1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тоа е, сепак, само филм!

Кај Кистнер24 февруари 2009

Дали „Сиромавиот милионер“ е премногу реален, премногу кич или, едноставно, извонреден? Во Индија реакциите се поделени.

https://p.dw.com/p/H0JW
Сцена од филмот кој собра осум оскариФотографија: AP

За „Сиромавиот милионер“, или „Slumdog Millionaire" церемонијата на доделувањето на Оскарите во Лос Анџелес протече како бајка. И сега индиските медиуми повторно го простираат црвениот тепих за филмот. Разговори со творците на филмот, со неговите јунаци, со децата актери кои во мини смокинг и пеперутка-вратоврска се појавија на церемонијата во Лос Анџелес. Накусо, индиската медиумска сцена слави.

„’Сиромавиот милионер’ ве испраќа на патување кое развеселува. Тоа беше добар филм. Јас заборавив на себе и целосно и’ се препуштив на приказната. Тоа се нешта, кои се бараат во еден филм“, вели филмскиот критичар на ценетиот дневен весник „Индиан експрес“, Шубра Гупта. Повеќето експерти би му дале и 100 Оскари на филмот. Ете толку еуфорични се некои од критиките.

Експлоатација на сиромаштијата

Slumdog Schauspieler
Дел од актерската екипа која триумфираше во Лос АнџелесФотографија: ap

Но, сите не се согласни со тоа дека треба да се ликува. Режисерот ја експлоатира сиромаштијата на другите, гласеа некои од обвинувањата за Дени Бојл. Дури циркулираше и поимот „слам-порнографија“. Националистички настроените критичари со задоволство напаѓаа и се жалеа дека филмот покажува премногу ѓубре и нечистотија.

За Гупта тоа е една од причините зошто филмот во Индија привлекол помалку гледачи отколку што заслужува.

„Ние не сакаме да си го видиме ликот во огледало. И одеднаш во кино доаѓа реалноста и луѓето велат: ’Ние воопшто не сакаме тоа да го гледаме, ние сакаме да се забавуваме’“, вели Гупта.

Сиромашните квартови стануваат се` поважни

Ако се прашаат, на пример, луѓето во еден слам во Њу Делхи сличен на оној во Мумбаи, претставен во филмот на Дени Бојл, дали знаат за филм со наслов „Сиромавиот милионер“, се наидува само на зачудено нишање на главата.

Indien Pushkar Markt
За многумина во Индија патот до богатство се граничи со нереалностФотографија: picture-alliance / dpa

„Се обидувме да го направиме тоа и во сламот прашавме 50 луѓе. Тие никогаш не чуле за филмот“, вели Панкај Дубеј, кој раководи со една организација за помош на деца, меѓу нив и на оние од сламовите. Тој вели дека филмот нема намера да биде документарен филм за реалноста во сламовите и само ограничено се осврнува на тоа. Но, зошто фикцијата, поддржана од неколку статуетки Оскар не би можела да има влијание и во реалноста?

„Дебатата што започна по филмот, би можела сосема да им помогне на жителите на сламовите. Луѓето почнуваат, сиромашните квартови да ги сфаќаат како важни места во градот за кои е потребна грижа“ , вели Дубеј.

„Сиромавиот милионер“ е само модерна бајка.

Сепак, луѓето како Панкај Дубеј, кои секојдневно пред очи, уши и нос ја имаат реалноста на сламовите, која не е толку бајковита мораат да укажат на тоа дека филмот сепак е само филм и оти сламот за жал е населба од која само малкумина успеваат: „Начинот на кој главниот актер победува во телевизиското шоу е фикција. Никој од сламот не може така да стане милионер“, вели Дубеј.

Веројатно токму тоа е и причината зошто речиси насекаде во светот има фабрики на соништа - како во Лос Анџелес така и во Индија.