1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

030210 Schweiz Bankdaten Reax

4 февруари 2010

Политичката одлука за купување на спорното ЦД со податоци за прикривање данок е веќе донесена во Берлин. Медиумите откриваат дека од него буџетот ќе добие далеку повеќе од досега претпоставуваните 100 милиони евра.

https://p.dw.com/p/Lrjo
Фотографија: picture-alliance/chromeorange

Понудата на анонимниот информант изгледа придвижи вистинска лавина, што нема да има последици само по германскиот буџет, туку и по „златното теле“ на швајцарските банки - т.н. банкарска тајна. Во меѓувреме, низ германските медиуми циркулираат непотврдени информации дека на даночните власти им биле понудени и други ЦД-а со податоци за тајни конта во повеќе швајцарски банки. Згора на тоа, за ваквите податоци покажуваат голем интерес и други европски земји, чии граѓани можеби се послужиле со истиот трик за затајување данок.

Уривање на табуто

Со тоа расте притисокот врз Швајцарија, каде во меѓувреме поголемиот дел од политичарите се чини сфаќаат дека не можат веќе да избегнат промена на банкарската тајна. По вчерашната седница на владата во Берн, пристигнаа помирливи тонови. Сакаме да останеме во дијалог со Германија, порача владиниот кабинет. Во изјавата исто така се става акцент на новиот договор со Германија за двојно оданочување, во кој треба токму да се најде начин за омекнување на швајцарската банкарска тајна и за подобрена соработка на швајцарските со германските власти во случаи на затајување данок.

Deutschland Schweiz Steuer Verbrechen Finanzamt Schild
Не само Германија, туку за вакви податоци покажуваат голем интерес и други европски земјиФотографија: AP

Претходно политичарите од граѓанскиот табор најавија уривање на табуто. Во иднина нема да биде можно прикривање данок во голем стил, порача пратеникот на Либералната партија, Вернер Месмер:

„Притисокот расте толку, што мораме да го смениме ставот. Не е прифатливо нашата земја да се богати по основа на прикривање данок во други земји. Тоа не може да биде нашата иднина.“

На швајцарските банки им е потребен нов деловен модел

Според проценките во швајцарските банки се наоѓаат меѓу два и три билиона евра од странски вложувачи. Само од Германија има преку 100 милијарди евра кои се неоданочени. Шефот на собраниската група на швајцарските Христијански демократи, Урс Швалер, ги повика банките да се свртат кон поинаков деловен модел:

Schweiz Deutschland Steuer Verbrechen Plakat von HSBC Bank
Швајцарија не смее да биде дувло на даночни криминалци, велат дел од швајцарските политичариФотографија: AP

„Сакаме да не’ сметаат за земја со банки кои се чесни, а не да не’ сметаат за дувло на даночни криминалци и тајни конта.“

И шефицата на собраниската група на швајцарските социјалдемократи Урсула Вис ја повика владата во Берн да не игра на време, туку да најави стратегија за реформи во банкарскиот сектор на земјата. Поголем број политичари се изјаснија дури за тоа странските даночни власти автоматски да добиваат пристап до швајцарските конта во случај на сомнеж за прикривање данок.

Само десничарско-конзервативната Народна партија на Швајцарија е против реформи: „Автоматската размена на информации не смее да постои, ние ќе се бориме против тоа. Ќе се заложиме за зачувување на банкарската тајна“, порача шефот на Народната партија Тони Брунер.

Автор: Паскал Лехлер / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска