1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како сака ЕУ да го намали бројот на мигранти?

Бернд Ригерт
16 август 2023

Заштита на границите, повеќе протерување, одвраќање - тоа се состојките на политиката за азил на ЕУ. Но, дали рецептот е ефикасен? Државите каде прво доаѓаат бегалците и земјите кои се нивна цел имаат различни интереси.

https://p.dw.com/p/4VDgC
Граничари во Грција
Граничари во Грција: Надворешните граници на реката Еврос се повеќе или помалку затворениФотографија: Nicolas Economou/NurPhoto/picture alliance

Оваа година европската агенција за заштита на границите Фронтекс очекува дополнително зголемување на бројот на мигранти и баратели на азил во Европската унија. Минатата година Фронтекс забележа 330.000 таканаречени нерегуларни влезови. Тоа беше најголем број од 2016 година, досегашен врв на миграцијата и бегството во ЕУ. Фронтекс проценува дека оваа година би можело да има повеќе, бидејќи бројот на регистрирани нерегуларни пристигнувања, на пример на централната медитеранска рута кон Италија, пролетва се зголемил тројно.

Некои земји од ЕУ и поранешната членка Велика Британија затоа се обидуваат да ги заострат своите закони и регулативи или практиката во постапката за азил на таков начин што луѓето ќе бидат спречени да влезат, односно ќе бидат одвратени.

Како реагира Германија?

Во Германија, градовите и општините се жалат на преоптовареност од задачите за сместување и интеграција. Околу една четвртина од сите барања за азил во ЕУ се доставени во Германија, иако Сојузна Република Германија всушност не може да биде земја на прв влез поради својата географска локација - и затоа всушност не би била надлежна според правото на ЕУ. Поради тоа, сојузната и покраинските влади се согласија да ги заострат правилата за депортации и претходен депортациски притвор  за мигрантите кои се обврзани да ја напуштат земјата. Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер досега отфрла зголемување на граничните контроли, на пример кон Полска, со цел да се отежнат нерегуларните влегувања. Теренски контроли се прават само на границите со Австрија, која е горе-долу на крајот на „балканската рута“ за мигранти.

Центар за азил во Руанда?

Други земји, како Франција, Австрија, Холандија и Велика Британија, се обидуваат да ги одвратат бегалците со различни мерки. Обединетото Кралство, на пример, се заканува дека ќе го премести водењето на процедурите за азил во Руанда или пак дека мигрантите ќе се интернираат на бродови. Во Данска, пропадна обидот да се отвори центар за азил во Руанда и постапките да се префрлат таму, но владата ги направи процедурите порестриктивни во последниве години. Данска, исто така, со години има гранична контрола со Германија. Во Данска, барање за азил месечно поднесуваат само 180 луѓе. Тоа, споредено со Австрија, каде минатата година месечно се поднесувале помеѓу 4.000 и 11.000 барања, е многу малку.

Двајца полициски службеници придружуваат Авганистанец на лет од Лајпциг за Кабул
Протерување: Двајца полициски службеници придружуваат Авганистанец на лет од Лајпциг за КабулФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Остануваат опасните поморски патишта

Земјите каде прво пристигнуваат мигрантите имаат сосема други интереси. Италија, Грција, Малта, Кипар, Хрватска, а неодамна и Полска, се обидуваат да го отежнат влезот што е можно повеќе. Надворешните граници на копно, како на реката Еврос помеѓуГрција  и Турција, се повеќе или помалку затворени. Остануваат опасните поморски патишта или влез со авион со вистински или лажни визи. Ова се нарекува „заштита на надворешните граници на ЕУ“ и за тоа редовно одлучуваат министрите за внатрешни работи на ЕУ. Италија се обидува да го направи колку што е можно покомплициран начинот за истовар на бродоломците од страна на приватните спасувачки бродови. Ова исто така треба да има ефект на одвраќање.

Според „Њујорк Тајмс“ и организациите за човекови права, грчките, хрватските и полските граничари прибегнуваат кон т.н. пушбекови. Тоа значи враќање назад на мигрантите кои ја преминале границата во земјата од која дошле - без соодветна процедура. Засегнатите власти ги отфрлаат наводите бидејќи оваа постапка, позната и како „рефулмент“, е всушност забранета според европското и меѓународното право.

Суперхерој во очите на мигрантите

Зошто Унгарија речиси нема баратели на азил?

Унгарија, чија влада вели дека воопшто нема да дозволи никаква миграција, практикува пушбекови официјално. Мигрантите без документи може да бидат депортирани без никаква процедура. Унгарија притоа се повикува на „закон за итни случаи“ од 2015 година. Европските судови ја прогласија оваа пракса за нелегална. Владата во Будимпешта ги игнорира пресудите и укажува на, од своја гледна точка,  целосен успех на постапките. Минатата година, само 44 лица поднеле барање за азил во Унгарија.

Унгарија I папата Франциско во посета на Будимпешта
И покрај острите критики од папата за време на неговата посета на Будимпешта во април, унгарскиот премиер Орбан (лево) се одлучува за изолацијаФотографија: Vatican Media/AFP

Зошто Италија сака договор со Тунис?

Италија не може толку ефикасно да ги заштити своите брегови од „нерегуларните мигранти“. Повеќето од 60.000 луѓе кои дошле преку море во првите седум месеци од 2023 година, во италијанските пристаништа доаѓаат со шверцерски бродови, а не со спасувачки бродови од хуманитарните организации. Вистинскиот број на бегалци е непознат бидејќи многу пристигнувања воопшто не се евидентирани.

Поради тоа, италијанската влада сака Тунис да ги спречи мигрантите да трнуваат на пат. Бројот на луѓе кои од Тунис сакаат да стигнат до Италија годинава се зголеми за десетпати. Рутата преку Либија станува сѐ понеатрактивна поради рестриктивен пристап на либиската крајбрежна стража. ЕУ склучи договор за спречување на миграцијата со Либија. Патем, поголемиот дел од бегалците кои пристигнуваат во Италија - не остануваат таму, туку продолжуваат кон север. Само неколку илјади бегалци месечно бараат азил во таа земја.

Шверц на луѓе
Повеќето од 60.000 луѓе кои дошле преку море во првите седум месеци од 2023 година, во италијанските пристаништа доаѓаат со шверцерски бродовиФотографија: MINDS Global Spotlight/Italian Navy/picture alliance

Полска сака да спречи миграција според насоките на ЕУ

Миграцијата е топ тема во актуелната изборна кампања во Полска. Владејачката национал-конзервативна партија ПиС сака да ја спречи имиграцијата и да ја „заштити“ Полска, иако бројот на баратели на азил е многу мал. Според Евростат, во првата половина на 2023 година барање за азил во Полска поднесле 2.785 лица, што ако се земе предвид вкупниот обем на население од 38 милиони, е многу мала бројка. Сепак, полскиот премиер Матеуш Моравјецки се противи на обидите на ЕУ да го реформира заедничкиот закон за азил. На источната граница на Полска се поставува ограда со Белорусија. Моравјецки сака да одржи референдум за повеќе или помалку да ја исклучи миграцијата според насоките на ЕУ. На имигрантите првенствено се гледа како на политичко оружје нарускиот агресор,бидејќи Русија ги испраќа на границата со Белорусија.

Полска | Матеуш Моравјецки на границата со Белорусија
Гранична ограда со Белорусија: полскиот премиер Моравјецки води кампања со мигрантите кои одвај и да ги имаФотографија: Kacper Pempel/REUTERS

Укинување на правото на азил за одвраќање?

Одвраќачки ефект може да има и дискусијата што парламентарниот раководител на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, Торстен Фрај, ја започна на крајот на јули. Фреј се залагаше за укинување на индивидуалното право на азил, кое теоретски е загарантирано во ЕУ, и негова замена со имиграциска квота. Меѓу другото, Фрај тврдеше дека сегашниот систем е неправеден, бидејќи само богатите луѓе или млади, силни мажи ќе ги преживеат опасностите од комплицираниот влез во ЕУ. Постарите, болните, жените и децата имаат мали шанси да ја преминат Сахара или да се качат на чамците.

Всушност, бегалските организации потенцираат дека политиката на ЕУ има за цел да го отежне влезот што е можно повеќе, бидејќи барањето за азил може да се поднесе само на територијата на ЕУ. Оној кој успеал да стигне до ЕУ, во најголемиот број случаи може и да остане, дури и ако барањето за азил му е одбиено. Депортациите во земјата на потекло се и натаму исклучок. Над 90 отсто од сириските и авганистанските бегалци кои стигнале до Европа можат да сметаат со признавање на статус на лица на кои им е потребна заштита. За многу други земји на потекло, како Пакистан или Турција, ситуацијата е токму спротивна. Тука стапката на одбиени барања за азил е над 75 проценти. Во повеќето случаи, сепак, одбивањето не значи и итно напуштање на земјата.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема