Воздишка на олеснување

Ölpest USA Golf von Mexiko BP Obama
Барак Обама го поздрави запирањето на истекувањето на нафтата (на фотографијата Обама при посетата на подрачјето погодено од катастрофата)Фотографија: AP

Иако и американските власти и британската компанија признаваат дека претстои уште многу работа, синоќешниот успех беше очигледно олеснување за сите. Добрите вести станаа одлични откако беше потврдено дека од вкупно 780 милиони литри нафта колку што се излеаја во морето, околу три четвртини се успешно исчистени.

„Нашите научници веруваат дека поголемиот дел од нафтата бил разложен од силните ветрови и брановите, или едноставно испарил“, изјави советникот за енергетски прашања на Обама, Керол Браунер.

Во експлозијата која на 20 април се случи на пловната нафтена платформа на БП „Дипвотер хорајзон“, во Мексиканскиот залив, 11 работници ги загубија животите. Инцидентот предизвика досега незабележената еколошка катастрофа на американскиот брег.

Автор: Ана Енгелке / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска