1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По кусата воздишка берзите повторно во длабок минус

11 август 2011

Една чиста гласина беше доволна повторно да ги разниша светските берзи. Шпекулациите дека Франција е можниот следен кандидат за намалување на кредитниот рејтинг ги фрли во понор индексите на акциите ширум светот.

https://p.dw.com/p/12EpV
Голем минус на Њујоршката берзаФотографија: dapd

Гласините на берзите околу француската кредитоспособност повторно предизвикаа тешки турбуленции на пазарите на акции. Тоа значеше крај за кусиот раст на нивната вредност предизвикан од најавата на американската емисиона банка т.н Федерални резерви дека има намера во борбата против можната рецесија во САД и во наредните две години да не отстапува од стратегијата на екстремно ниската референтна каматна стапка. Најнапред берзите во Европа по добриот почеток на вчерашниот ден на тргување навлегоа во длабок минус. Клучниот германски индекс ДАКС забележа пад од 5,1 процент, а слични загуби имаше и во Париз и во Мадрид. Берзата во Милано пројде најлошо со минус од 6,6 проценти, додека пак Лондонската берза го заврши работниот ден со поумерени загуби од 3,1 процент.

Deutschland Wirtschaft Börse in Frankfurt Robert Halver Kurse auf Talfahrt
Германскиот индекс во слободен падФотографија: dapd

Гласините владеат со берзите

На берзите во Европа вчера се проширија шпекулации, дека рејтинг агенциите би можеле да и ја одземат најдобарата оценка ААА за кредитоспособност на втората во големина европска економија Франција. Тоа доведе до стрмоглав пад на курсевите, а особено беа погодени вредностите на акциите на банките. Во Париз акциите на банката Сосиете Женерал во еден момент бележеа пад на вредноста за 20 проценти, а лошо мина и втората голема француска банка, Кредит Агрикол.

Владата во Париз веднаш и без задршка ги отфрли сите информации за можно намалување на оценката за кредитоспособноста на Франција. Дури и рејтинг агенциите Мудис, Фич и Стандард и Пурс ги отфрлија ваквите шпекулации. Сепак за трговците со акции веројатно беше доволен фактот дека Франција има најголеми задолжувања меѓу шесте европски земји, кои ја имаат најдобрата оценка за кредитоспособност.

Infografik Ratingagenturen Startbild DEU

Банките на удар и на Вол Стрит

На Њујоршката берза на Вол Стрит пак тргувањето со хартии од вредност веднаш стартуваше со минус. Референтниот индекс Дау Џонс, за разлика од значителната добивка во претходниот ден, вчера падна под вредноста од 11 илјади поени. И во САД под особено голем притисок се најдоа вредностите на акциите на банките. Банк оф Америка, Голдман Сакс, Ситибанк, ЏП Морган и Морган Стенли на моменти забележаа минус и до 10 проценти.

На крајот загубите на Дау Џоунс изнесуваа високи 4,6 проценти. По кусото опоравување на берзите повторно водството го презедоа песимистите.

Автор: Улрике Кваст/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска