1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема тајни преговори за името

14 јули 2011

Грчката европратеничка Мариа Елени Копа од редовите на владејачката ПАСОК во разговор за Дојче Веле истакнува дека владата и премиерот на Грција Јоргос Папандреу се одлучни да продолжат со преговорите за спорот со името

https://p.dw.com/p/11uvB
Европарламентарката Мариа Елени КопаФотографија: EP

Грчката европратеничка Мариа Елени Копа се смета за блиска до премиерот на Грција Јоргос Папандреу, таа е член на Националниот совет за надворешна политика на Грција, член на политичкиот совет на ПАСОК, а на Универзитетот Пантеон е асистент професор специјализирана за политиката на Балканот. Во разговорот за Дојче Веле, таа нагласува дека и покрај кризата во нејзината земја, во неа постои одлучност за изнаоѓање на решение за проблемот со името на Република Македонија.

„Грчката влада и лично премиерот Јоргос Папандреу е одлучен да продолжи со преговорите за да се дојде до решение на проблемот со името, поради ова беше и последната средба меѓу него и г-динот Груевски“, вели таа.

Антиквизацијата на политиката не е добар избор

„Се разбира, ситуацијата во Поранешната Југословенска Република Македонија не загрижува многу. Антиквизацијата на политиката не е добар избор за да се подобрат односите со соседите. И актот на изградбата на споменикот на „Воинот на коњ“ кој потсетува на Александар Велики не е најдоброто вистинско средство за да се создаде клима на доверба меѓу двете земји. Ние сме многу загрижени, но постои одлучноста да се продолжи и покрај проблемите, ова со цел да се подобрат односите со соседите и пред се со оваа земја, бидејќи ние навистина мислиме дека иднината на балканските земји треба да се создаде во духот на солидарност, доверба и добрососедство“, нагласува грчката европратеничка.

Statue Alexander der Große
Споменикот на „Воин на коњ“ во центарот на Скопје, не придонесува за добрососедските односи, вели КопаФотографија: Petr Stojanovski

Се преговара само во ООН

Околу гласините дека компромисот за решение на проблемот со името се бара во тајни преговори, во кои се споменува дека и таа игра некаква улога, Мариа Елени Копа е категорична.

„Никогаш не сум имала улога во тајни преговори! И никогаш немало тајни преговори! Средбите на премиерите имаа за цел зацврстување на преговорите кои се водат во рамките на ООН, односно да се зајакне процесот кој е спор и тешко еволуира. Но за нас во Грција единствен форум за решение на проблемот со името се ООН. Со исклучок на средбите меѓу премиерите, кои како што реков имаат улога на зацврстување на процесот кој се води во ООН, апсолутно не постојат тајни преговори. “

Откажувањето на досегашниот министер за надворешни работи на Македонија, Антонио Милошоски да продолжи да ја врши истата функција нашата соговорничка не сакаше да го коментира, бидејќи тоа според неа е дел од внатрешната политика на земјата. Но затоа пак таа го коментираше изборот на нејзиниот доскорешен колега во Европскиот парламент Ставрос Ламбринидис.

„Ставрос Ламбринидис е одличен колега, тој многу добро ја познава Европската Унија и проширувањето и мислам дека неговата улога ќе биде позитивна во односите меѓу двете земји. Културата на компромис која владее во европскиот парламент е важна. Грција направи огромни чекори во споредба со нејзините позиции од деведесетите години и сега другата страна е таа што треба да ги преземе потребните одлуки за да се најде идеалниот компромис за двете земји“, вели Копа.

Грчката криза евидентно има последици за земјите од Балканот

Nikola Gruevski und Jorgos Papandreou
Никола Груевски и Јоргос ПапандреуФотографија: MIA

Во однос на кризата која ја тресе Грција и Европската Унија и ризиците за директните соседи од Балканот, таа оценува:

„Засега не можеме да кажеме со точност кое е влијанието на грчката криза врз грчките инвестиции на Балканот, но евидентно е дека има последици. Тоа е нормално. Покрај напорите на грчката влада да се соочи со тешката ситуација таа и понатаму е солидарна со европските перспективи на земјите од регионот. Земјите од регионот е потребно да раменуваат мислења околу кризата, бидејќи ние земјите членки на ЕУ, земјите кандидати и земјите со перспективи за кандидати, ако можам така да кажам се наоѓаме во иста вреќа. Потребно е да се има дијалог и за ова прашање во регионот“, вели на крајот грчката европратеничка Мариа Елени Копа во разговорот за Дојче Веле.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Борис Георгиевски